Може ли Дојче банк да пропадне?

Постигнувањето спогодбата со американската влада за исплата на казна од 14 милијарди долари за учеството во хипотекарната криза, ја симна вредноста на акциите на Дојче банк на историски ниско ниво.

Откако се појавија извештаи дека банката постигнала договор за исплаќање на казната, ЦЕО-то на компанијата во писмо до вработените призна дека "банката станала мета на шпекулации," и дека "гласините предизвикале значителни движења на цената на нашите акции." И покрај ова тој порачува дека банката има силни основи, и дека се и ќе останат силна Дојче банка.

Евентуалниот крах на Дојче банк би бил еден од најсериозните удари за европскиот економски систем, кој дури сега закрепна од банкарскиот колапс во 2008.

Слично обвинение, и многу посериозно учество во хипотекарната криза, имаа и Леман брадерс, кои во моментот на колапс располагаа со 639 милијарди долари во имот. Откако беше покрената постапка и против Дојче банк, инвеститорите се тешеа дека ако дојде до најлошото Германија ќе се стави во одбрана и ќе ги исплати долговите на банката. Меѓутоа Меркел во неколку наврати повторува дена без разлика што ќе се случи, државата нема да ја спасува банката. Откако истото ова го повтори и пред некој ден, акциите на банката паѓаат под 10 евра за прв пат во историјата.

Маркет воч пишува дека ако Меркел остане на зборот тоа значи дека таа "нема поим како работат финансиските пазари, и не знае да процени колку штета кризата со Дојче предизвикува на пазарите и на економијата на еврозоната." Од друга страна, спасувањето на банката се смета за политичко самоубиство за Меркел, и дека најверојатно ќе и наштети на изборите следната година.

Меѓу помалку апокалиптичните прогнози е дека Берлин најверојатно ќе изврши политички притисок врз САД за намалување на казната од 14 милијарди долари.

4 октомври 2016 - 14:05