Амазон станува невиден монопол

Во петок сабајле Амазон објавува дека го купува ланецот гранапи за здрава храна Whole Foods за 13,7 милијарди долари. Еден час подоцна, акциите на Амазон скокаат за 3% што на компанијата ѝ додава 14 милијарди долари. Практично, се купува за беспари. Каде води таа моќ?

По неколкугодишното експериментирање со доставувањето храна (Амазон фреш) и продавниците без каси (Амазон гоу), купувањето на Хол Фудс е потврда дека компанијата на Џеф Безос сериозно влегува во продажбата на храна, бизнис кој вреди 700 милијарди долари годишно.

Кога некој ќе те купи, акциите обично ти паѓаат. Не и кога купувач ти е Амазон па акциите на Хол Фудс за еден ден пораснаа за речиси една третина.

Амазон се појави како посредувач при купувањето книги, па стана посредник при купување многу други работи а таа улога толку метастазираше шо е прашање дали американската економија денес може да опстане без тој среден играч. А не е само посредник бидејќи во меѓувреме стана и произведувач на стоки и услуги. 

Како најголемиот онлајн продавач на средства за домаќинства, Амазон се натпреварува со Волмарт, Таргет и Бед, бет & бијонд. Како продавач на чевли и облека, се трка со ДСВ, Фут локер и Гап. Како дистрибутер на музика, книги и телевизија, се гази со Епл, Нетхликс и ХБО. Последната деценија Амазон го купи и најголемиот онлајн дуќан за чевли, најголемиот онлајн дуќан за пелени и најголемата онлајн продавница за стрипови.

И успешен е на сите полиња. Лани преку интернет продал шест парти повеќе од Волмарт, Таргет, Бест бај, нордстром, Хоум депо, Мејси, Кол и Костко - заедно. Истовремено, Амазон лани сам генерираше 30% од целиот раст на американската малопродажба (онлајн и офлајн комбинирано).

И тоа не е сè. Пред три години го купи Твич, главниот играч во една милијарда долари вредниот е-спорт. А оперира и веб сревиси вредни 12 милијарди, за рентање сервери, бендвит и компјутерска моќ на компании како Нетфликс, Дропбокс, Тамблр, Пинтерест. И американската федерална влада се потпира на веб сервисите на Амазон.

Порано критиката на Амазон се фокусираше на нивниот посреднички сервис преку кој малите продавачи можеа да стигнат до голем број муштерии. Се тврдеше дека тоа Амазон го користи како лабораторија - кога ќе види што се продава како алва, почнува самиот да произведува алва.

Но, актуелната моќ на компанијата е многу посериозна и засега ги избегнува имунолошките системи на економијата, преточени во анти-монополски закони за закони за заштита на конкуренцијата. Тие системи се палат на покачување на цената, што обично е индикатор на нечија привилегирана пазарна позиција.

Иако самиот Трамп е голем  критичар на Амазон и одамна најави преиспитување на неговата пазарна позиција, Џеф Безос засега успева да расте без да ги запали алармите, бидејќи не носи поскапување на производите. А волкот е сит и кога овците се на број, не па кога стадото постојано расте.

Па сепак, американската економија се темели на отворање сопствени бизниси кои растат во тек на повеќе генерации и стануваат богати и моќни. Денес е тешко да се замисли дека некој разумен може да посака да влезе во бизнис во кој веќе е влезен Амазон.

 

18 јуни 2017 - 18:01