Сириските бегалци што им плаќаат на шверцери за да ги вратат назад

Тоа што бегалците веќе не се "трендинг" не значи дека нешто е средено, туку само дека повеќе не пешачат по европските автопатишта па на никого не му прават незгодно. Во меѓувреме европските политики за бегалците, ретко кога успеваат, а ситуацијата во грчките кампови е толку лоша што Сиријците немаат друга опција освен да се вратат од кај што дошле.

Додека Европа се свести и се организира стотици илјади Сиријци преку Турција и Балканот пешадија стигнаа до Германија или кој и да им беше рајот на Западот од континентот. Освестувањето на ЕУ се случи во март 2016, кога континентот беше речиси херметички затворен за бегалците. Оние што се уште патуваа беа блокирани пред границите на кои се затекнаа во моментот кога беше воведена забраната. Една од главните точки на европскиот план беше и дека грчките власти сите нови бегалци ќе ги сместуваат во привремени центри, ќе ги идентификуваат и ќе ги депортираат во Турција која презема одговорност да се грижи за бегалците.

Како и во остатокот од земјите на балканската рута, кога почнаа да се затвораат границите и Грција остана со дел од бегалците кои веќе беа длабоко на нејзина територија (десетици илјади), од кои голем број веќе некое време сместени во приправени кампови во македонскиот дел од Грција каде ја чекаа следната, и веројатно најкратката, етапа од нивното патување - влегувањето во Македонија и стигнувањето до српска граница.

Новинарка на ПРИ, Џејн Карстенсен, разговара со бегалци кои од февруари годинава се заглавени во Грција, чие досегашно корисничко искуство од Унијата е дека "европските лидери ги третираат бегалците во Грција полошо од кучиња." Неправдата што посебно ги удира во нерви е дека непробојно затворените граници и понатаму лесно се минуваат за оние кои имаат доволно пари за да најмат шверцери.

Таер ал Наим, кој моментално е заглавен во Грција, веќе се има откажано од "европскиот сон" и на Карстен и ја доловува целата ситуација објаснувајќи:

"Дајте ми пари да му платам на шверцер и одма ќе се вратам во Сирија. Таму барем брза е смртта. Тука умирањето е полека."

За разлика од Наим, кој 5 месеци минува на Идомени, се до затворањето на кампот, Ахмет е бегалец кој со своето семејство и 9 други е сместен во хотел во близина на железничката станица во Солун, на сметка на УНХЦР. Тој е пред еден месец преселен во хотелот откако претходно живее во Софтекс бегалскиот камп во околината на Солун.

Неговиот рапорт за моменталната ситуација на теренот е дека "секој ден групи бегалци се собираат и разговараат за враќање во Сирија. Знам многу луѓе што би се вратиле кога би ги имале парите." Според Ахмет луѓето "сакаат да се враќаат затоа што тука е понижувачки", а кога машко ќе се врати во Сирија единствена работа која го чека е војник за некоја од трите завојувани страни (власт, бунтовници, ИСИС).

Таксистот што ја носи Карстен до Софтекс кампот и објаснува дека тоа е "областа со комарци во Солун" и дека таму вечерно време не можеш да излегуваш.

"Храната во кампот доаѓа од компаниите што ја снабдуваат грчката војска, и таа е причина за поплаки во сите 50 владини кампови. Не само што порциите повремено се скапани, туку со минување на времето, луѓето ја изгубиле способноста да купуваат своја храна за да го надополнат репетитивното мени," пишува Карстен.

Инаку, европската експедитивност комплетно крахира на терен во Грција, каде властите се должни да ти идентификуваат и регистрираат сите бегалци, пред тие да можат да побараат азил во Грција или обединување со семејствата каде и да им се во ЕУ. Карстен објаснува дека грчката служба за азил од сам старт нема доволно финансии и доволно кадар, па како последица системот за регистрација работи ретко и лошо. Фрустрирани од бирократијата, голем број бегалци решаваат да не се регистрираат.

Дури и планот на ЕУ од 2015 за преземање 160 илјади бегалци од Грција и Италија и нивно распоредување меѓу 28-те членки на ЕУ, не успева заради комплексната бирократија, непотполна документација, немањето потребни информации предвидени со него (ама и тоа што азилантите немаат право да бираат кај ќе одат, туку како ќе им се падне). Од ветените 160.000, до 6 октомври годинава ЕУ презема 4.603 бегалци од Грција и 1.268 од Италија, што е стапка на исполнителност од 4%.

Според директорот на Хјуман рајтс воч за Европа и Централна Азија, со оглед на моменталната ситуација и незаинтересираноста на ЕУ не ни треба да се очекува дека планот нешто подобро ќе функционира во претстојниот период.

Целиот текст тука

4 ноември 2016 - 10:28