Ролни со цимет (Cinnabon)

Го достигнав врвот! 

Потребни состојки:

  • 240 мл млеко
  • 2 јајца
  • 75 г маргарин
  • 600 г брашно
  • 1 лажичка сол
  • 100 г шеќер
  • 1 ќесичка сув квасец
  • кафеав шеќер
  • цимет
  • путер
  • за прелив:
  • 120 г путер
  • 225 г крем сир
  • 1 лажичка ванила екст.
  • 60 мл млеко
  • 600 г шеќер во прав

Значи, значи!!! Побудалена сум по Cinnabon! Светла точка ми се при одење на шопинг во Солун, поточно Космос. Толку не сакам да шетам по продавници, а камоли молови, тоа е просто неверојатно за жена. Ама ете, ме има и мене.

Таа гужва, толку многу луѓе на едно место, ми прави неверојатен с'клет, телото ме пецка од непријатност. Но кога си во друштво што спобудалува по продавници, тогаш мора да одиш со нив. И издржувам, вака или така. А што се однесува до Космос, во тој момент ме држи само една мисла, како на крај ќе јадам „Cinnabon“. 

Е сега, бидејќи не сум го посетила Космос долго време, се зажелев по нешто циметасто. Па затоа решив да си направам синабон дома. Морам да признаам дека не се прават брзо, од проста причина што е тесто и мора да го чекаш да стасува. Али го чекав и го чекав и си го дочекав, за на крај да сум горда на самата себе за тоа што сум го направила. 

Драги мои, нема поубаво чувство кога ќе видиш резултат, кога ќе го видиш твоето дело. Можеби овој рецепт има многу состојки и одзема време, но верувајте дека на крај се исплати секоја минута. А за тие што мислат „нема шанси мене вака да ми искочат“ и нема да ги направат, нема никогаш да дознаат додека не пробаат!

Чекори за подготовка:

  1. Прво што ќе направите, ќе го згреете млекото (не да зоврие, туку да биде топло кога ќе го допрете со малиот прст) и ќе го растопите маргаринот.
  2. Топлото млеко ставете го во голем сад во којшто планирате да го правите тестото. Ставете го квасецот и со рачна маталка убаво измешајте. Додадете ги јајцата (убаво би било да бидат на собна температура и кратко изматени), стопениот маргарин, солта, шеќерот и брашното.

  3. Со дрвена лажица убаво соединете ги состојките.

  4. Кога ќе приметите дека веќе тестото почнува да се оформува, ставете го на работна површина попрскана со брашно и почнете да го месите. Доколку приметите дека ви се лепи и на површината и на прстите, малку по малку додавајте брашно додека да почне да не лепи. Месете го добри 5-10 минути. Оформете топка и вратете ја во истиот сад од претходно.

  5. Покријте го садот со крпа и ставете го на парно за да стаса или да се зголеми дупло. Поточно 1 час. Во меѓувреме направете ја глазурата или преливот. Путерот треба да биде на собна температура, како и крем сирот. Доколку не ви се чека, ставете ги заедно во микро на неколку секунди. Ќе приметите кога е мек путерот, тогаш е спремен. Во истиот сад додадете го екстрактот од ванила, млекото и пола од шеќерот во прав.

  6. Со миксер ќе матите (на најслаба брзина) и полека ќе го доставате останатиот шеќер во прав. Кога ќе ви се соединат состојките, уклучете го миксерот на најбрзо и матете 1-2 минути. Откако ќе завршите, ставете го преливот во фрижидер.

  7. По изминатиот час, тестото треба да ви изгледа вака.

  8. Ставете го на работна површина попрскана со брашно и размесете го малку. Сега земете сукало и расукајте го во вид на правоаголник.

  9. Земете путер што е на собна температура, т.е. мек и размачкајте го низ целата површина. Врз путерот попрскајте убаво со цимет за да ја покриете површината и истото направете го со кафеавиот шеќер.

  10. Оставете од страна 1-2 см празно за да може да се залепи кога ќе го ролате. Со сукало поминете врз сите состојки за убаво да се залепат една со друга.

  11. Сролајте го тестото како што ролате тепих.

  12. Земете конец за заби или рибарски конец и сечете го на парчиња. Доколку немате ни едно ни друго, сечете ги со остар нож.

  13. Исечете го на еднакви парчиња. Треба да ви излезат околу 12.

  14. Земете правоаголна тава и намачкајте ја целата со путер. Ставете ги парчињата  и повторно ќе ги покриете со крпа и ќе ги ставите на парно додека не ја зголемат нивната големина за дупло. Уште еден саат поточно :)

  15. Откако ќе стасаат, ставете ги во загреана рерна на 200 степени и печете ги 20 минути.

  16. Веднаш штом ќе ги извадите, ставете пола од преливот. Почекајте да се оладат и додадете го и останатиот прелив.

  17. Јас не дочекав да се оладат скроз и веднаш изедов едно. Морам да признаам, оргазмични се!!! Пробајте, направете ги и ќе ви стане јасно за што зборувам!

Препорака:

Станете сабајле, направете си кафе и послужете си еден синабон, како што ви личи! ;)
18 ноември 2016 - 14:11