Равиоли со спанаќ сос

Поедноставна не може да биде!

Потребни состојки:

  • равиоли (купечки)
  • спанаќ 
  • павлака за готвење
  • мини моцарела
  • пармезан
  • лук
  • маслиново
  • путер
  • сол и бибер (купечки)

Пред неколку дена Ана Пумба (ја знаете од Метрополис радио, поточно од Петар за појадок и пауза) ми направи интервју. Се сретнавме пред неколку месеци и ми вели „Значи приказните во рецептите ми се најомилени, мора да направиме интервју“. Откако излезе интервјуто, многумина ми го кажаа истото, приказните! Ако сте го прочитале, ќе знаете дека овие приказни ми се моментална инспирација, се разбира поврзана директно или индиректно со јадењето. Еве ме сега, со цел притисок што непотребно го чувствувам, седам и пробувам да напишам нешто. Во позадина си тече „How I met your mother“, јас седната на под, со поднамуртено чело и цигара во рака и пишувам (зема дим).

Ова е можеби еден од наједноставните рецепти, кој верувам дека на многумина ќе им се допадне. Особено на другарките-вегетаријанки што ги утепував со сланина (guilty). Обично сакам да си правам домашни равиоли, но овојпат решив да купам готови бидејќи ми се брзаше. Ги купив случајно стоејќи пред фрижидерот во маркет. Стоев така здрвено со корпата во рака и со очите шарав лево десно по рафтовите, во главата го правев рецептот, а од позадина слушам глас:

- Девојче? Девојче? ДЕВОЈЧЕ? (постара госпоѓа со плава коса врзана во пунџа и наочари со синџирчиња што ѝ беа спуштени на нос)

- М? Да?

- Можам да ти помогнам некако? Некако збунета си ми!

- Не, не, благодарам! Само си го правам рецептот во глава.

- (со тивок тон) Мхм, си го правиш рецептот. Добро, ако треба нешто тука сум!

- Благодарам уште еднаш! 

Ја наполнив корпата со сè што ми беше потребно и тргнав накај дома!

 

Чекори за подготовка:

  1. Го одбрав смрзнатиот спанаќ од причина што се брзав, нели, башка кој ќе чисти сто саати. Извадете 7-8 грутки (кај мене се повеќе, ама многу сос испадна) ставете ги во тава и оставете ги на оган да се одмрзнат и во исто време да испари водата што ја имаат.

  2. Откако ќе испари водата, пропрскајте го спанаќот со маслиново и ставете една лажица путер. Пропржете малку и додадете едно до две чешниња лук. Ситно сецкан.

  3. Додадете ја павлаката за готвење. Отприлика 200 мл, промешајте и ставете ја мини моцарелата. Можете и голема да ставите и да ја исечете на парчиња, се разбира. Зачинете со сол и бибер.

  4. Промешајте убаво и кога ќе видите дека моцарелата се растопува, изрендајте пармезан.

  5. Намалете ја ринглата и оставете да се крчка додека ги сварите равиолите. За нив се потребни само две минути.

  6. Кога ќе бидат готови, исцедете ја водата и имате опција да ги ставите сите во сосот и да измешате или како што направив јас. Во чинијата подредени во круг и одозгора сосот. Се разбира, изрендајте многу пармезан и поросете со бибер. Уживајте!

Хинт:

Наместо моцарела може да ставите блучиз за поинтезивен вкус.
29 декември 2016 - 13:17