Канелони со спанаќ

Плус рикота и блучиз!

Потребни состојки:

  • канелони
  • спанаќ (замрзнат)
  • рикота 200гр
  • блучиз 100гр
  • пармезан 50гр
  • лук
  • бешамел

Ќе бидам искрена. Тргнав да пишувам една приказна по повод денешното јадење, но комплетно сум дефокусирана. Ја имам во глава, ама не можам да ја склопам. Причината за тоа е проклетиов месец фебруари. Да, имам мачка. И да, сака да се пари. Боже колку е неподносливо мјаукањето, а и звуците што ги испушта. Јас сум сигурна дека барем еднаш во животот сте се нашле во ситуација да ви мјаукаат мачки под прозор. Е тоа мене ми се случува дома! Сочувствувајте се со мене. Башка и неспиена, но тоа сега не е темата за разговор.

Како и да е, тоа не значи дека нема да го споделам со вас овој лесен и супер вкусен рецепт.

Чекори за подготовка:

  1. Во подлабока тава ставете коцка путер да се растопи. Додадете и малку маслиново за да не загори. Ставете две чешниња ситно сецкан лук.
  2. Ставете го спанаќот (претходно одмрзнат). Промешајте убаво за секаде да навлезе лукот. 
  3. Откако убаво ќе се пропржи спанаќот додадете ја рикотата и плавото сирење. Зачинете со сол и бибер и мешајте додека не добиете изедначена смеса. 
  4. Земете ги канелоните и едно по едно полнете ги со филот. Можете со готварски шприц или пак со лажичка. Ви препорачувам да е малце оладен, освен што може прстите да ги изгорите, од самата топлина може да се распукаат самите канелони.
  5. Едно по едно наредете ги во тава за печење. Полијте ги со бешамел. На вас оставам дали ќе го купите или ќе го направите сами. 
  6. Ставете ги да се печат во претходно загреана рерна 40 минути на 180 степени. 10 минути пред крај извадете ги и изрендајте го пармезанот.
  7. Обично се служат по два до три канелони, немојте да се изненадите ако изедете шест!

Варијанта 2:

Пред да го ставите бешамелот полијте ги со доматен сос!
24 февруари 2016 - 20:58