Фудбалскиот пат на Марко Асенсио

„Сењор Перес, ова е син ми Марко и тој ќе игра за вашиот клуб“

Марко Асенсио има 20 години, а веќе важи за еден од најголемите таленти во историјата на шпанскиот фудбал. За три години поминал пат од четвртата лига до еден од најдобрите клубови на светот.

„Тој не дава голови, туку голчишта“ - велат за Марко Асенсио во Шпанија, каде младиот играч од средниот ред на Реал постепено стана локалниот Ван Бастен.

А зошто Ван Бастен кога Холанѓанецот никогаш не играл за шпански клуб, а во 1989. година со Милан го растури Реал во полуфиналето на Купот на европски шампиони?

Мајката на Асенсио е Холанѓанка. Родена е во Ротердам, и Марко поради тоа го бараа да игра за „лалињата“. Во октомври минатата година, навивачите на најпортокаловата селекција на светот покренаа иницијатива на социјалните мрежи за Марко да заигра за Холандија со хаштаг #AsensioWillemseninOranje.

Уште тогаш знаеле дека Марко Асенсио Вилемсен ќе биде права ѕвезда и им требал таков играч да ги разбуди заспаните фудбалери на Oranje. Акцијата станала сериозна кога Ван Нистелрој лично го контактирал Асенсио и му предложил да размисли за настап за Холандија. Руд не случајно му ѕвонел на Марко затоа што за Асенсио Ван Нистелрој е пред сè легендарен напаѓач на Реал, а потоа еден од помошниците на Дани Блинд. Во семејството Асенсио традиционално се навивало за Реал Мадрид, така што еден повик од поранешен играч на „Бланкос“ лесно можел да го убеди младиот фудбалер.

Но не и во случајот со Марко. Тој ја одбил холандската фудбалска федерација па дури и кога играл во Сегунда знаел дека негов сон се Реал и Шпнија. Поради тоа во мај 2016. година, додека фудбалерите на Барселона, Реал и Атлетико се спремале за финалето на ЛШ и Кралскиот Куп, Асенсио заигра за Шпанија.

Прво на 17. мај го викнаа него и соиграчот од Еспањол Пау Лопез за пријателската против БиХ, а сонот да заигра за „Црвената фурија“ му се оствари на 29. мај годинава во победата 3-1 против Швајцарија.

Висенте Дел Боске го викна Асенсио и на подготвителниот собир пред ЕП 2016 и го нарече „главниот талент на шпанскиот фудбал“.

„Ла Роха“ е сениорската репрезентација на Шпанија, а „Ла Рохита“ во Шпанија ја викаат младата селекција. Во неа Марко стигнал уште во 2012-та и одлично ја знаел базата во Лас Росас каде тренираат разни генерации на Шпанија. Марко играл за U16, U19, U21 и во 2015-та стана шампион на Европа до 19 години. Во таа селекција играле уште и Борха Мајорал и Хесус Ваљехо - играчи кои ја делат фудбалската судбина на Асенсио.

Сите тројца стигнале во Реал, но Борха и Хесус веднаш биле пратени на позајмица во Бундеслигата: едниот во Волфсбург, другиот во Ајнтрахт. 

Марко поминал долго време на позајмици, но знаел дека така фунцкионираат младите играчи во Мадрид кои морале да одат во разни средини. Меѓу другите авантури, Марко едно време во Сегунда во Мајорка работел со тренерот Валери Карпин кој многу му помогнал.

Детето на Мајорка го напуштил главниот клуб од Балеарските острови кога имал 11 години, а после шест години се вратил и дебитирал за првиот тим. За две неполни сезони Марко на 56 меча постигнал 7 голови и имал 10 асистенции и вредноста му се кренала на 3,5 милиони евра.

Во Мадрид не сомневале дека Асенсио ќе дојде кај нив и во декември 2014-та потпишале договор со него. Марко го сакала и Барселона и за него, како и за секој талентиран Шпанец почнало „Ел Класико“. Спортскиот директор на Барса, Антонио Зубизарета лично зборувал со неговиот пријател Мигел Анхел Надал кој работи во Мајорка. Но легендарниот голман се помирил: Асенсио веќе се договорил со Реал кој за него дал 3,5 милиони евра.

Во Мадрид знаеле за интересот на Барса и го пратиле новиот фудбалер во Каталонија, на „шпионска“ позајмица во Еспањол. Во тоа време во Еспањол Реал ги пуштил уште и Кико Касиља, Хозе Каљехон и Лукас Васкес.

Ова бил прав потег за Асенсио затоа што психички и физички се спремил за највисоко ниво и со 10 асистенции станал шестиот најдобар асистент во лигата минатата година. Пред него биле само Меси, Суарез, Коке, Нејмар и Кристијано. Фактот дека Асенсио го одбрал Реал не изненадува, за разлика од Иско, исто Балеарец како Марко.

Иско на времето многу ја потенцирал својата анти-мадридиста припадност, па дури и се сликал со дрес на Барса. Од детството, Марко Асенсио сакал да заигра на „Сантијаго Бернабеу“, па дури и како мал имал членска карта со негова слика во дрес од Реал. „Не мислевме дека кога тогаш ќе стане играч на Мадрид, но секогаш знаевме дека ќе заигра за голем клуб. Во неговиот мадридизам никој не сомневаше“, велат првите тренери на Асенсио од Мајорка.

Од таа причина талентираниот везен играч пред две години го одбил Пеп Гвардиола и Баерн Минхен. На сите им било јасно дека тој сака да го носи само белиот дрес.

Така и се случи, а Марко дебитираше за Реал Мадрид со број 26 на грбот на европскиот Супер Куп против Севиља. Потоа во август 2016-та дознавме се. Првиот гол за Реал го постигна токму на дебито во норвешкиот Трондхајм кога даде еврогол од 25 метри.

Неколку тренинзи во Северна Америка (таму Реал беше на подготовки летово) и голот против Севиља во агол на репрезентативниот голман Серхио Рико беа доволни на Асенсио да му отворат шкафче во соблекувалната на Бернабеу. Зидан на прес-конференција го пофали својот млад играч и рече дека дефинитивно ќе остане во првиот тим.

И покрај фактот што конкуренцијата во Реал е пеколна, особено во средниот ред, Асенсио на најдобар можен начин го искористи отсуството на Модриќ и Каземиро и ги победи конкурентите Иско, Хамес, Лукас Васкес и Маркос Љоренте (пред крајот на преодниот рок го позајмија во Алавес). Марко Асенсио важи за играч со техника како Месут Озил, Давид Силва и Иско. Асенсио може да стане само вториот шпански играч во историјата кој ја добил наградата «Golden Boy» на Европа, иако главен кандидат за такво нешто е европскиот шампион Ренато Санчез.

Во првото коло сезонава Марко даде еврогол против Реал Сосиедад и покажа дека со право ги асоцира луѓето на ефектни, а не на обични голови.

Сезонава младиот Марко одигра седум од осум меча за Реал во Ла Лига (340 минути беше на теренот) и даде два гола. Во вторникот даде еврогол и на дебито во Лигата на шампионите против Легија. А пред многу години на Мајорка, татко му на Асенсио го сретнал Флорентино Перес и му рекол: „Сењор Перес, ова е син ми Марко, тој кога-тогаш ќе стане играч на вашиот клуб“. Слична приказна имал и Меси чијашто мајка му рекла исто на Диего Марадона.

Голот на дебито во Лигата на шампионите против Легија:

„Го претставуваме фудбалерот кој многу години мечтаел да игра во Реал. Заслужува да биде дел од нашиот клуб поради огромниот талент кој го поседува“, рече Перес на презентацијата на младиот фудбалер и тешко дека се сеќавал на разговорот со татко му на Марко пред 12 години.

После овој говор на Перес, Асенсио заплаче од радост на прес-конференцијата, се заблагодари на неговото семејство, и изрази жал што мајка му не е присутна на нејзиниот омилен стадион „Сантијаго Бернабеу“.