Охридската фудбалска комедија со 223 голови

За фудбалски натпревар кој завршил со кошаркарски резултат не мора да копаме примери само од Мадагаскар. Нешто слично се случи и во селата Велгошти и Долно Лакочереј, а битката била да се влезе во Пелагонија.

Двата епски фудбалски натпревари се одиграле на 24 јуни 1979 година во близина на Охрид, но и покрај тоа што паднале 223 голови за жал не влегле во Гинисовата книга на рекорди.

Едниот меч се играл во селото Велгошти, каде домаќинот Илинден 1903 го пречекал Младост, а во Долно Лакочереј, Градинар и бил домаќин на Дебарца, тимот каде ја почна кариератата поранешниот голман на Македонија, Данчо Целевски. Мечот бил во рамките на Општинската лига во Охрид, а борбата во последно коло се водела за влез во Пелагонискиот регион каде конкурирале Илинден 1903 и Дебарца.

И двете екипи имале по 54 бодови, но Илинден 1903 (216:25) имал подобра гол разлика од Дебарца (183:36). Во време кога немало мобилни телефони, а во недела не работеле ниту поштите, резултатите се контролирале преку радио врски, а и со помош на шпиони кои биле распределени во двете села.

Првиот сомнеж дека се крчка нешто било кога сите играчи на Градинар се појавиле без фудбалски легитимации кои наводно ги заборавиле дома. Поради тоа мечот доцнел 22 минути. Првото полувреме завршило 0:14 од кои три биле автоголови.

Некаде околу 89 минута резултатот бил 0:57, но кога дознале дека во Велгошти, Илинден 1903 воделе многу повеќе, судијата го продолжил мечот 20 минути. За тоа време гостите дале уште 31 гол и конечниот резултат бил 0:88. Тоа не било доволно Дебарца да избие на првата позиција на табелата.

Што се случувало во Велгошти? Тие се покажале како поголеми мајстори за билдање на гол разликата и за 90 минути игра успеале да победат 134:1. Му дозволиле и на Младост да даде еден гол, демек да не биде мечот сомнителен.

На полувреме домаќините воделе 11:0, а поради силен дожд вториот дел доцнел 25 минути затоа што морале повторно да ги одбележат линиите. До 134 голови Илинден 903-та стигнал откако дознал дека при водство од 20:0, Дебарца во Долно Лакочереј има дадено 40 голови.

Разработиле стратегија со повеќе топки со тоа што откако ќе падне гол, на центарот од игралиштето веднаш местеле друга топка. Пред голот на Младост стоел само голманот и уште двајца од нивните играчи за да се избегне офсајд ситуација. Головите во второ полувреме паѓале на секои 30 секунди и морало да се додава дополнителна хартија за да се запишуваат стрелците.

На крајот освен Илинден 1903, се радувале и фудбалерите на Младост кои дознале дека нивниот конкурент за опстанок во лигата Рибар загубил од Славеј и тоа значело дека тие остануваат во општинската охридска лига.

Во овој охридски циркуз најдобар стрелец бил Наум Шапкаровски кој постигнал 58 голови за Илинден 903-та. Но резултатите не биле признати ниту од Гинис, а ниту од ОФС Охрид кој ги казнил и екипите и судиите кои ја дозволиле комедијата. Шампион на општинската лига бил третопласираниот Славеј од Мешеишта кој потоа играл во квалификациите за трета лига и успеал да се пласира во повисок ранг.

Уште подетално оваа врвна историска приказна од аналите на македонскиот фудбал ја имате на сајтот на ФК Борец, а ја има овековенечено и спортскиот хроничар Димче Стојкоски – Лепиот кој има напишано осум книги за спорт.