Најголемиот господин меѓу фудбалерите - Чаби Алонсо

Баскиецот е еден од ретките играчи кои соработувал со Мурињо, Гвардиола, Анчелоти и Рафа Бенитез. Уште од мал бил повлечен и скромен, неприметлив, но најкорисен на теренот. „Има GPS во главата“, вели неговиот прв тренер во Сан Себастијан.

Никој не памети некаква грубост, глупост или метеж во кој учествувал Чаби Алонсо. Тој е просто џентлмен во спортот. Паметен, спокоен и мирен. За себе секогаш вика дека е врска меѓу одбраната и нападот, читател на играта кој со мали готово неприметни решенија влијае на темпото на играта.

Со еден збор, Чаби е архитект.

„Мојот стил на игра никогаш не бил спектакуларен. Никогаш не сум правел нешто да привлечам внимание. Не тргнувам на тројца противници и не давам хет-трик да ме има утре на насловна, тоа просто не сум јас. Но тоа е фудбалот: кога разни луѓе со различни квалитети ги комбинираат вештините и носат титули.

Чаби Алонсо имаше идеална кариера не само поради тоа што освои Лига на шампиони и што даде гол во големото истанбулско финале. Тој е уникатен човек кој работел со Бенитез, Мурињо, Анчелоти и Гвардиола и од сите нив бил еднакво ценет за доминацијата на средината.

„Ако ја добиете борбата на средината вие веројатно ќе победите затоа што од тоа место може да ја контролирате играта. Мојата игра е да бидам корисен иако секогаш сум опкружен со подобри играчи од мене. Што се подобри тие, толку јас сум покорисен. Просто им помагам да играат добро“, скромно вели Баскиецот кој зборува четири јазика.

Во Ливерпул му помагаше на Џерард, во Реал го снабдуваше Роналдо со асистенции а во Баерн е задолжен да ја гуши играта на противникот. Гвардиола за него вели: „Ако се мери бркањето на противниците, Чаби би бил најлош играч. Но кога е со топка, тој е најдобар играч“.

„Моја задача не е во тоа да организирам брзи акции - мојата игра треба да биде стабилна, должен сум во секоја ситуација да бидам мирен и сигурно да ја додавам топката до напаѓачите“, вели Баскиецот.

Чаби Алонсо не е близок до атлетски пристап на фудбалот, но секогаш важел за интелектуален модел. Дури и неколку пати се залагал за тоа во детските академии да се вложи напор тие да ја разбираат играта.

Како пример Чаби секогаш го земал Серџи Бускетц, Чави, Санти Казорла, Давид Силва и Мата кои практично совршено знаат кога да ја задржат топката а кога да ја додадат.

„Интелектот е главна основа на играта затоа е нужно да се развива кај децата“, советува шпанскиот репрезентативец.

Чаби никогаш не престанал да го сака фудбалот кој го учел од татко му Перико Алонсо кој играл за Барселона и три пати ја освојувал Ла Лига. Кога Чаби паднал важен тест по шпански јазик како мал, мајка му цел месец му забранила да игра фудбал.

„Никогаш не мислев дека ќе бидам фудбалер, до 16 години живеев обичен живот: просто одев во школо и рекреативно се занимавав со спорт. Имав среќа што фудбалот не влијаеше на моето детство затоа што децата кои рано влегуваат во професионалниот фудбал не го гледаат светот како другите деца“.

Чаби еднаш раскажал како мајка му го научила на се да гледа аналитички. Највпечатливата приказна која ја илустрира строгоста на мајка му била кога Чаби имал 9 години.

Алонсо шетал по улица и го забележал кастинг-директорот на филмот „Крв“ кој бил дебитантски на шпанскиот режисер Хулио Медема. Кастинг-директорот барал 9 или 10-годишно дете, па налетал на Чаби и го прашал каде може да се види со неговите. За неколку минути добиле одречен одговор: „Не му сметајте на малиот, има за учење“.

ДРУЖБА СО МИКЕЛ АРТЕТА

Во детството Чаби често играл фудбал на плажите на Сан Себастијан и таму се здружил со Микел Артета. Во сабота и недела многу луѓе доаѓале да ги гледаат овие две деца кои одлично владеат со топката. Чаби и Микел мечтаеле да играат во ист тим и скоро почнале да тренираат во Антигуоко.

Тандемот се разделил кога наполниле по 16 години. Чаби од школскиот програм на размена заминал на еден месец во Ирска и живеел во обично семејство каде учел англиски и играл велски фудбал а Артета во тој момент замина во славната Барсеона.

„Чаби секогаш беше тивок и никогаш драстично не се смени. Секогаш беше способен иако ги немаше лидерските квалитети на Артета. Со времето стана водач кој не вика многу туку со два збора ти кажува што мисли. А најважно од се - во главата има цел GPS-систем“, се сеќава првиот тренер на Чаби во Антигуоко, Роберто Монтиел.

Така на Чаби и Артета не им се остварил сонот да играат заедно во сениорска екипа иако два пати беа во ист град. Алонсо подоцна играше за Ливерпул и го посоветувал Артета да ја прифати понудата од Евертон.

Во летото 2010-та мадридскиот музеј Тисен-Борнемиса на секој репрезентативец на Шпанија им подарил доживотна ВИП карта. Во музејот има дела на Рубенс, Рафаел, Рембранд и многу други великани. Од сите 23-ца светски шампиони, единствено Чаби Алонсо го искористил овој подарок. Еднаш господин - секогаш господин.

Европскиот и светски шампион со Шпанија е колекционер на часовници но вели дека не пати од модата: „Изгледот многу говори за човекот и јас претпочитам стил со кој нема да привлекувам многу внимание. Сакам да колекционирам часови и чевли но ни во кој случај не сум жртва на модата. Не се сложувам со тоа дека човек мора да има се од последната колекција. Во последно време многу работи пазарам на интернет“, вели Чави.

Во својата колекција часовници, Чаби има IWC, Audemars Piguet, Panerai, Franck Mulle, часовници кои најчесто ги добивал по освоените трофеи во кариерата. „Најдрагоцениот ми го подари жена ми за нашата свадба“.