Томас Тухел

Келнерот што местел кригли прави чудесен Дортмунд

Претставник е на модерната школа а уникатен е по тоа што за секој следен натпревар има различен систем на игра. Играчите ги носи да тренираат на нерамни и лизгави ливади за подобра контрола на топка, а за да не влечат за дрес им дава тениски топчиња во раце.

Кога Томас Тухел зборува за некој од клучните периоди во неговиот живот, тој често се навраќа на деновите кога работел како келнер во бар во Штутгарт и се обидувал да заработи доволно пари за да може да студира после тешката повреда на лигаментите поради која завршил со играчката кариера.

Гланцањето и редењето кригли и чаши по масите не била некоја перспективна работа, но Тухел открил дека запознава повеќе пријатели, контакти и нови лица без да мора да шутира топка.

Тухел во минатото играл како дефанзивец а може да се пофали само со 8 настапи во втората Бундеслига за тимот на Штутгартер Кикерс од каде се преселил во третолигашот Улм каде тренер му бил легендарниот Ралф Рањик.

Во 1998 година ги скинал лигаментите па немал многу причини за радост што Улм се пласирал во втората лига. Но за човек кој целата младост ја поминал со фудбалот, тешко било така лесно да се раздели со него.

Почнал како тренер на јуниорите во Мајнц 05, а на само два дена пред стартот на сезоната 2009/2010 го промовираа во главен тренер на првиот тим без никакво бундеслигашко искуство. Во меѓувреме дипломирал на бизнис и економија („Студирав само за мајка ми мирно да спие„) и паралелно со тренинзите изучувал разни тактички решенија.

Верувал дека Мајнц може да се спаси од испаѓање само ако игра во различни системи во зависност од следниот противник а после неколку сезони го однел овој клуб во Европа. Сенката на Клоп кој со Мајнц направи чуда од 2001 до 2008 година ќе го следи и натаму во кариерата. Откако заврши со Мајнц во 2014-та, паузирал една година како неговиот учител Пеп Гвардиола а за тоа време не одморал, туку се усовршувал.

Го посетил музејот Kunsthistorisches во Виена за да ги види ремек делата на Питер Бругел, а неколку месеци подоцна се сретнал и со Ханс Урлих Гумбрехт, професор по книжевност на Унивезитетот Станфорд и фанатичен навивач на Дортмунд со кого цела ноќ дискутирале како да се работи со млади таленти.

Се запознал и со Јохан Кројф кратко пред смртта на легендата и имал анегодта од таа средба. Дознал толку многу работи од Кројф што веднаш по ракувањето трчал до собата да запише во тефтер се што запамтил. Исто и средбата со Пеп Гвардиола во ресторанот Schumann во Минхен каде сведоците раскажувале дека двајцата по цела маса распростреле соларници за да демонстрираат тактики. 

Тухел важи за човек со слободен дух, понекогаш тешко разбирлив за новинарите на кои никогаш не им дава интервју еден-на-еден поради што го сметаат за ладен човек. 43-годишниот Германец е добар и во хуморот на своја сметка, како на пример кога се смеел на првиот тренинг за деца до 14 години во Штутгарт додека им објаснувал на родителите што ќе прави во следните два часа.

Томас има посебни методи на тренинг па така фудбалерите од ден на ден се чудат на новите вежби. Еднаш решил додека вежбаат прекини, корнери или нафрлувања од игра да им даде на играчите во раце да држат тениски топчиња за да се одвикнат од глупавата навика да ги влечат противниците за дрес во шеснаесетникот.

Иновацијата и креативноста се срцето на неговата работа. Неретко ги носел играчите на лизгави, тврди или нерамни терени со цел уште подобро да ја контролираат топката.

Откако пред две години видел дека најдобриот играч Хенрик Михтарјан се фрустрира дури и после победата, Тухел му дал копија од книгата The Inner Game of Tennis од Тимоти Галвеј во која се зборува за медитација и визуелизација на мислите. После неколку недели Ерменецот кој важи за страстен читател го заиграл најдобриот фудбал откако е во Дортмунд.

За разлика од саканиот Клоп, навивачите на Борусија Дортмунд не може да го видат Томас Тухел како пие пиво во паб и дискутира за времето или како прави „зига-зага“ пред Südtribüne на Вестфален.

Откако го совладаа Спортинг Лисабон на гости 1-2 и станаа рекордер по број на постигнати голови во групна фаза од ЛШ, Тухел им нарачал на играчите пица и пиво за да ги награди, но не пиел со нив затоа што воопшто не пие алкохол. Но никој не му замерува, затоа што сите сфаќаат дека тимот е во период на транзиција и дека иновациите на Тухел штотуку треба да носат резултат.

Вечерва Тухел го пречекува Монако каде ќе се обиде да ги подобри шансите за влез меѓу 4-те најдобри во Европа, а за пар недели го чека полуфиналето на Купот против Баерн Минхен.

Во моментов во составот на Дортмунд Тухел ги има убедливо најталентираните млади играчи во Европа а некои ќе им се приклучат летово: Осман Дембеле, Махмуд Дахуд, Омер Топрак, Емре Мор, Кристијан Пулишиќ, и посебно чудото од дете Александер Исак. Во меѓувреме Тухел ќе се фокусира на успехот на Дортмунд, работа која што била милион километри далеку од него додека местел кригли во пивница во Штутгарт.