Позајмено интервју:

Кетрин Денев: „Немој да пушиш“ не е совет!

Припадничка на аристократијата на француската и европската кинематографија, што веројатно дома мора да има посебна просторија само за да ги смести освоените награди, актерка, модел, пејачка и продуцент од 1957-ма наваму и љубов на Роже Вадим и Марчело Мастројани.

Г-ѓо Денев, после толку многу години како икона на францускиот филм, дали се уште треба некој да ве режира?

Да, инаку не би имала што да правам. Не сакам само да го правам тоа што знам да го правам. Сакам да ме натераат на друго место. Ми треба режисер затоа што мислам дека актерите треба да бидат режирани. Се разбира, можам и сама, но ќе правам работи што веќе сум ги правела, ме разбираш? И тоа е таа опасност за еден глумец во одредено време, да ги завршуваш работите на полесен начин, секогаш да бираш исти ликови.

А вие сакате одново да се пронаоѓате себеси.

Па не баш, туку да имам впечаток дека новиот филм е како прв филм. Тоа е впечатокот што го имам кога работам на филм. Не сум индиферентна. Не би сакала да направам нешто и да добијам впечаток дека веќе сум го направила претходно. Секогаш треба да има предизвик на работа.

Глумите 50 години и ве има во преку 100 филмови. Дали веќе имате направено сè?

Не сум направила сè, сè уште. Човечката природа е многу обемна работа. Има улоги кои повеќе одговараат на луѓето од мојата генерација. Кога старееш се случува истото. Имаш искуство и тип на лик кој не можеш да го играш на 30, да речеме. Тешко е да се најде добра патека.

Можеш подобро да остареш во Европа отколку во Америка, тоа сигурно. Но жените се некако помлади за разлика од пред 50 години. Тоа е еволуција. Пред 40 години, една 50-годишна жена изгледаше како за возраста. Денес, не баш.

Што се смени најмногу во последните 50 години?

Техниката. Фактот што се работи со многу помали камери, со помалку светло, камерите се секогаш многу поблиску до тебе... Како актер мораш да се адаптираш. На почетокот ми беше многу потешко со камерите толку блиску. Не беше како претходно! Некако, имавме едно поле во кое глумевме. Денес камерата е залепена до тебе.

И приказните што се раскажуваат денес се многу поинакви од времето во кое почнавте.

Приказните секогаш се копија на општеството, значи филмот го следи општеството, како луѓето живеат, како љубат, како ги покажуваат своите чувства. Филмот секогаш го рефлектира тоа, и се разбира дека е сменето. За 30 години многу се промени. Луѓето многу полесно се разведуваат, жените можат да имаат секс без да се плашат од бременост, и филмот го следи тоа. Не се кажуваат истите приказни. Сега не можеш да пушиш на филм и ќе биде поинаков. Имаш мобилни телефони, тоа многу го менува заплетот! Претходно, можеа да се замислат ситуации каде што фактот што не можеш да дојдеш до некого креираше  една неверојатна ситуација, но денес е многу поинаку. Сите имаат мобилен телефон и можеш да контактираш било кого, било каде, во било кое време. И тоа навистина ги менува работите.

Дали помладите актери имаат поинаков начин на работа сега, од порано?

Мислам дека помладите актери не се многу поинакви во начинот на работа. Само мислам дека нема доволно време, затоа што нема доволно пари. За се има помалку време.

Повеќе се брза со продукцијата отколку во ’60-тите и ’70-тите?

Да, сè е поскапо... Голем проблем е. Европскиот филм не е како американскиот, кој што влегува секаде и се исплати после неколку месеци. Не е така за француски филм. Сè поскапува, цело време. Се создава еден баланс, ме разбираш? Можеби камерата е помалку важна и ти требаат помалку светла во денешно време, но сепак се троши многу на плати и трошоци и плаќаме многу даноци во Франција. Но, не се жалам! Не сакам така да звучам! А сепак, разликата е голема во споредба со други земји. Сè уште мислам дека се прават премногу филмови. Кога ќе го добијам пакетот за Сезар наградите и кога ќе ја видам бројката на француски филмови... Мислам дека има премногу француски филмови.

Се сметате себеси за француска или европска актерка, пред сè?

Искрено, мислам и двете. Се чувствувам многу француски, но зборувам италијански и англиски, па се чувствувам и европски. Но не ми се блиски Англичаните, на пример. Не е толку далеку, географски гледано, но не ми се блиски поради тој еден поинаков сензибилитет, поради различни карактери. Многу сме различни. Поблиски ми се Шпанците или Италијаните. Поради природата на латинскиот карактер, наспроти англо-саксонскиот. Имаме поинакво образование... многу сме различни.

Можете ли да замислите живот без актерство?

Предоцна е! На една возраст сум каде што не можам да кажам, „Па, сега ќе сменам кариера.“ Или се пензионираш, или продолжуваш со тоа што го правиш. Тоа е тоа.

Би се согласиле ли некој да направи филм за Вашиот живот?

Па, мислам дека немам право да кажам не, нели?

Да, но можете да изберете дали ќе соработувате, или не.

Ah, oui. Не, не, не. Не сум заинтересирана да се давам себеси повеќе од ова досега. Не, немам желба за такво нешто. Немам желба да бидам уште појавна. Некои работи морам да ги чувам за себе.

Можно е тоа да се случи во одреден момент. Веќе ви направиле повеќе почести, како Наградата за животно дело на Европските филмски награди во 2013-та...

Ќе морам да внимавам на тоа. Таквите награди почнуваат кога работата почнува да заглавува!

Како да забрзувате во последниве пет-десет години...

Не, не, не забрзувам! Не правам повеќе филмови од порано! Но морате да внимавате со работи како што се „омаж“, или „чест“, затоа што тоа се претвора во нешто... многу конечно, на еден начин.

Се разбира, но не е ништо ново филмаџии да работат и на 70 и 80 години.

Седумдесет години е малку за режисер. Мислам дека ако си зафатен правејќи нешто што многу ти се допаѓа, како филмови или пишување, ти помага да останеш во форма, дури и ако си многу уморен. Не би рекла дека те одржува млад, туку во форма.

Но сè уште не сте се откажале од цигарите, нели?

Кој ,јас? Не. Не може се да ти успее, нели?

Не ве предупредуваат луѓето за тоа?

Цело време.

Што им одговарате?

Па не им викам „Глеј си работа,“ им викам, „Да, знам, благодарам.“ Но каков е тој совет? „Не треба толку да пушиш. Треба да престанеш да пушиш.“ Да, се разбира дека треба, но тоа не е совет. Тоа е факт! Дајте ми совет како да престанам да пушам без да се мачам. Тоа би било интересно.

15 јуни 2017 - 09:52