Tвин Пикс: вистинското убиство кое ја инспирираше култната серија

Џуџиња што играат, жени што шетаат наоколу со цепаница во рацете, пити со цреши, тину-нину музика и надреални сценографии - сето ова беше дел од атмосферата на „Твин пикс“, онаква каква што ја знаевме од 1990-тите. На само неколку денови пред премиерата на новите епизоди, во рамки на Канскиот фестивал, за една неразрешена мистерија која послужила како инспирација за приказната.

Сенд лејк, 7 јули 1908. 20-годишната Хејзел Ајрин Дру чекори по Табортон роуд, пошумена патека која води до блиското езеро, каде се движат ловци на верверички, кампери и риболовци. Но тоа е истовремено ризично место за прошетка на осамена девојка ноќе.

Седум навечер е, а таа на патеката се разминува со двајца минувачи: Френк Смит, матен тинејџер кого го сретнала неколку пати и на кого му се допаѓала, и Рудолф Гандрум, 35, трговец со јаглен кој возел со кочијата накај градот кога Френк го замолил за превоз. Кога поминале покрај Хејзел, таа само ги поздравила мафтајќи со големиот сламен шешир. Тоа било последен пат некој да ја види жива.

По четири дена нејзиното тело е откриено како лебди во езерото. Причина за смртта: удар во главата одзади, скршен череп со непознато оружје. Водата толку ѝ ги извитоперила цртите, што таа можела да биде идентификувана само преку облеката и златните пломби во забите. Доказите недвосмислено укажувале на тоа дека се работи за убиство.

Па сепак, и денес мистеријата за тоа кој ја убил Хејзел останува неразрешена. И иако тоа било тема на бројни текстови на времето, целиот случај одамна би бил заборавен доколку убиството не се случело во близина на Табортон, Њујорк, каде еден од авторите на Твин Пикс, Марк Фрост, ги минувал летните распусти како дете.

Неговата баба од мајчина страна имала мерак на долго и на широко да ги раскажува локалните приказни и трачеви, вклучително и оваа за Хејзел, претставувајќи ја како поучна приказна, „за децата да не одат сами во шума ноќе“. Фрост го наследил талентот за раскажување од баба му, станувајќи познат романописец, сценарист и ТВ автор, кој заедно со Дејвид Линч во деведесетите ја создаде култната серија.

Фрост и Линч нафрлале идеи во кафе-бар во Лос Анѓелес, кога почнале да ја градат приказната за безживотното тело на млада жена најдено на бреговите на локално езеро. Линч, како што може да се види од неговата филмографија, веќе имал опсесија со млади и ранливи жени (особено русокоси). Претходно тој и Фрост работеле на фикционализирана биографија на Мерлин Монро, која сугерирала дека Кенедиевци биле замешани во нејзината смрт.

Така е роден ликот на Лора Палмер, чие убиство е во основа на оригиналната серија, и кое ќе биде централна тема на новото шоу. Паралелите со судбината на Хејзел можеби не се очигледни: помеѓу Лора, 17-годишна „мис“, и Хејзел, која од 14-годишна возраст работела како домашна прислужничка. Сепак обете биле од провинциски гратчиња, а нивното убиство покренува лавина на тајни, поврзани не само со нив лично, туку и со нивните сограѓани. Исто како што Лора е прикажана како „скроз одлична“, така и семејството и пријателите на Хејзел тврделе дека таа немала непријатели, ниту пак тајни љубовници. Но исто како што агентот Купер добива информации од дневникот на Лора во „Твин Пикс“ кои не се совпаѓаат со официјалната нарација, така и истражителите во случајот на Хејзел откриле десетици разгледници и писма кои таа ги разменувала со познаници, идентификувани само преку иницијали, а ги чувала заклучени во куфер.

„Еден мудрец ми кажа дека мистеријата е најсуштинската состојка на животот, и тоа заради следново: таа поттикнува зачуденост, која пак води кон љубопитност, што пак од своја страна обезбедува основа за нашата желба да разбереме кои и што сме навистина“. Ова се зборови на Фрост напишани во неговиот роман од 2016, „Тајната историја на Твин Пикс“. Иако разрешувањето на убиството на Хејзел можеби нема никогаш да го доживееме (за она на Лора Палмер ќе видиме), токму таа напрегнатост нè возбудува и ги прави ваквите приказни толку интензивни.

19 мај 2017 - 14:42