Деновиве пред години

Роџер Еберт за Милчо

Она што веројатно го знаете е е дека пред неколку дена почина Роџер Еберт, првиот филмски критичар кој во 1975 доби Пулицер. Она што веројатно не го знаете, или сте го заборавиле, е дека тој го интервјуираше и наш Милчо. Еве го текстот во интегрална верзија.

Повикувач на „Дождот“

Роџер Еберт

Едно момче во Македонија сака да биде филмски режисер, но на официјалната филмска школа во Белград нема место. Еден ден професор од Универзитетот Јужен Илиноис држи предавање во родниот град на момчето, и тоа му спомнува на професорот дека сака да учи за филм. Професорот вели: „Фино, испрати ми нешто што си работел", момчето испраќа негови текстови и некои од неговите кратки филмови во Карбондејл, и тие му даваат стипендија.

Така Милчо Манчевски пристигнува во Илионис, мислејќи дека зборува англиски. „Учев во школо, но тие не те учат на сите зборови. На пример, не знаев што мислат под..." Спомнува една именка. Се согласувам дека ако сакаш да зборуваш англиски од суштинско значење е да ја знаеш таа именка. „Стив Џејмс ме научи на тој збор", вели Манчевски гордо. „Тој беше неколку години пред мене".

Стив Џејмс подоцна го режисераше „Хуп дримс" (документарец од 1994 за двајца афро-американски средношколци кои сонуваат да станат професионални кошаркари), а Милчо Манчевски го сними „Пред дождот", и сега е 1995 и неговиот филм е номиниран за Оскар во категоријата најдобар странски филм. Да не почнуваме со темата „Хуп дримс" и Оскарите.

„Пред дождот" е одличен филм. Добитник на Златниот лав на филмскиот фестивал во Венеција во 1994, тој е споредуван со „Палп фикшн" на Тарантино, „Црвено" на Кишловски и „Егзотика" на Егојан, и како и овие влијателни филмови има заплет кој се премотува назад кон самиот себе, така што, со зборовите на Т. С. Елиот, „на мојот почеток е мојот крај". Не е чест случајот еден филм, и тоа прв филм, да соопшти дека пристигнува голем режисер, но врз основа на „Пред дождот" Манчевски треба да се сфати сериозно.

Неговиот филмски стил не е под директно влијание на Тарантино и другите; сценариото е напишано во 1991. Како сите тие истовремено да се умориле од А-до-Ш нарацијата, и одлучиле да ја испитаат способноста на филмот да циркулира слободно во времето. Резултатот прави филмот да делува поживо, поспонтано.

Приказната се одвива во Македонија и во Лондон, и е раскажана од Македонец, Албанец и Британка, иако ниеден од нив не кажува премногу (еден од ликовите е монах кој има земено завет на молчење). Манчевски, роден во Македонија, вели дека мал број Американци знаат каде е точно оваа земја.

Сето тоа беше Југославија? Го прашав при неодамнешна посета на Чикаго.

„Беше Македонија, која пак беше дел од Југославија."

Има некој спор околу употребата на зборот „Македонија", нели?

„Да. Грците мислат дека ги имаат авторските права."

Но таа се вика Македонија долго време.

„Па, географскиот регион се викал Македонија од Филип, од петтиот век п.н.е. Тој го смислил, тој го има и авторското право."

Се насмеа. Манчевски е млад човек на околу 30 (уште е - заб.прев.), со лежерна насмевка и лежерен англиски, кој сега ги вклучува сите неопходни именки. По дипломирањето на Универзитетот Јужен Илионис тој се обидел да стартува неколку играни филма, но наместо тоа почнал да работи реклами, експериментални филмови и МТВ видеа (Доказ за тоа дека светот е мал, неговото видео за „Тенеси" на Arrested Development доби награда на МТВ и oд Билборд за најдобро рап видео во 1992).

Преку неговите видео и комерцијални контакти успеал да собере пари за „Пред дождот". И некако ги убедил филмските осигурителни компании да не ја земат предвид ризичната продукција во потенцијална воена зона. („Компаниите ни дадоа пет различни сценарија за тоа како може да почне војна додека снимаме таму.")

Македонија е на работ на моменталните крвави пресметки помеѓу Србите и Хрватите, а и самата има долга историја на крвопролевање помеѓу христијаните и муслиманите. Во моментов стои по страна од актуелните војувања, но атмосферата таму, вели Манчевски, „е како да чекаш нешто да се случи а не си сигурен што. Може да биде трагично. Може да биде крај на нешто но истовремено може да биде прочистување и почеток на нешто ново; како што дождот те измива и ти си нов".

Филмот има три дела. Во првиот, еден млад македонски монах наоѓа во неговата ќелија девојка-Албанка која се крие затоа што е обвинета за убиство. Во вториот, Александар, славен фотограф, роден во Македонија но сега граѓанин на светот и добитник на Пулицер, се среќава во Лондон со една мажена жена со која има долга врска.

Во третиот фотографот се враќа во Македонија и ја наоѓа во грч и несреќна. Сака да ја посети првата жена која некогаш ја сакал, но бидејќи е христијанин а таа муслиманка, никој и на двете страни не сака баш тоа да се случи.

Не би било точно, но ни погрешно, да се каже дека дејството во секој дел се одигрува по оној претходниот. Манчевски прави мал трик со времето, така за да не бидеме сигурни. Поентата е да се покаже дејство кое се движи во круг. А во неговата приказна, луѓето денес се мразат едни со други затоа што нивните родители и предци се мразеле едни со други, па времето се повторува, кружи и кружи.

„Има два момента во филмот", ми рече Манчевски, „каде кругот е некако нарушен. Ен (жената во Лондон) гледа некои фотографии. Ако приказната беше совршен круг, тие фотографии немаше да бидат таму. Има и еден телефонски повик кој не би бил можен.

Овие нешта се делчиња зен, делчиња на временски парадокс. Исто така, тие би можеле да бидат знак дека кругот не е тркалезен, и можеби следниот круг тој може да се отвори - можеби како чин на саможртва како што тоа го прави Александар".

Значи пораката е во структурата на филмот?

Крена раменици. „Можеби за кругот да се скрши некој треба да рече, 'Па, не се согласувам со оваа бесконечна горчина. Ако треба да исплаќам за фактот дека твојот дедо му ја убил овцата на дедо ми, тоа нема да има крај."

Целта на делот во Лондон е да се покаже дека регионалните војни веќе не остануваат во нивните региони. Има една виртуозна секвенца во ресторан, каде двајца важни ликови прават муабет во позадината, нешто што на почеток изгледа како неповрзана дискусија во фон, но која потоа неочекувано експлодира.

„Она што го велам е дека во некој момент нема да биде можно да го смениш каналот", вели Манчевски. „Овие проблеми не остануваат во некој далечен агол на светот. Тие ти доаѓаат во дневната. Додека го монтиравме филмот, тоа и се случи во Лондон, каде некое локално насилство од Грузија се прелеа во Лондон, и амбасадорот на поранешната советска Грузија беше убиен. Некои невини минувачи биле погрешно препознаени како роднини на еден од луѓето вмешани во случајот. Одеднаш имате неколку Англичанки кои не ни знаат каде е Грузија, но биваат убиени како дел од ова".

Го прашав Манчевски дали има друг проект на кој работи.

„Ништо. Немам. Сакав да го направам овој филм. Го сакав делот со раскажувањет; ја сакав рабоата. Сакав да бидам вшмукан во тоа. Истовремено има многу срања во филмскиот бизнис, минување премногу време со луѓе кои не ти се допаѓаат. Да имав муда сега да се пензионирам, тоа би било брилијантно".

Сериозен си?

„Да имав муда и пари, ќе го сторев тоа. Има многу книги кои би сакал да ги прочитам."

Не чувствуваш дека работата е неопходна.

„Не е до работењето или неработењето. До изборот е, со кого ќе работиш и како ќе го правиш тоа."

Какви приказни сакаш да раскажеш? Каков режисер сакаш да бидеш?

„Приказни за луѓе кои те изненадуваат; кои те водат кон неочекувани пресврти. Патување на кое кога звршува првиот дел и почнува вториот прашуваш, 'Каде сме побогу? Каде е ова? Приказни кои по малку си играат со твојот ум."

Сигурно се горди на тебе во Македонија.

Радосно климна. „Тоа е земја каде, дури и во ракомет, националниот тим не може да се нарекува Македонски национален тим. Одеднаш еден македонски филм успева. Луѓето реагираат на тоа. Кината се речиси мртви заради пиратските видеа и телевизијата, па ова беше прв пат да има хит филм во околу 12 години".

Слушам дека го надминал The Fugitive во Македонија.

Се смее. „Да, иако сум сигурен дека The Fugitive ќе го надмине во САД".

5. март 1995

9 април 2013 - 10:59