Пол Велер за современата музичка индустрија и новиот албум

Вчера (недела) на сцената на Гластонбери 2015 продефилира неверојатна комбинација изведувачи - од Лајонел Ричи, Пати Смит, Далај Лама кој пред 100,000 луѓе ги дуваше неговите роденденски свеќички, па до старите добри Ху. Меѓу нив и Пол Велер, исто така и стар и добар, ама и нов, затоа што има тазе албум под наслов Saturn's Pattern.

Пол Велер за некои, како нас, засекогаш ќе остане пејач и главен песнопишувач на Џем, панк-рок бендот кој беше активен при крајот на 70-тите и почетокот на 80-тите, и подоцнежниот Стајл Кансл, со многу помек звук, кои некои го нарекуваа „њу вејв", а други „синоок соул".

На неговиот нов албум има и психоделија и соул и љубовни песни, и малку носталгија по старите добри времиња кога музичката и економската клима била подобра за нови бендови. Барем така вели тој во интервју за Салон. Еве делови од него:

Политичките и социјалните класи ви беа важни во она што претходно го работевте - дали е тоа се уште така?

Социјалната класа и нееднаквоста се важни. Но пишувањето во врска со политика...сè што би напишал на таа тема би било истото што сум го напишал и пред 40 години. Голем број од проблемите во Велика Британија се исти како и секогаш. Само се покорпоративни. Секогаш кога има економска криза, луѓето од најдолните слоеви се оние кои ги трпат најголемите последици. Ама тоа е е*ено универзално, нели?

Ториевците неодамна неочекувано победија во Британија. Дали е ова нов чекор наназад или е старата песна?

Тоа е истото па истото. Не знам дали прави некаква разлика која партија е на власт. Системот е срање. Тој има врска само со кариеризам.

Дали е тешко да се преведе вашиот политички став во песна?

Со политиката е така што треба да најдете нов јазик за неа. Тоа или ми се случува или не. Тоа е како оние политички песни кои ги напишав во 70-тите и 80-тите - тие ми се наметнаа природно. Сега само уживам да користам зборови, нивниот ритам.

Инструментите што ги користевте се променија со годините, но вашиот пејачки стил остана ист. Кои се пеачите на кои им се восхитувате, нови или стари сеедно?

Од современите го сакам Сем Смит. Кели Џонс од Стереофоник. Граф Рис од Супер Фри Енималс. Од старите Хаулин' Вулф и неговиот оригинален гитарист, Хуберт Самлин. Кога растев американските соул и ритам и блуз пејачи беа главни, како и англиските пејачи кои ги имитираа црните Американци, како Стив Мариот. Се уште ги чувам овие музики, се уште ги сакам.

Музичкиот свет во огромна мерка се смени од 70-тите кога почнувавте. Порано насекаде имаше продавници со плочи, албумите се продаваа во илјадници понекогаш и милиони копии. Дали ви недостасува некој дел од овој свет? Дали нешто изгледа подобро?

Ми недостасува чувството на магија и мистерија. Сè е толку инстантно сега. И има толку демо верзии и „како се правеше (тоа и тоа)". Имам бутлег верзии на плочи на Битлси со секоја можна снимка на Strawberry Fields којашто ја направиле.

Го сакав очекувањето на тоа да излезе плочата, да одиш во продавница и да ја чуеш за прв пат. Не можам да замислам која и друга работа или уметничка форма каде луѓето не се платени за она што го работат. Но дигиталниот звук станува подобар. Пред неколку години беше некако рамен и глуп. Сега има многу повеќе длабочина.

Како се смени музиката? Дали би биле во можност - како дете од работничко семејство од предградие на Лондон - да станете славен како што станавте во 70-тите?

Секогаш беше тешко, но сега е многу, многу потешко. Погрешно е да се каже „Дури и ако албумите не ти се продаваат, можеш да заработиш од живи свирки". Треба да дојдеш до одредено ниво за да се случи ова. Ако свириш по клубови, таму нема пари.

Тешко е. Младите бендови имаат само една шанса - правиш неколку синглови или албум, и тоа е тоа. Ако не се успее, немаат шанса за втор албум. Порано голем број бендови, како нас (Џем) - на почетокот воопшто не беа забележани. Во сегашната клима ние никако не би направиле трет албум, а токму тој беше комерцијалниот и стилистички пробив. Благодарен сум за тоа.

Старата добра You Do Something To Me

Saturns Pattern (од новиот албум)

29 јуни 2015 - 08:47