Да се немало осет

Култниот клуб кој стана сендвичара

Замислете да се затвори Лајка (тука три пати плукање против урок), а на нејзино место, или на друго ама под нејзино име, да се отвори скара на кило. Ништо против плескавиците, ама има места кои треба да се заштитат со закон, како урбан споменик на културата.

Славниот њујоршки клуб CBGB во седумдесетите беше место каде настапуваа тогашните перјаници на панк-рокот и новиот бран, како Рамоунси, Пети Смит, Блонди и Токинг Хедс. При крајот на месецов ќе се отвара ново место под истото име, но сега како - ресторан на аеродром во Њуарк, Њу Џерси. Таму, во „забавна атмосфера која потсетува на легендарната музичка локација", ќе се нудат чизбургери и јајца на око. И сигурно нема да биде толку забавно. 

Оригинално клубот е отворен во декември 1973 од страна на Хили Кристал, чија намера била таму да се свири „кантри, блуграс и блуз". Оттаму и името, кое целосно гласело „Кантри, блуграс, блуз и друга музика за ентузијастични гурмани" (CBGB & OMFUG). Но наскоро концептот се променил, па наместо брадести типови со акустични гитари на сцената почнале да настапуваат, често пати и по прв пат во нивните кариери, денес големи имиња како Пети Смит, Рамоунси или Блонди. Тука се одржал и првиот американски настап на Стинг со Полис.

Целото маало околу клубот било „сомнително", па се случувало пред влезната врата наутро да има онесвестени, дури и мртви луѓе. Внатре пак се служела и храна, познатиот специјалитет „Чилито на Хили", кој можел освен самото чили да содржи и пепел од цигари или телесни течности на готвачот, кој пак си чувал и миленик - стаорец. Кучето на Хили, Џонатан, оставало траги насекаде, вклучително и на сцената, чија електрика пак била опасна по живот.

(машкото ВЦ)

На местото му е посветен игран филм под истото име од 2013 (трејлер подолу), кој додуша беше сотрен од критиката. Подобро помина документарец за клубот од 2009, под наслов Burning Down the House, во кој се појавуваат голем број од оние кои свиреле на неговата сцена, или пак излегувале таму инспирирајќи се од неговата енергија, сè до неговото затворање во 2006.

Причината пак за затворањето е банална - двојно покачување на киријата и ретроактивна наплата на долг од страна на сопственикот на местото, некаков комитет на жители на населбата. Финалното шоу одело во живо на радио, а се случило на 15 октомври 2006. На него настапила Пети Смит, потпомогната од Ред Хот Чили Пеперс. На песната изведена на бисот таа по име ги спомнала сите музичари кои починале откако е отворен CBGB.

Ете, тоа славно име и лого сега ќе стојат на мени на аеродромски ресторан, во кој веројатно ќе се пуштаат лесни ноти, за полесно варење на чизбургерот.

Бонус: Пародија на можното мени на новово место во Вашингтон пост

24 декември 2015 - 09:33