Дали нобеловиот говор на Дилан е всушност плагијат?

Од 78 реченици во говорот кој беше снимен само аудио, без да биде дозволено објавување официјална транскрипција, десетина се речиси целосно препишани. Ама не од друг Нобеловец туку од сајт на кој има кратки содржини на лектири за учениците да не мора да читаат. Нам ни изгледа дека Боб (пак) малку ги заеба Швеѓаните.

Не оти многу му беше по ќеф, но Дилан неодамна го оддржа говорот по повод добивањето на престижната награда, што е и услов за кеширањето на 800-те илјади евра што таа ги подразбира. Го „оддржа“ значи дека го сними само аудио и не дозволи никаков транскрипт. Сега оние кои внимателно го анализирале, велат дека тој не само што во голема мерка е плагијат, туку дека (можеби) е и скриен потсмев кон Комитетот, бидејќи е препишан од - Спарк ноутс.

Како што пишувавме тука, во говорот Дилан се навраќа на три најголеми книжевни влијанија од своето детство: Одисејата, На запад ништо ново и Моби Дик. Веднаш по објавувањето на аудио снимката, писателот Бен Гринмен забележа дека тој употребува лажен цитат од Моби Дик. Инспириран од ова, коментатор на Слејт оди чекор понатаму, и почнува да го споредува говорот со кратката содржина на „Моби Дик“ наведена на сајт по име Спарк ноутс, којшто самиот за себе вели дека е помагало за секој ученик и студент кој има проблем со одредена задолжителна книга, затоа што нуди кратки содржини, белешки и преводи на класични дела (на пример од оригиналниот Шекспир на „нормален“, современ англиски јазик).

Ваквите сајтови (исто како и веројатно уште попопуларниот Cliff Notes) се толку (зло)употребувани од страна на тинејџери кои не сакаат да ги читаат оригиналните дела што „клифс ноутс“ е жаргонски термин и за груба скица на одреден настан или ситуација, но и за школско мамење. Дека Дилан школски мамел покажува следната анализа, според која од 78-те реченици во говорот во кои се опишува Моби Дик, дваесетина се речиси препишани од Спарк ноутс. Има и наводи кои воопшто не постојат во оригиналниот роман.

„Кражбата во име на уметност е древна традиција“, заклучува коментаторот, додавајќи дека Дилан е мајстор за истото уште од 1960-тите. Исто така често бил и отворен за своите „позајмици“, како кога го крсти албумот „Љубов и кражба“ сосе наводниците, имплицирајќи дека тој е преземен од познатата историја на расната апропријација на Ерик Лот.

И не само што се однесува до насловите и стиховите - Дилан ги има претворено фолклорните напеви и куп опскурни мелодии собрани од ваму-од таму во снимки кои ќе станат многу попознати од нивните оригинали. Неговиот прв албум имаше само две оригинални песни и дури 11 кавери. Во последниве години тој им се навраќа на преработките, како што тоа го прават голем број легенди, па неговите последни три албуми се целосно составени од стандарди.

16 јуни 2017 - 16:55