Зошто мрзливите се (по)паметни?

Безделничари од сите земји - забушавајте!

Ако денов ви тргна мрзоволно, до толку што дури не ви се чита ни овој текст, ич не се секирајте. Копнежот по безделничење е сосема здрав, исправен, и да видиш чудо - дури и ефикасен. Не, во моментов не зјаете во мониторов одложувајќи ги побитните работи. Вие само умно ги проценувате приоритетите, и без непотребна хистерија ги извршувате. 

Во следниов есеј Милош Васиќ зборува за една нам омилена тема - доблеста на безделничењето. И на наше задоволство, притоа цитира книга која сме ја промовирале во Букбокс читанка. Знае човекот што се вистински вредности...

Mрзливоста
, неправедно, се смета за машки порок. Се наведуваат зоолошки паралели: ете, лавот само се препелка и дреме, а сиротите лавици одат и ловат; потоа царот на животните се протегнува и - како Сулејман - ќе клецне некоја од нив, ќе се преврти и ќе заспие. Па зошто е цар на животните?

Проблемот тука, меѓутоа, е многу поголем. Мрзливоста е посложен феномен отколку што изгледа: има различни видови, и не се сите оние лошите. Впрочем, мрзливоста е оцрнета и прогласена за смртен грев од причини проѕирни и себични: прво црквата, а потоа и фордовскиот капитализам бараат од слободниот поединец покорност и ропски кулук под теророт на стоперката во ракaта на работодавецот. Спротивност на поимот „мрзлив" е поимот „вреден", иако знаеме стотина славни примери на мрзливци кои биле повредни од вредните. Британскиот писател Том Хоџкиксон, уредник на списанието „Мрзливец" (Idler) и автор на слатката и учена книшка„Книга на денгубнички задоволства“ (за која пишувавме тука), наведува цитат од манифестот на движењето Бавна храна: треба, велат писателите на манифестот, „човек да се пази од заразата на мноштвото, кое ги помешало хистеријата со ефикасноста". Доблеста на тоа да се биде вреден, тоа го знаеме, често е преправена хистерија, несигурност, лек од застоеноста на сопствената испразност, бегство од дома и од стварноста. И конформизам, страшен порок.

Мојата пријателка Кети, потпреседателка на дебела банка на Западниот брег, ми се жалеше дека мора цел ден да изигрува страшно ангажирана жена, а вистинските работи ги врши за два-три часа и потоа глуми. Повеќето корпоративни менаџери би ви го кажале истото - кога би биле искрени, а не се.

Мрзливоста, значи, се дели на повеќе видови. Таа е облик на ефикасност, затоа што наводниот легач, додека блее, во суштина ја концентира енергијата и размислува како паметно да го заврши она што треба за што пократко време. Накратко, елеганција: најголем ефект со најмал напор, но за тоа треба памет. Затоа паметните луѓе тежнеат кон мрзеливост, затоа што паметните нешта не се работат набрзина и хистерично, со фолирање дека тешко работиме. Има, признавам, вредни и паметни, но и тие би можеле сето тоа поспоро, отколку да ги мачат статусните прашања - како изгледаат или оставаат ли впечаток. Има и патолошки видови мрзливост, но тие навистина се прашање за психотерапевтите: депресија најчесто, изгубеност во вселената, сериозни неволји. Но, тоа е друга и тажна приказна.

Сериозниот безделничар мисли, планира и дејствува во вистинскиот миг кој обично е оној последниот. Тие работи се прават на памет, а не на сила или со дерење. Затоа толку мрзливци одат во новинарството или толку новинари учат навидум да безделничат. Во одбрана на мрзливоста, впрочем, се напишани и многу паметни книги и есеи: од д-р Џонсон, преку Пол Лафарг, Марксовиот зет и автор на култната книга „Правото на мрзливост", па до новите автори: сето тоа убаво и учено наброено во споменатиот прирачник на Хоџкинсон. Јок, тие ќе ме учат, мисли нашиот современик безделничарот, и во право е, иако е убаво да се наиде на поддршка и кај класиците и другите умни луѓе. Некако на човека му доаѓа полесно и подобро ќе даде отпор на хистеријата на фордовскиот капитализам, протестантската работна етика, црковното ужаснување над безделничењето од кое произлегуваат сите гревови, неолиберализмот и лошо скриената алчност на бесрамните банкари кои нè тераат со парите кои ги немаме да купуваме работи кои не ни требаат.

Безделничарот - свесен за сето наведено - ќе состави своја листа на приоритети, разликувајќи го битното од небитното, што е клучна дефиниција на умност. Нема тој својата енергија да ја троши на зуење и пуштање на бесмислени звуци, туку полека и внимателно ќе се концентрира на она што сака (или она што мора, за жал) да го направи, а работодавците и шефовите нека јадат гомна. Таквите луѓе потоа добиваат описи кои некогаш биле комплименти, а сега се заканувачки навреди: опуштен (laid back), индолентен, „не гриза", cool cat итн., сè мириса на отказ. Квалитетот на неговиот производ секако не игра улога, затоа што живееме во лажливо доба на маскирани вредности, наштелувано согласно најнискиот заеднички именител на глупоста, па тогаш секој има работа која се шири додека не го исполни работното време, а потоа и понатаму (како што одамна предупреди мудриот чичко Паркинсон). Поважно е да дојдеш прв и да заминеш последен (сосе обврзното сако и вратоврската), и да зјаеш во празно, отколку да направиш нешто навистина квалитетно. И потоа се чудиме од каде финансиската криза...

Безделничари од сите земји, обединете се и забушавајте! Работете го она што го знаете и она што го сакате, а парите ќе ви дојдат порано или подоцна.

Автор: Милош Васиќ („Време")

24 јануари 2013 - 09:15