„Немој да брзаш!“

50 причини зошто да го сакате Витгенштајн

Некако чувствуваме дека оваа статија ќе биде масовно шерувана. Зошто? Затоа што е за еден од најоткачените меѓу филозофите, кој со само една објавена книга во текот на животот, и тоа од само 75 страници, оставил траен печат. Нам додуше ни е доволна само една причина за да го цениме, неговото: „За она за што не може да се зборува, треба да се молчи".

1. Затоа што најмногу ја сакал улогата на пропаднат аристократ.
2. Затоа што никогаш не напишал „Хајл Хитлер" како Хајдегер, и никогаш не ја следел Комунистичката партија, како Жан-Пол Сартр
3. Затоа што верувал во пријателството. Пријателот, велел, е некој со кој можеш да зборуваш за километри бесмислици
4. Затоа што сè до смртта го следело сеништето на Ото Вајнингер, измачениот и суицидален пророк
5. Затоа што го отфрлил семејното наследство, кое од него би направило еден од најботатите луѓе во Европа
6. Затоа што еден од ретките совети кои во последните години им ги давал на студентите бил: „Во животот не смеете да се пренатрупувате"
7. Затоа што навистина бил потребен некој кој ќе го исчисти интелектуалните штали на овој свет, а Витгенштајн бил изненаден кога му била понудена оваа задача
8. Затоа што ја исмејувал Раселовата идеја да создаде Светска организација за мир и слобода. „Претпоставувам дека вие повеќе би сакале да востановите Светска организација за војна и ропство?". Витгенштајн: „Да, баш така".
9. Затоа што велел дека филозофот не припаѓа на ниту една идеолошка заедница. Токму заради таа радикална отуѓеност тој и е филозоф.
10. Затоа што на издавачот на неговото дело Tractatus logico-philosophicus му предложил кон книгата да додаде куп празни страници на кои читателот ќе може да ја изрази својата омраза затоа што ништо не разбрал, и му советувал на насловната да го испечати неговиот датум и часот на раѓање, за оној кој верува во астрологија да може да го пресмета неговиот хороскоп
11. Затоа што неговиот идеал бил во капка граматика да концентрира филозофски облак
12. Затоа што постојано се прашувал што треба да се прави ако имаш само еден талент, кој почнува да се гаси. Дали е најдобро да се исчезне заедно со него?
13. Затоа што кога дознал дека има рак на простата не го скршила самата дијагноза, туку гаранцијата на докторот дека знае делотворна терапија
14. Затоа што тврдел дека доколку неговите ставови би биле напишани на шалтерите за билети на англиските железнички станици, тие би изгледале вака: „Дали вашето патување е навистина нужно?" Оној кој би го прочитал ова би можел да каже: „Па кога ќе размислам, можеби и не е."
15. Затоа што никогаш не носел кравата
16. Затоа што атомската бомба ја сметал за горчлив, но спасоносен лек
17. Затоа што, исто како и на Шопенхауер, сметал дека е злосторство да се имаат деца. На една девојка, која била заљубена во него, ѝ објаснувал дека тоа значи само фрлање на уште едно суштество во овој нeсреќен свет. Исто така сметал дека луѓето предолго живеат.
18. Со оглед на тоа дека бил свесен за своите гревови, и не се надевал на нивно откупување, го претставувал Бог исклучиво како немилосрден судија
19. Затоа што секој облик на филозофска аргументација му изгледал вулгарен, а тој не сакал цвеќето да го валка со калливи раце
20. Затоа што се прашувал „Каде оди сегашноста кога станува минато, а каде е тогаш минатото?". Тоа, тврдел, е еден од главните извори на филозофски проблеми
21. Затоа што постојат чудни сличности помеѓу Витгенштајн и Телониус Монк. Обајцата не е можно да се имитираат, премногу се сложени и посебни. Обајцата биле музичари на тишината.
22. Затоа што Ингерборг Бахман му го посветила нејзиниот докторат за Хајдегер
23. Затоа што Изабел Ипер во филмот на Вернер Шротер „Малина" предаваше за Витгенштајн
24. Затоа што филмот на Михаел Ханеке „71 фрагменти од хронологија на еден случај" е инспириран од Витгенштајн, исто како и филмот на Дерек Џарман „Витгенштајн", кој е инспириран од биографијата на филозофот
25. Затоа што во Фројд гледал еден од најголемите естетски демиурзи на модерноста, кои не само што го променил нашиот поглед, туку ни отворил и ново око
26. Затоа што тврдел дека во филозофијата натпреварот го добива оној кој трча најбавно, или оној кој последен стигнува на целта. „Филозофите меѓусебно би морале да се поздравуваат со 'немој да брзаш'".
27. Затоа што на прашањето зошто станал филозоф одговарал со тоа дека не го бивало за ништо друго, и дека со бавењето со филозофија на крајот на краиштата си штети само самиот на себе
28. Затоа што имал длабоко чувство дека е излишен во светот, воедно срамејќи се што нема храброст да се убие
29. Затоа што припаѓал на исто семејство како и американската глумица Луис Брук, исто така шопенхауровка, која минувачите ги прашувала за патот до пеколот и која ги запалила своите мемоари од страв да не се измами себеси читајќи ги
30. Затоа што повеќе ја сакал лошата совест од добрата, и велел: „Никогаш не заборавај дека тогаш кога сè оди добро не значи дека тоа така и ќе остане"
31. Затоа што на едно предавање на Карл Попер му се заканувал со маша за оган
32. Затоа што без него би го немало и мајсторското дело на Томас Бернард „Роднината на Витгенштајн"
33. Затоа што му изгледало бесмислено да чита филозофски статии во познатото списание Mind, со оглед на тоа што во крими романите има многу повеќе супстанца
34. Затоа што една од омилените изјави му била: „Leave the bloоdy thing alone", која ја кажувал со свечен израз на лицето, и му значела дека работите се како што треба да бидат и не треба ништо да се менува
35. Затоа што по завршувањето на предавањата секогаш одел во кино да гледа вестерн или музичка комедија, секогаш седејќи во првиот ред
36. Затоа што бил свесен дека работата на филозофијата е работа врз самиот себе. Секогаш пишуваме на она ниво на кое се наоѓаме.
37. Затоа што мразел подучување филозофија на Универзитет, и за таквата работа тврдел дека може да биде чесна само по некое чудо
38. Затоа што советувал: „Не си играј со длабочините на другиот"
39. Затоа што тврдел: „Не се срами да кажеш глупост. Внимавај само на сопствената апсурдност"
40. Затоа што бил мајстор во давање отпор преку дисурзивни лукавства. Ако Диоген го отфрлал филозофскиот јазик како кловн, Витгенштајн ја запалил кладата на нашите филозофски суети
41. Затоа што ја мразел филозофската вулгаризација која ги заведува луѓето дека мислат дека разбираат нешто што не го разбираат
42. Затоа што дури и во педесетите бил во состојба да живее страшно сложени љубовни приказни со млади мажи
43. Затоа што сметал дека е многу потешко и воедно многу почесно да се размислува или да се обидува да се размислува за својот живот, отколку да се решаваат логички проблеми. Зошто би бил логичар ако не сум човек?, се прашувал.
44. Затоа што бил промашен монах, што не му избегало на неговиот најдобар биограф со симболично име Монк
45. Затоа што го налутил Жил Делез, кој го обвинил Витгенштајн дека сака да ја уништи филозофијата
46. Затоа што за време на Првата светска војна како доброволец се пријавувал за најопасните задачи. Тврдел дека стравот се раѓа од погрешната претстава за постоењето. Во рововите ги читал Толстој, Шопенхауер и Ниче
47. Затоа што тврдел дека филозофските проблеми можат да се разрешат само ако мислиме на поглупи работи отколку филозофите
48. Затоа што кога Виенскиот круг, тврдината на најрадикалниот позитивизам, го повикал на предавање, порадо ја читал мистичката поезија на Тагоре
49. Затоа што тврдел дека желбата за чест и слава е смрт за мислата
50. Затоа што на Расел, кој сакал да го одврати од тоа две години да живее сам во Норвешка, му рекол дека го проституира својот дух разговарајќи со интелигентни луѓе. „Му реков дека таму е мрачно", раскажува Расел, „а тој ми одговори дека не ја сака светлината. Тогаш му реков дека е луд, а тој одговори: Боже ме сочувај од ментално здравје".

автор: Роланд Жакар
извор: Пешчаник

27 мај 2012 - 13:52