Универзитетски писма на читателки со импакт фактор

Кандидат со повеќе висококвалитетни трудови се одбива за помлад асистент а кандидат без ниту еден висококвалитетен труд се предлага за унапредување од вонреден во редовен професор. Вакви рецензии пишуваат режимски рецензенти по нарачка.

Еден ист рецензент, две различни рецензии на УКИМ

Станува збор за професорката по психологија, В. А., редовен професор Институт за психологија, Филозофски факултет. Пред извесно време таа била прв рецензент за избор на помлад асистент на институтот за психологија при Филозофски факултет, по група предмети за кои што таа е професор.

Важно е да се каже дека првиот рецензент има најголемо влијание во пишувањето на рецензијата затоа што тој ја обликува рецензијата.

Значи, на конкурсот за избор на помлад асистент на Институтот за психологија при Филозофски факултет, се јавиле повеќе кандидати, кои според рецензијата, ги исполнувале условите за помлад асистент.

Tаа го предложила кандидатот што имал најниска просечна оцена и што немал објавено ниту еден труд. Своевремено оваа рецензија предизвикала бура како во електронските така и во пишаните медиуми. Eден од кандидатите поднел приговор на оваа срамна рецензија (Билтен на УКИМ, број 1050, стр. 199). Во приговорот кандидатот навел дека има повисок просечечен успех од предложениот кандидат и дека има трудови индексирани во Web of Science и Scopus, и уште десетина други трудови.

Три труда индексирани во Скопус: кандидатката е одбиена за помлад асистент

Трудови индексирани во Web of Science се потребни за редовен професор (според Законот за ВО). Значи, кандидатот имал квалификации многу многу повеќе од потребниот минимум. Професорката прв рецензент, В. А., го одбила приговорот со образложение дека бројот и квалитетот на трудовите не е важен. Тргнувајќи од овој критериум, таа предложила кандидат што нема трудови.

Неодамна, истата професорка, В. А., бил прв рецензент за избор на редовен професор при истиот институт.

Овој пат на конкурсост се пријавило едно лице, вонредниот професор по психологија, Е. А. Л. Кандидатката била предложена за редовен професор со образложение дека има објавено трудови со импакт фактор и тоа во референтно списание (Билтен на УКИМ број 1082, стр. 41-61). Трудовите биле објавени во списанието International Journal of Cognitive Research in Science, Engineering and Education (IJCRSEE), број 1 и 2 за 2013 година.

Овие аргументи се за почит, меѓутоа тие не се вистинити. Трудовите се навистина реални, но сие други податоци врз кои се засновува предлогот се креирани, што значи, непостојни, измислени. Прво, во импресумот на списанието не пишува дека тоа е списание индексирано во Web of Science. Во списанието се наведуваат други произволни, популарни податоци, на пример глобал импакт фактор. Рецензентот, сè уште неизграден научник, некритички го прифатил овој аргумент од рекламата на списанието. Но , тој е ирелевантен податок, затоа што, според ЗВО, потребен е само импакт фактор заснован на Web of Science. Второ, Web of Science дава список на сите списанија што се спомнати во таа база на податоци, кој список може лесно да се добие на интернет. На тој список го нема списанието International Journal of Cognitive Research in Science, Engineering and Education (IJCRSEE). Импакт факторот што го наведуваат рецензентот е релативно висок (3.459), дури повисок од некои високо афирмирани списанија во светот. На пример, списанието Annals of mathematics што го издава Princeton University , има импакт фактор 3.027.Списанието International Journal of Cognitive Research in Science, Engineering and Education (IJCRSEE) го издава Високата школа за воспитувачи од Алексинац, Србија во соработка Здружението за развој на науката, инжинерството и образованието од Србија. Тешко е да се поверува дека оваа школа издава списание со толку висок импакт фактор.

Трудовите на кандидатката за редовен професор се објавени во број 1 и 2 за 2013 година. Интересно е што рецензентот наведува дека некаков импат фактор на списанието за 2012 година изнесува 3.459. Како е можно едно списание да има импакт фактор пред да почне да излегува? Било кое списание треба да излегува извесно време, да биде цитирано низ светот па да добие импакт фактор. Згора на тоа, тоа списание не е индексирано ни во Скопус. Тоа значи дека, според меѓунаронди стандарди, тоа не се смета за квалитетно списание. Рецензентот, меѓутоа, наведува дека тоа е референтно списание, значи списание со највисок квалитет. Референтно списание што не е индексирано во Скопус? Мало морген.

Нема трудови индексирани во Скопус: кандидатката е унапредена во редовен професор (пораката од оваа претрага гласи: Unfortunately we could not find any authors by that name).

Прикажани се две рецензии, двете напишани од ист рецензент, според ист Закон за Високо образование, според исти критериуми. Во првата рецензија кандидатот се одбива за звањето помлад асистент иако приложил квалитетни трудови индексирани во Web of Science и Scopus, со образложение - како што стои во рецензијата - дека квалитетот на трудовите не е важен. Во втората рецензија, рецензентот сметал дека квалитетот на трудовите е важен, но кандидатот немал квалитетни трудови (ниту еден труд индексиран во Web of Science и Scopus) па рецензентот прибегнал кон креирање и измислување на факти за да го оправда својот предлог со кој лицето се унапредува од вонреден во редовен професор.

Да заклучам, кандидат со повеќе висококвалитетни трудови се одбива за помлад асистент а кандидат без ниту еден висококвалитетен труд се предлага за унапредување од вонреден во редовен професор.

Вакви рецензии пишуваат режимски рецензенти по нарачка. Тие се секогаш спремни да одбијат добар кандидат за да се прими лош кандидат, односно да дадат апсурден предлог за унапредување на професор што нема ниту еден компетентен труд.

Во просториите на УКИМ истакнат е Морален кодекс за ликот на универзитетскиот професор, но за него никој не води сметка. Каков е моралот на овој професор, В. А.?

Овие две рецензии, напишани од еден ист човек, покажуваат колку ниско универзитетски професор може да падне на морален план.

Неодамна МОН суспендира повеќе од дваесет решенија за избор и напредување на наставници на Универзитетот МИТ. Ако МОН навистина се залага за квалитет и за почитување на законитоста во високото образование- како што непрекидно потенцира - ова е прилика за негова акција на УКИМ.

Валентина Петрова

13 октомври 2016 - 15:41