Писма на читатели кои (не) чекаат да бидат поплавени

Жителите на оваа улица јавно го повикуваат проектантот, градоначалникот и инвеститорот да изнајдат начин проблемот со поплавувањеда биде разрешен (на време, додека сè уште се прави). Во спротивно ќе се потврдат мислењата дека странските донатори перат пари во државата а институциите на системот градат колку за да се рече дека се гради.

Многу ми е жал што во услови какви што се во нашата држава, единствен начин на кој властите ќе се заинтересираат вистински да се реши некој проблем е ако се изврши јавен притисок. Затоа уште на почеток отворено ја кажувам мојата намера – да извршам притисок врз градоначалникот на општина Сопиште, Стефче Трпковски, а воедно и врз инвеститорот за реконструкција на улица 24 во с. Сопиште, Светска банка, сериозно да пристапат кон решавање на следниот проблем.

Во јули 2016, после долгогодишни барање на жителите на улица 24, се започна со реконструкција на улицата. Во август 2016 (по поплавите во Скопско) улицата изгладаше вака (улица нова три недели).

Слика 1. Улица 24 три недели по реконструкција
 

Слика 2. Улица 24 три недели по реконструкција
 

Слика 3. Улица 24 три недели по реконструкција
 

Куќите од левата страна на улицата се поплавија бидејќи нивото на улицата се дигна над нивото на куќите. Со други зборови, целата вода од улицата влезе во дворовите и/или подрумите. Пред реконструкција на улицата дворовите и подрумите не се поплавуваа, бидејќи нивото на улицата беше со или под нивото на куќите.

По околу месец иполовина пауза се продолжи со реконструкција (или поинаку кажано „остварување“). За да се „реши“ проблемот со поплавување, се поставуваат каналети. Само има една финта. На дел од улицата, каналетите се поставуваат на погрешната страна, имено на горната страна од нагибот на улицата. Со други зборови, проблемот воошто не е решен, со секој нареден дожд дворовите и подрумите повторно ќе се поплавуваат бидејќи природно е водата да оди кон понискиот дел од улицата.

Слика 4. Нагибот на улицата е таков што водата природно тече од страната каде што нема поставено каналети
 

Слика 5. Нагибот на улицата е таков што водата природно тече од страната каде што нема поставено каналети
 

Слика 6. Удолницата е на страната каде што нема каналети. За да улицата биде рамна „фали“ повеќе од еден сантиметар асфалт.
 

Слика 7. Удолницата е на страната каде што нема каналети, водата ги носи камењата кон левата страна на улицата, навлегува во дворовите и домовите и предизвикува штета.
 

Најтрагичното во целата ситуација е што изведувачот е свесен за ова, но во расправиите ни одговара дека „таков е проектот, по проектот нема предвидено да има каналети од таа страна на улицата“.

Затоа жителите од долниот дел на улицата 24 јавно го повикуваат проектантот, градоначалникот и инвеститорот заеднички со жителите да изнајдат начин проблемот со поплавување што произлегува од нагибот и висината на улицата да биде разрешен (на време - додека сè уште е во рек работата на улицата) или со тоа што ќе се постават каналети по целата должина на левата страна од улицата или на друг прифатлив начин.

Во спротивно ќе се потврдат и онака присутните мислења во јавноста дека странските донатори перат пари во државата а институциите на системот градат колку за да се рече дека се гради без да се води сметка за квалитетот и за ефективноста.

Градоначалнику и одговорните лица од Светска банка, ве повикувам да покажете со дела дека впечатоците во јавноста се погрешни и гарантираме дека кога работата ќе биде завршена за пофалба тоа јавно ќе го направиме.

Ана Стојанов во име на група граѓани од Улица 24.

П.С. Еве како изгледа улицата за време на обичен дожд (снимено на први септември).

 

30 септември 2016 - 11:19