Интервју со Христо Ѓорѓевски - Рики

Златните денови на кошаркарскиот бренд Работнички кој стана четврти во Европа

Од Рики слушнавме за првото забивање на отворено игралиште во Скопје, за првиот пресинг, првиот Југословен кој заминал во НБА лигата и како во Милано ги наместиле да загубат за да не влезат во финале на Европскиот Куп. Се чувал и со Корач.

„Еднаш облеков дрес со број 13, знаете ли зошто? Судиите знаеа дека нон стоп носам 12-ка и обично разговараа меѓу себе дека сум пргав и дека се расправам и јас го сменив дресот на сред натпревар“.

Три часа слушавме легендарни анегдоти и приказни од човекот кој знае 100 пати повеќе од Гугл за почетоците и историјата на КК Работнички. Бил во првата петорка од оформувањето на клубот заедно со Књазев, Савовиќ, Ѓоргиев и Ј. Луковски, а подоцна во тимот им се приклучил и Буштурот кој до тогаш играл баскет на бандери. Тренер се знае, Лазар Лечиќ кој во 10 навечер проверувал дали се легнати.

Пари немало на почеток. За ручек и вечера јаделе костени, на Партизанска пиеле лимонади, а на тренинг губеле по 3-4 кила. Ѓорѓевски, роден 1944-та го носел дресот на Работнички од 1963-та до 1977-ма со пауза од три и пол години кои ги поминал како тренер-играч во Суботица. Легендарниот Радивој Корач, кој загина во сообраќајка на 30 години и прв спортист погребан во Алејата на великаните во Белград, не можел 10 минути да прими топка од упорниот Рики.

Првата петорка на КК Работнички: Књазев, Савовиќ, Ѓоргиев, Ѓорѓевски, Ј.Луковски 1964/1965

Кога на интернет пребарував што има зад името Христо Ѓорѓевски Рики, не се појави ништо, а зборуваме за име од првата петорка на КК Работнички кој подоцна играше со Благоја Георгиевски-Буштур, а тренер му беше Лазар Лечиќ. Што би кажале прво за себе?

Меѓу 1965-та и 70-та година, јас покрај тоа што бев најдобар одбранбен играч, бев и кошгетер. Од тие 15-20 коша кои сум ги давал по натпревар, 4 до 6 биле од шут, а сите други од топки фатени во напад или со влез под кош. Имав специфична игра под кош, ако ми ја дадеш топката давав кош или изнудував фаул. Специјалитет ми беше влезот од позади, проаѓав по двајца, а исто во лев улаз бев скоро незадржлив, бидејќи проаѓав еден и потоа уште еден во воздух. Тоа е бековска финта од Ѓеѓер сум ја учел, потоа Кичановиќ ја наследи, па Дражен Петровиќ. Инаку јас не промашував под кош, ама вежбав по 100 пати без да ми падне топката. Тоа го правев на двете страни на кошот и така стануваш посигурен и посилен. Во средно техничко во 1958 година бев висок 156 см и со сите спортови се занимавам, освен со кошарка, а станав кошаркар. Бранев за ФК Тетекс и кога ќе ми дадеа два гола, одев во напад да играм центарфор за да им давам голови. Голман бев и во ракомет, а по потреба играв и пикер.

Како почна вашата кошаркарска кариера?

Кариерата ми почна во 1963-та после земјотресот. Ме сретна Лечиќ, тогаш во шатори живееа, се вери со жена му Риска и вика ќе дојдеш во Работнички и одма после земјотресот во септември отидов со Работнички на квалификации во Велење. Тогаш го зема и Боцевски од Куманово, тој беше 199см, јас 197см, добри висини за тоа време и ние бевме тандем. Во меѓувреме мене ме бараа и во Маврово од Гостивар. Отидоа кај татко ми, тогаш и Књазев беше меѓу нив и ми нудеа Фичо и гарсонера во Карпош 2, а татко ми им рече не го продавам син ми, не сака ни Фичо, ни стан, ете го студира и ќе игра во Работнички, а во Работнички немавме услови првите години.

Се живеело ли тогаш од кошарка?

Никако и тогаш никој не помислувал да живее од кошарка, се играше најчесто од љубов. Желбата за победа беше најголема. Првите почетоци 65-та, 66-та година ние бевме доста потценети кога игравме во Љубљана, Загреб, Белград од причина што бевме послаби и не нè сметаа за сериозен противник. Има една интересна случка кога требаше да играме во Тиволи со Олимпија, бевме сместени во хотел Лав. Во 23 часот дојдоа руски туристи и бидејќи немаше каде да ги сместат, нас нè преместија во друг хотел, значи во 23 навечер кога треба да сме на спиење. Тоа беше период кога губевме по 20 години разлика, но после 3-4 години дојде време кога ние таму бевме рамноправни и подобри од нив. Се случуваше да добиеме утакмица во Белград, во Загреб и имаше тв преноси од тие наши победи. Веќе беше друго тогаш, нè пречекуваа на железничка станица и се смени односот. За да те ценат најважно е да го победиш противникот, тоа е најдобар начин во спортот.

Инаку во Работнички ни даваа хранарина и некаде до кај 20-ти имаме за јадење, ама пари немаме, а трениравме по 2-3 пати и немавме што да јадеме. Одевме во Тетово да собереме костени. За ручек јадевме варени костени, а за вечера печени, за да смениме. Јас на пример губев од 3,5 до 5 кила на секој тренинг, Боцевски околу 3, 3,5 кила, а Радосављевиќ едно кило. Лечиќ не мереше пред тренинг и после тренинг, за да види спрема килажата колку си се залагал. Имаше дијаграм, ако ослабеш само едно кило на тренинг, значи не си се потел и не си се залагал доволно. Тој за секој знаеше колку се троши. Мене од многу губење течност ми се затворија ушите и не слушав ништо. Но тоа не ми влијаеше, не слушав ни публика, ни тренер и така се концентрирав. За да надокнадам пиев грубо меѓу 8 и 10 литри течност и тоа не еднаш, туку по два пати во денот. И не слабеев, имав 91, 92 кила кога бев во најдобра форма. Кога имав 95 имав помал скок и помала брзина.

Што пиев? Во тоа време на Партизанска лимонади точеа. Тогаш сите не знаеа, бевме популарни. Автобусите ни застануваа и не ни наплаќаа. Тој што продаваше лимонади ставаше само цртки и кога ќе земевме премии одевме да му платиме. По 80-90 цртки имаше. Инаку кога одев дома пиев млеко, сок, па ајде пиво ќе се напиев и на крај сол ми бараше организмот, а тоа е најштетно. И така секој ден. Потоа почнав покасно да читам спортска медицина и кога разговарав со лекари ми рекоа добро што сум останал жив. Имав таков организам кој добро ги вареше тие работи. Во Белград кога одевме, во хотел Југославија сите пиеа кока кола, а јас вино. Лечиќ ми вика за четири часа имаш утакмица. Пред нас играа Југопластика со Партизан, а ние со Звезда. Лечиќ му вика на клупскиот лекар: `Абе овој ненормален, има утакмица, а ќе пие вино`. Шеќер ќе си ставев во виното и така го пиев. Потоа ни даваа да се храниме во самопослуга, ручек и вечера, а еден период и во Гранд хотел. Ни даваа појачан ручек, а тоа беше и како реклама за хотелот бидејќи бевме познати.

Во што се разликува атмосферата во Градски парк сега и во ваше време?

Прво се разликува во присуството на гледачи, салата беше претесна за да ги собере сите, а навиваа дури и од надвор. Во салата се правеше посебен амбиент кој им создаваше проблеми и на противниците, а кога разговаравме и со нив велеа дека немаат сретнато таква атмосфера од проста причина што во големи центри салите беа поголеми, а оваа 2.000 максимум и крцаше. Тоа помагаше многу и публиката беше 6-ти играч.

Се сеќавате ли на највисоката победа и највисокиот пораз?

Најголем пораз ни беше од ОКК Белград на гости кога Радивој Корач даде 61 кош. Тогаш беа многу јаки, во прва петорка им играа Корач, Рајковиќ, Николиќ, Гордиќ и Еркиќ и нè тепаа околу 50 разлика, а Корач седеше само напред и даваше кошеви и не се враќаше назад. На највисоката победа не се сеќавам, но паметам други интересни утакмици. Кога игравме со Југопластика во Сплит имавме сите температура и баравме да се одложи утакмицата. Мечот сепак се одигра и сите се појавивме со марамчиња на лице. Тоа беше меѓуколо во среда кога во авион патувавме со Миро Унгер и Тереза Кесовија. Ја прашавме дали ќе навива за нас, а таа вели не, јас сум далматинка ќе морам да навивам за моите. Рече дека ако сме подобри да ги победиме. 

Потоа во сабота требаше да играме со Олимпија за која играше Иво Данеу. Тој меч беше важен од друг аспект, а тоа беше појавата на Георгиевски – Буштур. Загубивме од Југопластика со мала разлика од 6 или 8 поени, а кога се вративме дома цела петорка бевме болни. Баравме и тој меч да ни го одложат, но пак ништо. Во прво полувреме беше 50:25 за нас, а игравме во салата во Чаир. Во второ полувреме влезе да им игра сосема друга петорка и на 6 секунди до крај Иво Данеу израмни со хорок за 75:75. Во второ беше обратно, тие дадоа 50 поени, а ние 25. Кога видов дека израмнија, се качив на даските кои се залепени на ѕид и главата ја удирав од нив. Еден од полицајците ја извади капата и ја стави за да удирам во капата. На крај немаше кој да игра и влезе Буштур како 12-ти играч. Лечиќ претходно го бркаше и велеше дека такви како него има 100 во Македонија. Еден па му вика: `Абе го гледам таму игра по бандери и ги тепа еден на еден, еден на два, еден на три. Никој не може да го чува на баскет`. Лечиќ го стави, и Буштур даде 14 коша и тепавме. Следната недела играме во Задар и Лечиќ му вика: `Играш во прва петорка и најдобриот нивни играч Ѓевѓа да не ти пројде центар. И стварно не му даваше да пројде центар, штом пројде Буштур го фаулираше. Со Задар бевме зближени, летото кога беше земјотресот, ни плаќаа како помош да тренираме со нив во Порик и на турнири да учествуваме. Добри односи имавме бидејќи и нивни играчи служеа војска во Скопје. Задар и Чачак имаа посебни школи за кошарка во тоа време.

Каков тренер беше Лазар Лечиќ?

Тој беше школуван тренер. Има завршено две години на ДИВ во Белград и има диплома за кошарка и фудбал. Кај Аца Николиќ положи кошарка, а фудбал на катедрата кај Рајко Митиќ. Бараше од нас физичка подготвеност, дисциплина и доаѓаше во 22 часот по станови да провери дали сме легнати. Не нè оставаше со женски, но ние се снаоѓавме, прво ќе легнеме, па потоа ќе станеме за да одиме на закажаното. Беше строг и многу водеше сметка на одбраната, ние и таква екипа бевме, по квалитет послаба од другите и немавме екстра ѕвезди. Ние да имавме барем една ѕвезда ќе бевме прваци на Југославија. Тоа беше разликата, нијанса.

Некоја анегдота?

Играме против Борац од Чачак некаде 68-ма, 69-та, но што се случува. Играчите од сабајле во 4 станале за по риба со кило ракија и потоа доцнеа на мечот. Лечиќ вика препозиции се да чекаме еден час, ако не утре ќе ја играме на трошок на домаќинот, но потоа вика не сакам утре да играме, ќе чекаме ако треба до полноќ, а трибините полни. Овие кај 9 и нешто доаѓаат и не можат да ја погодат вратата. Лечиќ спремаше тактика за Мишолиќ да го чуваат 4 играчи. Прво некој брз бек да го чува, бидејќи беше дебел и тромав и само шутер, потоа еден деснак тоа беше Тевчев бидејќи беше јак и да го замори малку. Трет беше Димитревски Гајо, деснак и потоа судија и Гавровски Мирче. Ние бевме среќни, викаме ќе ги растуриме штом се пијани, но Мишолиќ ни даде 32 коша. Инаку тој и голубарџија беше. Се сеќавам дека го бараа во Партизан, ги услови да му направат голубарник на отворено игралиште на Калемегдан, ако не не доаѓа да игра. Во репрезентацијата не играше од тие причини, инаку беше најдобар клупски играч. 30-35 поени даваше по натпревар, никој не можеше да го чува и Лечиќ вика ќе му ставам еден 195см, а тој е 180. Тој виде дека висок го чува и влезе да му игра центарски и му даваше табла кош. На крај не тепаа и потоа одиме на вечера. Го прашав: `Па добро како можеше пијан толку поени да постигнеш`, а он вика: `Верувале или не, штом се дигнам на кош гледам три обрачи, во кој и да гаѓам, погодувам`. Нè растури човекот, не можевме да го чуваме, трезен да беше немаше толку поени да постигне. Инаку во Партизан не отиде, бидејќи не му направија голубарник.

Анегдоти има многу. еве друга. Звонимир Петричевиќ од Локомотива висок 215см, беше Загребчанец и прв кој отиде во НБА лига од Југославија, а мислам дека е и прв од Европа. Бидејќи беше многу повисок од мене кога го чував го газев за патика, за да не може да скокне. Тој можеше без да скокне да ми ја земе топката, ама јас излегувам пред него и кога ќе го згазнам потоа рипам. За тоа треба многу голема концентрација, додека лета топката треба да водиш сметката кај му се нозете, да застанеш пред него и да го згазиш.

Инаку со судии секогаш сум се расправал до трет, максимум четврт фаул. Во Белград , Јакшиќ беше многу познат судија и беше многу по пиењето. Играме утакмица со Раднички, а во прв ред седеа белграѓанки со кои се дружевме. Одам на влез ми суди чекори, следен напад пак ми суди чекори. Го гледам на полувреме и му викам на келнерот дај му дупли коњак од мене. Јакшиќ вика ова мито да не е? Не е мито му викам. Не е проблем што ми судиш, тоа не се чекори, еве и сега ќе ти покажам ако сакаш и што ми поништуваш кошеви, туку ме срамиш пред женскиве, а он ме прашува да не е девојка ти таму? Таму е му велам, една од нив. Потоа не ми судеше чекори до крај на кариера, па дури и кога ги правев. Инаку беше многу паметен судија, а кога местеше не можеш да го приметиш кога мести. Еднаш беше толку пијан што сме го носеле на раце и го криевме никој да не го види.

Со Снежана Липковска, маскота на КК Работнички

Кои ви се најголемите успеси?

Пресвртница во играта на Работнички беше после припремите во Бадија, Хрватска 1969-та кога бевме први што почнавме да играме пресинг низ цел терен и правевме големи пресврти во резултати од -15 до +15, +20. За таа игра се бараше снага, брзина, спремност, но и лукавост за да сечеш топки и дел од нашите играчи беа такви, брзи и ниски. За тоа беше најзаслужен Алекс, роден во Војводина кој живееше во САД. Тогаш прв пат слушнавме за играта пресинг, која ни ја покажа во Бадија.

Најголемите успеси на Работнички беа кога се вратив кај нив во 1975-та. Стигнавме до полуфинале на Европскиот Куп и игравме против Цинцана од Милано. Таму изгубивме 24 разлика, а кај нас ги тепавме 19. Тогаш ја тепавме ЦСКА Москва, Олимпијакос и една француска екипа. Инаку во Милано не наместија, ни дадоа некоја лоша храна и скоро сите качивме висока температура. Буштур играше со 40 температура, а ја добивме на 2-3 часа пред утакмица. Куп Радивој Корач се викаше тогаш европскиот Куп, во чест на Корач кој загина во сообраќајна несреќа. Тој имаше на еден натпревар постигнато 99 коша против Шведска, рекорд во Европа.

Бадија, Хрватска со Американецот Алекс, 1969 година

Спомнавте дека и сте го чувале легендарниот Радивој Корач?

Кога беше почетник, Корач беше цепаница 214см висок и јак. Бора Станковиќ му беше тренер, што беше генерален секретар на ФИБА. Не му дадов 10 минути да прими топка. Свика тајм аут Бора, Белград беше тогаш првак на Југославија, играа Корач, најдобар играч во Европа, Сија Николиќ, најдобар за скок-шут, нема подобар од него, Гордиќ, син му сега игра во Цибона. На тајм аут тренерот го прашува Корач кој те чува, а јас отидов кај нив да ги слушам што зборуваат. Прво не ме приметија и тој ме бара и не може да ме најде. Потоа кога се свртев со грб и кога се тргнав, ме виде по бројот на дресот 12. Тренерот му рече оди на кош, не ми е гајле кој те чува, а ако треба и него ќе го стрпаш во кош. Потоа ми направија дупли блог за Корач да прими топка под кош. Јас го фатив за рака, а он се дигна и ме дигна и мене малку. Ја закуца и тоа беше прво забивање видено во Скопје на отворено игралиште. Тој 214см, јас 197, со една рака ја закуца, а со другата ме држеше мене. Инаку Корач даваме многу кошеви. Францускиот тренер Биснел кој беше и селектор, две години го студираше Корач и направи филм за него. Кажуваше дека како левак секогаш кога влегувал по десна страна правел фаул и од тогаш почна да се суди фаул во напад. Јас ќе се поставам пред него, тој ќе се удри и ќе даде кош и ќе изнуди фаул. Јас се расправам со судијата, а Биснел потоа докажа дека тоа е фаул во напад.

Раскажете ни го искуството како тренер-играч во Спартак Суботица?

Во Суботица бев прогласен меѓу 10 најдобри спортисти во многу голема конкуренција. Јас им го променив менталитетот во сфаќањето за играта, а за тоа се спремав цело лето. Таму останав после војска од 1972 до 1975-та и потоа се вратив уште две години во Работнички. Со Спартак бевме блиску од пласман во прва лига, но не наместија. Прво во салата организираа саем кога требаше ние да играме, бидејќи Војводина требаше да влезе во прва лига. Судијата свиреше два-три пенали, а јас не играв. На петтиот пенал отидов да се поздравам со него, го стегнав за рака и падна со колена на паркет. Бев многу нервозен и се мислев дали да го удрам. Делегатот од Ријека ми вика не смееше така да постапиш, знаеме дека сè е наместено, но немој ќе има тешки последици за Спартак. Тој беше во Нови Сад на висока функција и се извади по партиска линија, а мене ме казнија. Јас реков толку сум невин што треба веднаш да го исклучите од партија. Знаете ли што значи судија? Делител на правдата, а тој не може да дели правда.

Имаше еден меч против Војводина кој го спремав еден месец. Игравме меч за Куп на Југославија и загубивме 38 разлика, а потоа во сабота играме 1 коло со нив и ни кажаа дека од Сојуз дека ги форсираат за прва лига бидејќи се засилија со 5 играчи. Јас давам изјава и викам со поддршка на публиката и малку среќа имаме шанси да ги победиме. Новинарите ги слушам позади: `Што збори овој, пред два дена загуби 38 разлика и сега мисли дека ќе победи`. Но јас бев спремен за секој играч како да се чува и не го ставив тој тим кој изгуби, туку други играчи кои ги спремав во Унгарија на припреми цел месец и им кажуваш кој што треба да прави на терен. Во 5 минута им го избркав нивниот најдобар играч. Мојов од Суботица играше малку грубо и го изнервира противникот за да го избркаат. Тој меч го добив 110:109. Никој не веруваше, еден магистер од ДИВ разговараше со мене и кога му кажав колку работев со нив ми рече дека ова во Југославија никој го нема направено, ова е филм.

Ми нудеа да останам тренер во следните 5 години. Јас им викам нема шанси, помошникот ќе биде прв тренер, тој има завршено на ДИВ и магистрирано кошарка. Јас сум инженер, работев во институтот и со еден академик работевме геомеханика. Не ми се амбициите такви. Ми викаа ај размисли уште еден-два дена, а јас им викам за три дена ја напуштам Суботица. Потоа се предомислив, ми дадоа некои пари и останав уште година и пол. Во договорот ми стоеше дека ако останам 5 години, а бев три и пол, станот да биде мој. Ако се вратам во Скопје, да бидам советник од Скопје и јас не го потпишав договорот. Не мислев тогаш за стан, во Скопје 10 години живеев во стан од Работнички на мое име, кај Никола Карев во Карпош 3. Пред да одам во војска бев меѓу тројцата највисоки во Работнички, а кога се вратив од Суботица бев меѓу тројцата најниски. Лазо тогаш ме ставаше да чувам надворешни играчи, зашто знаеше дека сум добар одбранбен играч, но јас не бев за таму, туку за во рекет.

Ја следите ли сега македонската кошарка и доколку можете што би промениле?

За жал премногу сум со приватната работа, бидејќи како што сум ја сакал тогаш кошарката, така сега ја сакам и работава. Сум направил 23 спортски сали, сум донел инвестиции и не ми е платено и ден денеска од ред други причини. Не ми е жал за тоа. Јас пред 30 години секаде каде што сум одел со работава сум пропагирал да има сала. Не сум присутен многу на натпреварите, но гледам на тв и лично од мој аспект и од мојата специјалност, а тоа е одбраната, многу малку имаме играчи што можат да ја играат таа одбрана. На пример Гечевски е добар, неговото движење е на највисоко ниво, но квалитетите околу брзината му се други. Потоа Чековски е исто добар, Блажевски на почеток беше меѓу најдобрите играчи, главно оружје му беше одбрана, а после стана добар тројкаш. Ако гледаме процентуално од тежина за играње, ставам 60-70% на одбрана, а 30-40% напад. Полесно е да дадеш тројка, отколку кош од рекет, а тоа го знаат тие што играат кошарка, бидејќи таму е густо, има играчи, немаш голем лоб, треба некоја мекоќа да имаш. Сега центрите закуцаваат, а ако шутираат промашуваат. Најважната работа во одбрана е борба за простор. Секогаш треба да се стремиш да бидеш меѓу топка и твојот противник, а тоа е многу тешко. Мене на пример Чековски да ме чува во одбрана, тешко би ме гурал. Прво би му застанал да ме удри, а потоа би му се тргнал и така ќе загуби стабилност. Имаше случај со Антиќ во НБА исто така направи. Тоа е осет и памет кога чуваш некој. Дивац е најпаметниот центар и најдобриот другар. Во НБА немало друг таков центар. Јас имам читано за тоа и имам разговарано со Владе за тоа. Кога се појавија Дивац, Кукоч, Раѓа, јас не играв, ама бев присутен во Работнички и доста време бев претседател на стручната комисија кога беше Заре Марковски. Во техничка комисија едно 10 години бевме со Књазев, покојни Георгиев, Куко Петровски.

Литванија 2011-та беше случајност или одраз на нашиот квалитет?

Квалитет, надополнети со Бо Меккејлеб. Во тие работи мора да имаш квалитет, но и малку среќа, а не можам да кажам сега за МЗТ што ги губи толку натпреварите дека не е од немање квалитет. Знам дека немаат висок квалитет, ама имаат одреден квалитет бидејќи за 10 минути правеа 15-20 разлика. Со Партизан водеа 24 разлика и после паѓаа и губат 20 разлика, а тоа е друга работа, се прави анализа зошто е тоа така. Не може неквалитетен тим да направи 20 разлика.

Како да се повтори?

Мислам дека тешко може да се поправи и Македонија треба да биде задоволна само со тоа што учествува бидејќи вложувањата на другите се многу поголеми. Ќе ви кажам еден пример. После нашето освоено 4-то место со кадетската репрезентација на Македонија во 2000-та на која бев директор, бевме на прием кај Васил Тупурковски кој праша: Што понатаму? Јас реков понатаму не можеме да одиме и ете се виде што се случи, сите наши селекции од јуниори, кадети ни на претквалификации не можат да влезат. Ние работевме многу време како стручен тим околу програмата и припремата на репрезентацијата. Ние тој период за една година одигравме 42 меѓународни меча, а тоа ретко може да се случи за кадетска репрезентација. Нашите сениори играат по 12 или 8 утакмици, а ние 42. Дамјан Стојановски на пример не е истиот што беше пред 3-4 години. Веројатно тој сака да игра поубаво, а играше многу едноставно и квалитетно. Дамјан играше репрезентативна кошарка, краток спринт, скок и шут. Тоа што го играше на почеток не се бранеше. Сега се обидува нешто друго да игра и не го игра тоа што е најквалитетно кај него.

Нас што ни фали? Ние имаме одредено ниво кое не е доволно за над македонска лига. Не само играчи, туку и тренери. Што ако го имаш Докузовски и уште 3-4 тренери кога екипа не се прави за една година, туку им се остава по 4 години. Јас можам да направам екипа за една година ако купувам играчи, а тоа не е тренер, туку менаџер. Ќе земам кондиционен тренер од Италија или Германија, психолог од друга држава, ќе платиш и готово. За еден тренер дури и 4 години не е доволно за да направи екипа и секоја екипа мора да има костур од 3-4 играчи надополнети со 1-2 странци. Јас сум голем противник да играат четворица странци и еден наш во прва петорка. Не успеав тогаш да разговарам, но и кој ќе те слуша за тоа. Ако сакаме да подигнеме ниво мора да донесе играчи, но да не бидат многу. Ако сакаш да имаш повисоко ниво, мора да имаш своја база. Вака ние стагнираме, Куманово, Кожув, МЗТ Скопје, тука се сите, нијанси одлучуваат. Исто е и со репрезентацијата, таа се создава четири, шест години и после осум години ќе очекуваш резултати. Ѓигиќ направи вонсериски резултати што успеа да влезе на Европско првенство. Според мене тој направи голем резултат што успеа да влезе бидејќи беше на граница. Македонија треба да се стреми секогаш да влезе.

Како ја оценувате играта на Антиќ во НБА?

Перо Антиќ го знам од Работнички. Јас од секогаш сум мислел дека ќе игра друг стил на игра. Имаше влез, техника, корак. Таков голем човек можеше да прави чуда, но се одлучи за тројка што поминува и тоа, но и во одбрана е добар. Во НБА не би го земале само затоа што шутира тројка, он игра паметно. Антиќ во послаба екипа помалку пружа, отколку во појака. Неговите квалитети се за поголема екипа. Во Софија на пример не можеше да игра многу добро, он може да игра во Реал или Барселона, бидејќи во послаба екипа ќе игра нешто друго. Антиќ за наше поднебје е вонсериски играч. Да имавме такви тројца, четворица супер ќе беше. 

11 декември 2015 - 12:29