Владимир Кличко владее со светскиот бокс

Браќата Кличко од борба во борба покажуваат дека во моментов им нема рамни во светскиот бокс. Синоќа во Медисон Сквер Гарден, Кличко го совлада Брајант Џенингс на поени и ја одбрани титулата.

Кличко 18. пат во низа ја одбрани титулата, а пред него е само легендарниот Лери Холмс со 19 титули по ред. Украинецот му го нанесе првиот пораз во кариерата на американскиот боксер Џенингс и стигна до 64. победа во кариерата.

Сите тројца судии му дадоа предност на Владимир Кличко. Двајца од нив дадоа резултат 116:111, а третиот 118:109. Очигледно беше дека предноста во висината и тежината на Кличко беа доволни за победа, но Џенингс не се предаде во ниту еден момент иако немаше многу шанси.

„Убаво е да се вратиш во Медисон Сквер Гарден после седум години и да се бориш. Се радувам на новите предизвици овде, пред оваа прекрасна публика. Џенингс беше многу тежок противник и верувам дека може да победи многу боксери од тешка категорија“, изјави Кличко после победата.

Кличко додаде и дека следен предизвик му е Тајсон Фјури, кој има 24 победи и ниту еден пораз. Фјури неодамна го победи Романецот Кристијан Хамер.

26 април 2015 - 11:24