Интервју со Филип Талески

Учам од играта на Пепи Манасков, земам финеси од Кире Лазаров, а сонот ми е Кил

Најталентираниот македонски ракометар како помал немал планови да тренира ракомет и ниту имал контакт со овој спорт. Во Крушево бил скијач, во скопското маало Аеродром играл баскет, а прво се запишал на фудбал. 

Голема заслуга за тоа што ја добивме најголемата надеж и иднина во македонскиот ракомет, имаат родителите на Филип Талески кои сметале дека нивниот син добро и корисно е да почне да се занимава со спорт. По 5 години напорни тренинзи во Автокоманда, доби шанса да заигра со старата добра банда на Червар и тоа против европскиот гигант за кој сонува да заигра. На 18 години веќе има неколку признанија и награди, а пред три недели во претпоследното коло од Лигата на шампионите, испрати пет проектили во мрежата на Бундеслигашот Кил.

Како ја доживуваше сезонава тешката криза на Металург и дали тоа ти влијаеше кога требаше да се концентрираш на терен?

Јас оваа година потпишав за Металург и ова беше неочекувано, сè се сруши во 24 часа и падна во вода. Тешко ми беше за една таква екипа, во која имаше доста работа за напредок покрај играчи како Мојсовски, Вугргинец, Миркуловски, Атман од кои можеше да се научи, но ете тоа се случи и сега добиваме ние младите повеќе шанса за да играме и да се истакнуваме. Инаку тешко е многу во клубот, но по сите најави се надеваме дека се ќе биде во најдобар ред.

Сигурно гориш од желба за докажување на оваа возраст, како се мотивираше на последните два меча во ЛШ во ситуација кога и со евентуалните победи не можевте да промените ништо на табелата?

За секој млад спортисти е предизвик да игра во Лига на шампионите и во СЕХА лига која е најсилна на Балканот, плус минатите две средби игравме против Загреб каде играат хрватски репрезентативци, а тоа е мотив плус за играње и докажување на терен. Мотивација ни даваше и тренерот, но и сами себе се мотивиравме за што подобро да се покажеме и мислам дека тоа го направивме на двата меча.

Кои беа првите совети од Лино Червар за вас младите, откако си заминаа сите првотимци?

Червар  кажа дека прв пат се среќава со вакво нешто да му заминат сите играчи и рече момци сега клубот е останат на нас, мора да се мотивираме и да го извадиме најдоброто, па што биде нека биде до крај на сезоната. Имаше шанси да се квалификуваме на Фајнл 6 во СЕХА лигата и ако може тоа да го направиме ќе биде добро. Но вчера со Нексе која ни беше прва отскочна шанса за Фајнлфор не ја искористивме. Земавме млади играчи од регионов и се надевам дека ќе се вклопиме сите и ќе бидеме добар тим.

Лино Червар постојано шета покрај клупата и ви прави притисок. Што коментира во тие случаи, ве кара за некоја направена грешка или ве мотивира и ви дава насоки за следните напади?

Тој е најдобар тренер во светот и еве да кажам во најдобрите пет и многу бара од нас и сака да се изведе тоа на маестрален начин. Во моменти буквално како диригент ни објаснува како да играме, а во некои моменти не критикува за одредена грешка. Червар целосно се внесува во играта и се движи по нас на терен, едноставно се внесува во цел натпревар.

Како влијае тоа кај тебе?

Кога сум во игра не можам многу да го пратам бидејќи таму треба да си сконцентриран на добиените задачи и можам само да се свртам кога ќе ме викне. Инаку мене позитивно ми делува, бидејќи ме опоменува каде сум згрешил за да можам следниот пат да го исправам тоа.

Обично детските маалски собиранки се случуваат на фудбал или баскет, како го одбра ракометот?

Во Скопје се преселивме кога имав 11 години и баш тука во маало се собиравме на кош и игравме баскет. Мене како помал ни на крај памет не ми паднало да играм ракомет и што се вели јас не ни знаев за тој спорт. Но мајка ми и татко ми беа иницијатори за да се запишам на некој спорт. Јас се решив за фудбал, но отидов на два тренинзи и прекинав, не сакав. Потоа предлогот на мајка ми беше ракомет. Отидовме во Автокоманда во школата на Металург и така почнав да тренирам на 13 години. Во првата недела не знаев ниту основни движења и чекори, но потоа одеше подобро. По првите два месеци кои ги поминав со тренинзи почна да ми се допаѓа и баш тој период ми се поклопија коцките бидејќи се формираше генерација 1996/1997, како подмладок на Металург со тренерот Александар Јовиќ и во таа селекција ме зема и мене. Од тогаш почнав од нула, трчање, водење на топка, додавање со чекори, научив техника и така ми влезе под кожа ракометот. Инаку во Крушево бев многу и по скијањето и на еден младински турнир го освоив второто место.

Од кој играч доби најмногу совети кога му се приклучи на првиот тим и што те советуваа?

Сите ми даваа совети, Вугринец, Миркуловски, Наумче, Атман понекогаш. Ми велеа дека сум бек шутер и секогаш кога има шанса треба да реализирам. Штом го гледаш голот и имаш позиција за удар, веднаш скокаш и шутираш, нормално тоа да биде од изградена позиција и кога знаеш дека тоа е 100% гол. Потоа сите ми велеа да играм одбрана и дека тоа е клучно.

Имаш ли спортски режим на исхрана и кои работи или навики ги имаш исфрлено за да не ти пречат во формата?

Не водам некоја спортска исхрана, најчесто јадам месо, зготвено дома, а понекогаш јадам и брза храна, но за мене тоа не се фаќа, бидејќи јадам многу и тоа го трошам. Пијам и додатни средства, а пред натпревар практикувам ориз со пилешко или со мешавина, а после натпревар најчесто тестенини.

Кој ти е најдраг наслов во весник или коментар за твојата игра?

Најмногу ми остави впечаток кога ме нарекоа „Крушевскиот горостас“. Исто така многу ми прилега кога некој ќе напише дека им наликувам на Пепи Манасков или Кире Лазаров.

Идол?

Идол ми е Филип Јиха од Кил, кој ми е имењак и кој игра на моја позиција, а инаку доста сакам да учам од играта на Пепи Манасков и да земам некои финеси од Кире Лазаров.

Кога ќе имаш 25-26 години, да речеме и 30, посакуваш да бидеш во еден новоизграден Металург кој повторно ќе блеска во ЛШ или ако можеш би направил трансфер во некој силен странски клуб?

Секако дома си е дома. Ќе биде убаво Металург да застане на здрави нозе и како оваа генерација да се изгради во силна екипа која ќе ја дрма Европа и ако е така не би си одел од Металург и Македонија. Како што беше Филип Миркуловски, кој 11 години беше во Металург и ништо не му фалеше. Но ете се случи тоа што се случи и мораше да замине, а тој имаше изјава во која кажа дека тоа му било најтешката одлука кога требал да си оди од Металург и да оди во странство. Ако не дај боже се случи нешто такво, ќе мора и ние да си одиме, но ако е се во ред би останал тука.

Кој ти беше највозбудливиот меч на Металург изминативе години на кој беше гледач, каде го гледаше и како реагираше?

Би го издвоил мечот со ПСЖ, тогаш ние младинците имавме меч во Струмица и ја гледавме таму на тв. Тоа беше победа за Металург која беше многу возбудлива, но за жал не бев во сала и не ја почувствував атмосферата. Исто така возбудлив натпревар беше и ланскиот со Колдинг и со Барселона. Чувството кога ја победивме Барселона не се опишува, имав многу адреналин во сала. На секој гол скокав, се радував, исто како да бев на терен. Секој гледач тоа го правеше, не само јас.

Опиши ми го чувството пред на излезете на терен и да се соочите со Кил, се уплашивте ли и кој беше најтешко да се запре кога напаѓаа?

Минатава сезона јас дебитирав токму против Кил и ја знам атмосферата, знам дека на секој натпревар им е полна салата, знам со кого си имаме работа. Сега бевме млада екипа и игравме против најдобрите ѕвезди во свет. Мотивацијата беше голема бидејќи игравме против најдобрите, немавме што да изгубиме, можевме само да добиеме. Кога излеговме, на почеток првите 5 минути поминавме добро, но потоа ни влезе во глава некое тешко чувство дека не можеме да играме против нив. Во прво полувреме постигнавме само 3 голови и кога отидовме на пауза тренерот ни рече дека не е страшно да се загуби, играме против најдобрите, но страшно е тоа што ги загубивте главите и не се борите. Потоа во второ влеговме порасположени за игра и одигравме добро и во одбрана и во напад, со што успеавме да постигнеме доста голови.

Кои се тројцата клучни играчи во Вардар оваа сезона?

Прво голманот Штербик, кој мислам дека ја држи под контрола играта на Вардар. Потоа Раул Гонзалес внесе некој нов менталитет во екипата, што ги натера да играат брз ракомет, а тоа делува доста позитивно. Имаат доста технички грешки, но доста умешно го прават тоа, односно го сокриваат. Карачиќ знае да се издвои, а инаку имаат доста клучни играчи во одбрана и потоа одат во брзи контри преку Дибиров и Шишкарев. Мислам дека тоа е најсилното оружје што го имаат, бидејќи играат цврста одбрана, со Штербик на голот на кој е тешко да му се даде гол и потоа сè што ќе фати фрла во контра.

Оценка од 1 до 5 за работата на Македонската репрезентација на СП Катар?

Три. Првата средба со Тунис беше фантастична и јас тогаш кажав дека ако вака играме ќе направиме голем успех на ова Светско првенство. Но ете можеби и подготовките не беа нај нај, јас бев на нив, беше навистина тешко, доста се спремавме. Инаку тој систем на натпреварувања на големи првенства е доста тежок, се игра ден за ден и нема време за рехабилитација. Мислам дека тука не стаса некој замор и кога требаше против Словенија да се даде најмногу, се случи тоа што никој не го сакаше.

Очекуваше дека ќе те повикаат во Катар?

Очекував и потајно се надевав дека ќе бидам во составот на 18 или како 19-ти, но бев спремен и на другото, бидејќи сепак пред мене е кариерата, имам само 18 години и допрва доаѓа моето време.

Твоја прогноза за осминафиналните мечеви во ЛШ, кои 8 клубови ќе одат понатаму?

(Ла Риоха – Веспрем) Веспрем игра динамичен ракомет и се во фантастична форма. Сезонава два пати се сретнавме во СЕХА лигата и навистина се мажишта. Играат и одбрана и напад и го имаат Никлер на голот кој е во феноменална форма. Мислам дека се фаворити за Ф4.
(Монпеље – Кјелце) Ќе бидат тешки и двата меча и тука тешко е да се прогнозира.
(Алборг – Барселона) Барселона ќе оди понатаму. (Фленсбург – Кил) Ова ќе бидат два тешки бундеслигашки меча каде и двете екипи играат до крај. Фленсбург не се како во ланската форма кога ја освоија ЛШ, па ќе видиме. (Данкерк – ПСЖ) Се надевам дека ПСЖ ќе помине.
(Висла – Вардар) Тоа ќе биде доста тежок меч за Вардар на гости, а дома мислам дека ќе им биде полесно бидејќи играат пред домашна публика и навистина е многу тешко да се игра кога има таква публика во Македонија и тоа сите го кажуваат, бидејќи никој не навива како нас. Ако издвојат добар резултат на гости, мислам дека имаат шанси Вардар. (Рајн Некар – Пик Сегед) Рајн Некар според мене. (Загреб – Колдинг) Загреб има релативно млада екипа, имаат репрезентативци на Хрватска, но и Колдинг имаат доста ѕвезди, ние знаеме како поминавме минатата година, знаат да играат доста цврсто во одбрана и буквално ќотек даваат. Колку ќе го издржи тој притисок Загреб ќе видиме. Инаку мене помило ќе ми биде Загреб да оди понатаму.

Имаш ли некоја поставена цел и желба во кариерата, како на пример да облечеш дрес на некој европски гигант?

Како секој играч што има некоја визија така и јас имам визија да бидам најдобар ракометар во светот, да ме знае секој, а желба ми е некогаш да заиграм за Кил бидејќи мислам дека таа лига е најсилна денеска и мислам дека така секогаш ќе биде, затоа што Германците се работен народ и се број 1. Се надевам дека еден ден ќе ми се оствари тој сон, да станам најдобар и да заиграм во Кил.

5 март 2015 - 16:02