Тероризмот на спортските натпревари

Случајот со трите жртви во близина на Стад де Франс за време на пријателскиот дуел Франција – Германија е дел од големата листа на терористички напади кои низ историјата го оцрнуваа спортот. Во Минхен се памети Олимпијадата, а во Бостон маратонот.

5 септември 1972: Палестинската група „Црн септември“ влезе во Олимпиското село за време на Олимпијадата во Минхен, уби двајца членови на израелскиот олимписки тим и зема уште 9 заложници. Два дена подоцна заложниците беа убиени, а петмина терористи, еден полицаец и пилот на хеликоптер загинаа.

15 јули 1996: За време на Европското фудбалско првенство во Англија, ИРА постави бомба во комбе во Манчестер. Сите луѓе од таа област беа евакуирани, а имаше и 206 повредени.

27 јули 1996: Една жена загина, а 111 луѓе беа повредени при експлозија на бомба во Олимпискиот парк за време на Олимписките игри во Атланта. Виновен за случајот беше Ерик Рудолф кој беше бомбаш самоубиец.

5 април 1997: Традиционалната трка со коњи во Ливерпул Grand National, беше одложена поради закани за бомби од ИРА.

1 мај 2002: Бомба во автомобил експлодираше во близина на Сантијаго Бернабеу, три часа пред полуфиналниот натпревар од ЛШ меѓу Реал Мадрид и Барселона. Во инцидентот беа повредени 17 луѓе.

8 мај 2002: Самоубиствен напад се случи пред хотелот во кој беше сместен крикет тимот на Нов Зеланд во Пакистан. Бројот на повредени беше 14.

2006: Во мај месец терористичка група уби 13 членови на таеквондо тимот на Ирак кој патуваше во Јапонија. Истиот месец, селекторот на тениската репрезентација на Ирак беше убиен заедно со уште двајца члена на тимот на Дејвис Купот. Во јули вооружена група киднапираше 30 члена на Олимпискиот комитет на Иран, заедно со претседателот за кои судбината и натаму не е позната.

2008: Како резултат на постојано исламски закани, Париз Дакар беше суспендиран, а организаторите одлучија да се одржи во Јужна Америка.

6 април 2008: 14 лица загинаа меѓу кои и министер од Шри Ланка, а 90 беа повредени кога експлодира бомба во Гамбаха. Министерот беше присутен за да ги отвори традиционалниот новогодишен маратон.

3 март 2009: Терористичка група го нападна автобусот со кој патуваше крикет тимот на Шри Ланка кој патуваше во Пакистан. Загинаа седуммина.

1 јануари 2010: За време на одбојкарски меч во Пакистан бомбаш самоубиец активираше уред на неговото возило и уби 90 луѓе.

8 јануари 2010: На Африканскиот Куп на нации беше нападнат автобусот со кој се возеше репрезентацијата на Того. Загинаа асистент тренерот и човекот задолжен за односи со јавност.

14 мај 2010: Најмалку 25 луѓе загинаа и над 100 беа повредени во напад на фудбалскиот терен во Тел Афар во Ирак.

13 март 2013: Седум луѓе загинаа и шест беа повредени во самоубиствен бомбашки напад во Авганистан за време на бузкаши натпревар.

15 април 2013: За време на маратонот во Бостон во две експлозии загинаа тројца, а десетмина беа повредени. Двајцата терористи од Чеченија беа идентификувани, а еден од нив беше соборен.

16 ноември 2015 - 17:28