Степанова ќе си свирка од дома

Не знаеме дали Русите имаат изрека "Покрај сувото гори и сировото", ама на Јулија Степанова таа би и била јасна од прва.

Руската атлетичарка на 800 метри, Јулија Степанова испрати жалба до МОК околу нејзината забрана за учество на Олимписките игри во Рио.

Степанова беше казнета за допинг во 2013 година, но потоа се согласи да сведочи околу рускиот систем за допинг по што се откри големиот скандал кај руските спортисти.

Светската анти-допинг агенција и Меѓународната асоцијација на атлетски федерации препорачаа на Степанова да и биде дозволено да се натпреварува во Рио, но од Меѓународниот Олимписки комитет кој се изјасни дека за тоа треба да одлучат спортските федерации, изјавија дека секој кој бил казнат за допинг не треба да учествува на Олимпијада.

Јулија Степанова ја достави жалбата до МОК со образложение дека забраната е донесена врз основа на неточни информации.

Таа заедно со нејзиниот сопруг доставија докази во германски документарец, што доведе ВАДА да направи извештај за допингот кај руските спортисти. Инаку Степанов претходно работел за руската анти-допинг агенција и ја поддржал Јулија во сведочењата.

Меѓународниот Олимписки комитет го призна сведоштвото на Степанова како придонес во заштитата и промоцијата на чисти спортисти, фер плеј и интегритет во спортот, но сепак не ја награди со учество во Рио бидејќи и самата ги прекршила правилата.

26 јули 2016 - 12:16