Руски тајни служби прикривале допинг кај атлетичари?

Светската анти-допинг агенција (ВАДА) бара суспензија за Атлетската руска федерација и забрана за учество на сите меѓународни натпреварувања во наредните две години. За аферата ја обвинува руската влада.

ВАДА во Женева презентирала извештај од 325 страни со докази за допинг на руски атлетичари кои користеле недозволени средства подолг период и бара од Интернационалниот олимписки комитет да ги суспендира руските атлетичари и да не им дозволи да се натпреваруваат на Летните Олимписки игри во Рио наредната година.

Скандалот во Светската анти-допинг агенција го опишуваат како многу посериозен отколку што очекувале, а во извештајот го обвинуваат директорот на лабараторијата во Москва, Григориј Дорченко за уништување на 1.417 тестови за допинг.

Наредбата била дадена директно од министерот за спорт, Виталиј Мутко, а во периферијата на Москва била направена тајна лабараторија каде допинг тестовите биле контролирани пред да бидат предадени на официјални тестирања.

ВАДА ја обвини и руската тајна служба која одиграла голема улога во прикривањето на позитивните допинг тестови на атлетичарите. Од таму тврдат дека лабараторијата не може да биде независна бидејќи се мешале државната агенција и тајната служба, а телефоните на вработените биле прислушувани.

Според нивниот извештај Дорченко изнудувал и пари од спортистите за да ги крие доказите за допинг, а истата лабараторија ги гледала тестовите за Олимпијадата во Сочи 2014, а тоа требало да го прави и за Светското фудбалско првенство во 2018-та.

Барањата на Светската анти-допинг агенција се одземање на лиценцата за работа на лабараторијата и отпуштање на директорот, потоа суспензија на Атлетската руска федерација во период од две години, доживотна забрана за натпреварување на пет атлетичари меѓу кои и познатите Марија Савинова и Екатерина Поистогова кои освоија медали во Лондон 2012-та, како и суспензија за пет тренери.

Министерот Мутко кој е исто така и член на Извршниот комитет на ФИФА, ги негираше обвинувањата на ВАДА и изјави дека не знаел за мешањето на тајната служба и изнудувањето пари од спортистите.

9 ноември 2015 - 16:34