Роџер Федерер и официјално најдобар на сите времиња

И официјално, историјата не познава подобар тенисер. Роџер Федерер се врати на светскиот врв и ги урна сите рекорди. А пред само една година сите помислија дека му дојде крајот и тој веќе треба да размислува за пензија. Но тој не се согласи со оваа констатација.

Пред неполна година во полуфиналето на Гренд слем турнирот во САД, Роџер Федерер го доживеа еден од најболните порази во кариерата. Загуби од Новак Ѓоковиќ кој подоцна и го освои првенството и сите веќе почнаа да зборуваат за крајот на тогаш 30-годишниот Федерер.

Но до крајот на 2011-та тој се врати на сцената. Беше во најдобра форма и ја разбуди надежта кај неговите навивачи дека може да се врати на врвот.

Следеше 2012-та година и првенството во Австралија. Единствениот човек кој го има победувано во полуфинале и финале на Вимблдон, Рафаел Надал, му нанесе уште еден болен пораз.

Продолжија приказните дека Федерер веќе никогаш нема да се врати на врвот, дека е зрел за пензија и дека веќе нема сила за борба во пет сета против Надал и Ѓоковиќ. Но тој не се предаде. Знаеше колкава е бодовната предност на Надал и Ѓоковиќ, но и дека следува Вимблдон. А тоа е место каде што нема подобар од него.

Како загревање за Ролан Гарос, Федерер освои три титули во Ротердам, Дубаи и Индијан Велс. Ѓоковиќ уште еднаш беше кобен за него во полуфиналето, но Надал потврди дека е крал на Ролан Гарос и му овозможи на најголемиот ривал, Федерер, со победа на Вимблдон да се врати на врвот на АТП листата.

Тоа и се случи. Федерер ја освои својата седма титула во осмото финале на Вимблдон и вкупно 17-ти триумф на Гренд Слем турнир.

Но тоа не е се. Од 2004-та до 2008-та година Федерер се задржа рекордни 237 последувателни недели на врвот на АТП листата. Во 2009-та тој се врати на врвот каде остана една година, но не успеа да го сруши рекордот на Пит Сампрас кој помина 286 недели на врвот на АТП листата. Тоа му успеа денес. Минатата недела кралот се врати на тронот и се израмни со Сампрас, а веќе од денес тој ја започа својата рекордна 287-ма недела на врвот.

Следната шанса за да го симнат кралот од тронот, Новак Ѓоковиќ и Рафаел Надал ќе ја имаат дури по Олимписките игри.

16 јули 2012 - 11:56