Приказната за браќата Панини

Од фудбалски сликички во подрум до милијарди евра

До ЕП 2016 останаа уште 44 дена, а тоа значи дека колекционерите на сликички Panini почнуваат со традиционалното полнење на албумот за таа прилика. Целата сторија тргнува од еден милански подрум.

За сите љубители на фудбалот кои растеа со големите натпреварувања во ’90-те години, овие албуми и сликички станаа нешто посебно. Фудбалската емоција и страста за собирање албум се трансформираше од мал семеен во глобален бизнис чијшто годишен промет се пресметува на стотици милиони долари.
 
Целата приказна започнува некаде по Втората Светска војна кога малиот Џузепе Панини се преселува во Модена со бројното семејство (четири сестри и четири браќа).
 
Татко им работел во Воената Академија во Модена, а во 1945. година по завршувањето на војната, семејството отвора киоск во строгиот центар на градот и работи со дистрибуција на весници.

По неколку години, во 1961-ва миланската куќа Nannina немала средства да ги пакува веќе штампаните самолепливи сликички со фудбалери, браќата Панини ги купуваат за 3 милијарди и набрзо со албум ги продаваат за многу повисока цена.
 
Овој случај им ги отворил океанскиот бизнис на браќата, а година дена подоцна почнале да произведуваат и своја колекција сликички и албуми со фудбалери.

Основата за оваа идеја ја виделе во САД каде бејзбол сликичките уживале широка популарност, а во некои случаи колекционерите биле спремни да дадат многу пари за сликичките кои им фалат.

Современите маркетолози овој процес би го нарекле „гејмификација". Самиот факт што купувачот не знае кои сликички се кријат под ќесичката им дават дополнителна возбуда. Така Panini станале не само продавачи на хартиени парчиња слика, туку и доставувач на живи емоции за спортските навивачи.

Со додавањето нови елементи на веќе старата забава, Panini брзо ги освојува симпатиите на италијанската спортска публика која што ја следела Серија А - посебно децата на кои албумите многу им се допаднале.

Многумилионската продажба во Италија овозможила семејниот бизнис рапидно да расте, па Panini размислувале за влегување на светскиот пазар. Прв чекор кон тоа им било Светското првенство во Мексико 1970. година.

Пред почетокот на Мундијалот, на кој воедно спонтано започнале и првите бранови на трибините, компанијата се договорила со ФИФА дека Panini официјално е овластен да ги произведува албумот и сликичите. Продукцијата на Panini излегла не само на италијански јазик туку и на други јазици во странство.

Големиот успех на Мундијалот '70-та ја одредил судбината на семејниот бизнис. Од тогаш, официјалниот албум за Светските првенства се произведува само на северот на Италија, а портфолиото на компанијата само се зголемувало, па се штампале и сликички за Европско првенство, за Копа Америка итн. Веќе на почетокот на ’80-те години Panini решава да влезе и во другите спортови како што се кошарката, хокејот и американскиот фудбал.

Во САД, Panini станал првиот апсолутен монополист со НБА сликички.

Во фудбалот на Италијанците не им успеал монополот, затоа што правата за издавање на сликички во англиската Премиер лига и германската Бундеслига биле во рацете на главниот конкурент - фирмата Toops. Меѓутоа стручњаците биле сложни дека квалитетот на нивните сликички бил помал од оној на Panini.

Постепено Panini ги менувал сопствениците, браќата ја продале компанијата, а фирмата почнала соработка и со Disney за кого печателе стрипови, часописи, книги за деца како и многу други материјали. На пример популарниот стрип серијал за Нејмар го произведува Panini, односно посебна канцеларија на компанијата во Бразил.

Централното седиште на компанијата и натаму се наоѓа во Модена.

Сликичките Panini станаа толку легендарни и се поврзуваат со многу занимливи приказни. Често пати колекционерите ја обвинуваа компанијата дека намерно го смалува бројот на некои сликички со цел да ја зголеми продажбата, но фирмата повеќе пати докажала дека етикетите се штампани со сите играчи во еднакви количини.

Медиумите во Англија едно време пишуваа за случката во која некогашниот напаѓач на Арсенал и Костарика, Жоел Кембел купил 100 ќесички со сликички но не се нашол себеси. Марио Балотели еднаш купил толку ќесички за да може со сите дупликати од неговата слика да пополни цели две страни. Таквата себичност го чинела 1.500 фунти.