Мареј во Лондон го завршува патот околу светот

Шкотланѓанецот вчера го победи Димитров, по што оствари пласман во 1/4 финалето од Париз и карта за турнирот на најдобрите 8 во Лондон. По 22 меча за 36 дена во неколку земји, Мареј се враќа во Лондон.

Во последните 36 дена, Енди Мареј пропатува 15 илјади километри и 4 различни земји, играше 22 натпревари на кои собра доволно поени за по 7-ми пат да игра во O2 Арената во ноември.

За Британецот тоа е големо достигнување, особено ако се знае дека на почетокот на годинава се оперираше по повредата на грбот. Од 2009-та година до сега Мареј не играше ниту едно Грен Слем финале и минатиот месец испадна од ТОП10 листата, прв пат после 6 години.

По УС Опен, Мареј беше 11-ти во светот и во трката за Лондон, каде играат тенисерите кои освоиле најмногу поени во тековната година. Откако вчера со 6:3 6:3 го победи Бугаринот Григор Димитров, Мареј во моментов е петти на листата за Лондон. После победата над Димитров, кој го исфрли Мареј од Вимблдон годинава, Мареј на камерата напиша „Bad year“ и на тој начин се обиде да ги исмее сите новинари кои пишуваа дека Мареј нема што да бара годинава.

„Не беше потсмев, туку мала шега. Луѓето стално ме прашуваат зошто играм година под моите стандарди и решив да им одговорам на тоа. Не ми беше лесно после тешката операција, но се потрудив да ја истуркам годината до крај и добро е што обезбедив пласман во Лондон“, изјави Мареј.

По Ѓоковиќ, Федерер, Вавринка и Чилиќ, Мареј е петтиот тенисер кој обезбеди карта за последниот турнир во годината. Рафа Надал неодамна изјави дека ќе оди на операција и сигурно ќе го пропушти Лондон. Од останатите тенисери, борба за турнирот на најдобрите 8 ќе водат Кеи Нишикори, Томаш Бердих, Давид Ферер и Милош Раониќ.

Вечерва од 19:30, Мареј ќе игра во 1/4 финалето против Ѓоковиќ.

31 октомври 2014 - 11:33