Луис Хамилтон лидер во Ф1

Иако заостануваше 22 бода зад својот тимски колега, Луис Хамилтон по трката за ГН на Сингапур го превзема водството во генералниот пласман.

Возачот на Мерцедес, Луис Хамилтон надмоќно триумфираше пред тандемот на Ред Бул, Себастијан Фетел и Даниел Рикардо. На денешната трка бодови освоија уште и Фернандо Алонсо (Ферари), Фелипе Маса (Вилијамс), Жан-Ерик Верње (Торо Росо), Серхио Перез (Форс Индија), Кими Раиконен (Ферари), Нико Хилкенберг (Форс Индија) и Кевин Магнусен (Мекларен).

Вечерашната трка во Сингапур донесе неколку возбудувања, пред се кога Нико Розберг јави дека воланот на болидот не му работи во најдобар ред, по што Германецот отиде во боксот. Следуваше замена на воланот, но Розберг беше принуден да стартува од питот и по 14-от круг мораше да се повлече од трката поради проблеми со електрониката на својот болид.

Хаос на патеката настана токму во 14. круг, кога се судрија Серхио Перез од Форс Индија и Себастјан Грожан од Лотус. Со оглед на тоа што патеката во Сингапур е многу тесна, на редарите им требаше долго време за да ги отстранат парчињата отпаднати од болидите, по што Хамилтон победата ја обезбеди дури во 37. круг.

Во последните пет трки од сезоната, Луис Хамилтон влегува со три бода предност во однос на Розберг (241 - 238), додека Рикардо на третата позиција и понатаму има теоретски шанси да ја освои титулата (181). Четврт е Алонсо (133), петти Фетел со 124 бода, додека шестото место му припаѓа на Ботас од „Вилијамс“, којшто денешната трка ја заврши без освоен бод, на 11. место.

Следната трка се вози за Големата награда на Јапонија, на 5. октомври на патеката Сузука.

21 септември 2014 - 16:58