Кого нема да видиме во Лондон

Освен што нема да видиме многу македонски спортисти на Олимписките игри во Лондон нема да видиме и еден куп големи ѕвезди кои ќе ја пропуштат Олимпијадата заради повреди или пак затоа што веќе не ги бива како порано.

Последно име додадено на листата големи ѕвезди кои нема да се натпреваруваат во Лондон е Рафаел Надал. Тој требаше да биде знаменосец на Шпанија и да си ја брани титулата од Пекинг 2008, но мораше да се повлече заради повреда на коленото.

Дејвид Бекам неколку години работеше на промоција на Олимписките игри и изјавуваше дека негов најголем сон е да настапи за својата репрезентација на домашен терен, но сонот му го скрши селекторот Стјуарт Пирс.

Поранешниот светски рекордер на 10 километри, Хајле Гебресиласие кој веќе има 39 години не успеа да се квалификува на својата петта Олимпијада.

Светската шампионка во скок во височина, Хрватицата Бланка Влашиќ не успеа да закрепне на време по операцијата на коленото.

Ѕвездите на Мајами Хит, Двејн Вејд и Крис Бош се повлекоа од „Дрим тимот" на САД. Вејд ќе оди на операција на коленото, а Бош се уште се опоравува од повреда.

45-годишната Дара Торес која има освоено 12 олимписки медали, не успеа да се квалификува на својата шестта Олимпијада.

Членот на Чикаго Булс, Жоаким Ноа нема да биде дел од француската репрезентација заради повреда на зглобот.

Шампионот во декатлон, Американецот Брајан Клеј, нема да си ја брани титулата откако воопшто не се ни квалификуваше во Олимпискиот тим на САД.

21 јули 2012 - 14:07