Разговор со Ѓорѓи Попстефанов

Дипломатот кој ја претставуваше Македонија на Светско во велосипедизам

Иако на две години со родителите се сели во САД, Скопјанецот Ѓорѓи Попстефанов не ја заборава татковината која што гордо ја претставуваше на два Мундијали и во која е повеќекратен државен првак.

Во ситуација кога младите најмногу ги влече фудбалот, кошарката и ракометот, како кај Ѓорѓи се појави желбата за велосипедизам?

- Би рекол дека почна пред некои 10-15 години кога многу често ги посетував роднините во Македонија. Секое мое доаѓање со другарите возевме горе на Водно или околу Скопје. Во меѓувреме со голем интерес следев Тур де Франс и разни велосипедистички трки на Еуроспорт.

Со тек на време почнав да возам подолги тури, поставував повисоки цели и во 2010 година се сретнав со луѓето од клубот Енерги. Ги прашав дали би можел да им се придружам и набрзо се зачленив. Некаде крајот на март 2010 година првпат се појавив на официјален натпревар, на трката Куманово-Кратово-Куманово.

Со оглед на тоа што одвреме-навреме доаѓаш во Македонија каде во 2010 и 2016 го освои државното првенство и стана Men's Elite Road Race Champion, дали можеш да направиш споредба меѓу државните првенства во САД и овде во Македонија?

- Секако постои извесна разлика. Во Македонија првенството се вози потимски. Минатото лето возев со тимот на Енерги и имавме тимска тактика како да го освоиме првенството.

Екипата ме поддржуваше мене како што се договоривме однапред за тактички да ги победиме другите екипи. Стигнав прв на целта, но со голема помош од сите клупски колеги и управата на тимот. Во САД тимскиот аспект е запазен, но првенството е далеку понепредвидливо затоа што има повеќе возачи кои постапуваат индивидуално и во принцип таму секој вози за себе, нема конкретна тимска стратегија.

За време на трките не е доволно само да си физички јак и спремен, туку треба да имаш осет кога е моментот да избегнеш, а и да имаш среќа дека ќе ти успее бегството.

Што треба да се направи за да се зголеми популаризацијата на друмскиот велосипедизам кај нас?

- Од една страна ни треба редовен настап кој ќе биде медиумски покриен како што се покриени Светското или Европското првенство. Едно е кога наше дете гледа странец на Тур де Франс, а друго е кога ќе гледа Македонец, сонародник.

Од друга страна, треба инвестиција од државата, поддршка на федерацијата и клубовите со цел да има пат по кој секој наш млад и надежен велосипедист ќе се искачи во овој спорт.

До некој степен постои иницијатива од двете страни, но недоволно. За разлика, соседните држави (Србија, Бугарија, Грција и Албанија) сите имаат професионална екипа во третата дивизија што постои како простор за развој на велосипедисти до 25 години.

Без тоа, нашите возачи се откажуваат во одреден момент затоа што мораат да се самофинансираат и да бираат помеѓу тренинг и редовна плата.

Како изгледа еден вообичаен тренинг? Колку километри возиш на еден тренинг?

- Тренингот ми е мошне поларизиран. Имам денови кога возам по 6 часа, поминувам по 160-200км и тој тренинг е познат како "full gas". Има денови кога возам полабаво околу еден час. Тоа е своевиден критичен баланс помеѓу исцрпеност и одмор.

На пример изминатата недела беше типична недела со тренинг за овој период од годината, со вкупно 20 извозени часа на точак плус 4 часа во теретана, јога и разни вежби за издржливост.

Стигнуваме до моментот кога ја претставуваше Македонија на UCI WORLD CUP, Светското првенство, во 2014 во Понферада и во 2015 во Ричмонд. Колку време се подготвуваше за тие настани и дали отпатува самофинансирано или имаше спонзори?

- Во 2013 сфатив дека има можност да се квалификувам на Светското првенство кога се сретнав со Еугерт Жупа којшто ја претставуваше Албанија на Светското во Италија.

Ги проучив регулациите и почнав да се фокусирам на Тајм Трајл (ТТ) трки (друмска велосипетска трка во која велосипедистите возат сами против часовникот на рамен - на француски: contre la montre – буквално „спроти часовникот“, на италијански: tappa a cronometro „етапа на штоперица“). Имав договор со моите спонзори во САД околу опремата и патувањето, а останатото го покрив од свој џеб.

Редовно се појавуваш во дресот на Македонија. Дури и кога возиш за тимот облекуваш дрес кој асоцира на оној репрезентативниот. Што значи тоа за тебе?

- Да, нормално е кога настапуваш за репрезентација да го носиш македонскиот дрес, но кога си државен првак имаш право да носиш дрес што те идентификува со знамето и тоа е посебно чувство. Кога си државен првак цела година ја претставуваш Македонија како најдобриот во велосипедизам и имаш многу поголема мотивација да се бориш за секој резултат.

Како мал на телевизија си ги гледал Giro d'Italia и Tour de France. Размислуваш ли некогаш да се појавиш на овие големи натпреварувања?

- Да, отсекогаш сум сонувал за такво нешто. Но јас во професионалниот велосипедизам влегов на 22 години што е доцна за да надградам таква физиологија да можам да издржам стази од 200км цели 20 дена по ред.

Сепак, се натпреварувам со истите возачи кои се појавуваат на Џиро и на Тур де Франс но на кратки трки од еден до седум дена во должина.

Како дипломец на универзитетот „Џорџ Вашингтон“ на насоката меѓународни односи во 2009 година стана првиот стипендист за меѓународна политика и дипломатија на организацијата Обединета македонска дијаспора и набрзо стана асистент за странски односи во кабинетот на претседателот на Македонија во 2010-та. Какво беше ова искуство за тебе и дали наоѓаше време за велосипедизмот и тренинзите?

- Имав желба да видам точно како се работи во државна администрација и тоа беше добро искуство за мене. Меѓутоа спортот многу ме влечеше и наоѓав време рано наутро и навечер да тренирам, иако тоа беше само искачување на Водно.

Кој е твојот следен голем предизвик? Ќе се појавиш ли на Светскиот Куп во Берген (Норвешка)?

- Во моментов следен голем предизвик ми е Редланд Класик во Калифорнија во мај месец. Секако дека размислувам и за Светското во Норвешка, но за тоа е се уште рано и има многу трки пред септември. Можеби претходно ќе се појавам на Европското во Данска, секако доколку македонската федерација ме избере. Се надевам дека ќе бидам 100% спремен за Европското.

Кога сме кај селекцијата во репрезентацијата. Какви услови треба да исполнува еден велосипедист за да може да се појави на едно Светско или Европско првенство? Какви норми постојат?

- За ТТ (Тајм Трајл) трките двајца најдобри од државата имаат право да учествуваат. За друмска трка има далеку покомплициран формулар со бодови. Како државен првак јас пола од тие бодови ги имам, а остатокот треба да го соберам од професионалните UCI трки.

Како изгледа договорот со тимот за кој возиш во САД и дали имаш понуда за трансфер во друг тим во блиска иднина?

- Договорот со Metra/Xrcel/Cycles 54 тимот во САД го обновувам годишно. Тие покриваат облека, опрема, трошоци, а понатака јас ги претставувам на разни трки во САД. Исто така ги промовирам и нивните бизниси и активности на Фејсбук, на Инстаграм и на Твитер. Евентуалните парични награди остануваат за мене.

За трансфер уште е рано во сезоната. Лани бев на една проба во италијанска екипа која за жал набрзо се распадна.

Има ли Македонија талентирани велосипедисти и што недостасува редовно да се појавуваат на големи меѓународни натпреварувања?

- Апсолутно има. Македонија има доволно талентирани велосипедисти и терен за да се напредне во спортот. Често добрите резултати доаѓаат во помладите категории, но како што реков на 23-24 години веќе се откажуваат затоа што немаме професионални екипи за да продолжат понатаму во третата дивизија, па ниту со скромна плата од тоа.

За крај, која е поголема љубов на Ѓорѓи Попстефанов - велосипедизмот или дипломатијата?

- Несомнено, велосипедизмот.