Ден без рекорди на Олимписките игри

На десеттиот натпреварувачки ден на Олимписките игри во Лондон беа распределени медалите во 18 дисциплини во осум спортови, но за прв пат од почетокот на Олимпијадата не беше срушен ниту еден светски ниту олимписки рекорд.

Ден без срушен рекорд на Олимписките игри, но не и без возбудувања. Секако највозбудливи беа натпреварите во атлетика каде беа доделени медалите во пет дисциплини.

Десеттиот ден ќе остане запаметен по второто олимписко злато во кариерата на ветеранот Феликс Санчез. 34-годишниот Доминиканец го повтори успехот од Олимписките игри во Атина и триумфираше на трката на 400 метри со пречки со време 47.63 секунди, а зад себе ги остави Американецот Мајкл Тинсли и Хавиер Кулсон од Порто Рико.

Санчез стана првиот спортист од Доминиканската Република кој освоил два златни медали на Олимписките игри и не можеше да ги сопре солзите при доделувањето на медалите и интонирањето на химната на неговата земја.

Русинката Јелена Исинбајева повторно разочара. Светската рекордерка продолжи со лошата форма која ја следи уште од 2010-та година и не успеа да си ги одбрани олимписките злата од 2004-та и 2008-та година. Таа прескокна 4,7 метри, што беше доволно само за бронзениот медал. Со златниот медал се закити Џенифер Шур која прескокна 4,75 метри, а на втората позиција заврши Силва од Куба.

Возбудлива беше и трката на 400 метри каде златото го освои актуелниот светски шампион, Кирани Џејмс од Гренада со време 43.94 секунди. Среброто го освои Сантос од Доминиканската Република, а бронзата му припадна на Гордон од Тринидат и Тобаго.

Златото на трката на 3.000 метри стиплчес и припадна на Јулија Зарипова од Русија која патеката ја истрча со време 9:06.72 минути, а Белорусинката Надежда Остапчук е олимписка шампионка во фрлање ѓуле со фрлени 21,36 метри.

6 август 2012 - 23:17