Колумна

Благодарам Вардар!!!

Ова е една од оние колумни коишто цел живот сонуваш да ги напишеш, а кога ќе седнеш на тастатура ти се тресат руки и ти течат солзи радосници од возбуда.

Викендов во Келн јас го живеев својот сон. Све она за коешто мечтаев како копиљ па и не толку одамна ми пројде пред очи вчера и завчера. Ин факинг риал лајф! Ако солзите кои ги излеав од среќа вчера и денес завршеа у Вардар, вероватно оној проект за пловна река ќе станеше реалност.

Драги мои Скопјани и секогаш подраги Скопјанки - од вчера нашиот град е дом на Европски Шампион. Господа Градоначалници! Сегашни и идни, на град Скопје и сите негови општини: Би кажал дека овие момци заслужуваат статуа, ама во последно време во нашиот град ги има премногу! Имам подобра идеја! Најдете место, најубаво место во градот и направите им еден мурал! Најдете ја најубавата фотографија од Келн и насликајте ја на највидното место за да можеме ние, а богами и идните генерации да им се поклонуваат секој ден. Господо Градоначалници и градски татковци: 4 Јуни да се прогласи за градски празник и ден еднаков на 13 Ноември! Господо Градоначалници! Сите до еден да се прогласат за почесни граѓани и барем некои улици да ги носат нивните имиња! Тоа е најмалку што овој град може да го направи за нив!

Драги Вардарци, од моето име и од името на сите мои сограѓани Ви благодарам. Ви благодарам што барем во наредните година дена мојот роден град ќе биде дом на еден Европски Шампион! Ви благодарам што мојот клуб го претворивте во гигант и го качивте на кровот на Европа!

Газда Сергеј, ти Благодарам што го исполни мојот сон. Ти благодарам за условите кои што ги створи и сето она што го направи за клубот! Господ да ти даде здравје, професионални успеси и да си ни на чело на клубот уште долги години! Вардар е во златни раце!

Тимур Дибиров! Ти благодарам затоа што беше меѓу првите што покажа храброст да му се приклучиш на овој проект. Ти Благодарам за магијата што ја покажуваш на секоја утакмица и за тој волшебен зглоб што и на најдобрите голмани им крши кичма!

Арпад Штербик, Жоан Кањелас и Иван Чупиќ! Ви Благодарам за тој победнички менталитет што го донесовте со Вас! Вие сте родени победници и тоа го пренесовте на цела екипа! Иване, со тој гол ладнокрвно се измоча по буџет од 18 милиона! Свака част!

Вуко Борозан. Ако некогаш Македонија почне да произведува артилерија, тоа оружје мора да го носи твоето име! Мислам дека таа рука има доволно моќ да испали интерконтинентален балистички проектил. И тебе ти благодарам.

Алекс Душебаев и Хорхе Македа. Да ви се позлатат левите руки! Едниот во напад а другиот во одбрана! Борбени до крв, срце на терен. И вас ви благодарам. Нека ти е среќно во Киелце Алекс!

Александар Деревен и Данил Шишкарев. Ви благодарам! Толку срамежливи надвор од терен а толку посветени на дресот кога сте на него.

Мијајло Марсениќ и Рожерио Мораеш! Ви благодарам за секоја модрица и за секој крвав лакт во црвено црниот дрес. Без вашата прљава работа, не може да се стигне до ниедна победа.

Илија Абутовиќ! Тебе посебно ти благодарам! Ти си столбот на нашата одбрана! Од тебе почнува све!

Лука Циндриќ! Ја играш најдобрата сезона на својата кариера! Морам да бидам искрен и да ти кажам дека кога на почетокот Раул ти даваше шанса на секоја твоја грешка вршитев и барав да влезе Карачиќ. Ако некој ми ги донесе сите говна што сум ги кажал сега би ги изел со сласт! Немој да се лутиш, се уште Игор ми е омилен среден бек, ама затоа што тој е со нас од почеток на приказната. Маестрос! Ви благодарам на двајцата!

Џамбо Милиќ! Без тебе Вардар не е Вардар! А и ако не ја фатеше онаа топка против Металург во Автокоманда во последна секунда можеби и немаше да дојдеме до овде. Ти благодарам!

Петар Диви Ангелов и Владо Недановски! Вие вчера влеговте во едно многу одбрано друштво на Македонци кои станале европски прваци во тимски спортови! Се бројат на прсти на две раце! Од срце ви благодарам!

Столе Стоилов! Капетане... Од Ново Лисиче! Ти благодарам затоа што децата од маало ќе те видат и ќе знаат дека и они можат да успеат! Дека еден од НАС е Европски Шампион! Ти благодарам затоа што ќе научат дека со лавовско срце како твоето може да се успее во спортот! А и да не станат Европски Шампиони ќе израснат во вистински момци! А и солзи идат кога ќе видиш како некој од твое маало го крева тој пехар!

Раул Гонзалез! Ти си тактички гениј - ти си нашиот Наполеон. Толку различен од сите твои колеги, а толку подобар. Hasta la victoria siempre, Comandante. Толку добро се надополнувате со Давид Дејвис да не би можел да замислам да работите еден без друг! Од срце ви благодарам!

Сите вие што работите во клубот... управа, физиотерапеути, доктори, записничари, момци и девојки што го бришете подот -Ви Благодарам за тоа што им создавате услови и се грижите за здравјето на нашите момци!

Сите вие што се гледаме на трибина во годините наназад... вие со кои заради сезонските карти се гледаме на секоја утакмица... вие кои редовно ве гледам во Хамбург, Франкфурт, Париз, Манхајм... вие кои ве неделата се фаќавме еден со друг како плачеме од среќа! Чест ми е да стојам рамо до рамо со вас! Ви благодарам.

Михајло Михајловски! Ти ја почна оваа приказна! Ти благодарам што го растеше клубот и од него создаде екипа за почит во Европа!

РК Металург! И вам ви благодарам! Вие поставивте стандарди кои посакавме да ги срушиме! Ако не не повлечевте, можеби вчера немаше да се случи! Од срце ви посакувам да застанете на нозе за повторно да изградиме спортско ривалство!

Сите ракометни работници во Македонија, тренери, судии, делегати, волонтери, вработени во Федерација, сегашни и идни Претседатели и Вас ви Благодарам. Денес ракометот е спорт број еден. Денес сме земја на Европски Првак. И вас и благодарам и ви честитам! Не смеам да го заборавам Бранко Дилберов! Човек кој животот го посвети на Вардар! Ако нема МТВ се надевам дека таму горе имате Арена Спорт па и ти виде што се случи....

Ако некого пропуштив се извинувам! Типкам а сузе ми цепају лице. Толку мисли ми се вртат низ глава да стварно е претешко да се контролираат. У меѓувреме на телефон ми вртат последните десет секунди од двете утакмици. Бескраен луп...

ВАРДАР е првак на Европа! Пукам од гордост и во наредните година дена имам право да се понашам како да сум отишол на викенд со Адриана Лима у Охрид и не сме искочиле од соба! Како паун! Заслужено!

Времето, од сега па натака за нас ќе се рачуна пред и после Келн 2017! Икс години од сега ќе се сетите каде бевте тој 4 Јуни кога Вардар го освои својот прв Европски трофеј! Јас бев во Ланксес! Јас го видов Столе како ја крева таа роботска рака Veni-vidi- vici !

Еден живот, една љубов

П.С. Драги Скопјани. Све испод 250.000 луѓе на дочек е непоштовање.

Таки Бошкоски

6 јуни 2017 - 09:27