Вујин и Вугринец во сенка на Кире Лазаров

Капитенот на македонската ракометна репрезентација викендов го торпедираше европскиот првак Фленсбург со 10 голови, а големи се шансите тој наскоро стане најдобар десен бек во светот.

Специјализираниот портал за ракомет „Хендбол планет“ го номинираше Лазаров за најдобар десен бек во светот, а конкуренција му се Ренато Вугринец (Металург) Марко Вујин (Кил) и Ласло Наѓ (Веспрем).

По само една недела од гласањето нашиот капитен води убедливо со 5.216 гласови. Зад него е Наѓ со 3.629, трет е Вујин со 1.702, а последен на оваа листа е ветеранот на Металург со 993 гласа.

Во останатите категории за најдобар голман и лево крило се борат ракометарите на Вардар, Арпад Штербик и Тимур Дибиров. Штербик во моментов е на втората позиција зад Никлас Ландин (Рајн Некар), а Дибиров во својата категорија е четврти.

И покрај блескавата партија на Лазаров кој викендов беше играч на мечот против Фленсбург, ЕХФ не го смести во тимот на колото. Но неговите квалитети и одличната форма ги наградуваат посетителите на „Хендбол планет“.

Десетката на нашиот најдобар ракометар го смести и на втората позиција на најдобри стрелци во Лигата на шампионите со вкупно 36 голови, исто колку што има Жолт Балог од Пик Сегед. Прв во моментов е Миомир Илиќ кој со шесте голови против Вардар има 39 погодоци.

Гласањето трае до 4 декември, а за поддршка на Лазаров кликнете тука.

Светиниколчанецот во јануари идната година ќе стане првиот Македонец со четири одиграни светски првенства. Домаќинот Катар сними најава со него.

17 ноември 2014 - 18:07