Ракометна лига на шампиони

Висок пораз на децата на Червар во Монпеље

Ракометарите на Металург го доживеаа третиот пораз во петтото коло од елитната Лига на шампиони. Вечерва во Франција Монпеље беше подобар за десет гола 28:18 (13:12)

Тимот од Автокоманда одлично го стартуваше тешкото гостување кај Монпеље и по серија од три погодоци водеше 2:5, но радоста на македонскиот вицешампион не траеше долго затоа што домаќинот брзински израмни на 7:7.

Откако влегоа во серија, Французите заиграа посигурно и првпат поведоа со 12:10, но Металург не крена бело знаме и со голот на Филип Талески со звукот на сирената за паузата на одмор замина со гол негатива 13:12.

Како Вардар синоќа, така Металурзите вечерва очајно го почнаа вториот дел и Монпеље замина на високи 16:12. Таквиот пад во играта се должеше на големиот број грешки на младите играчи во ростерот на Лино Червар. Речиси да немаше напад да не бидат под закана за одземање на топката поради пасивна офанзива.

Круцијалниот момент во поразот на Металург беше постот од 7 минути без постигнат гол а францускиот вицепрвак започна да ја полни мрежата и во еден момент поведе со недостижни 23:15. Предноста на Металург првпат стана двоцифрена во 26. минута кога поведоа со 26:16. Победникот веќе беше решен, особено што македонскиот состав даде само шест погодоци во 30 минути игра, а голем дел од „вината“ за тоа сноси голманот Никола Портнер кој бранеше неверојатно.

Гребил и Кавтичник беа најефикасни во домашниот состав со по 5 гола. Играч на натпреварот беше Никола Портнер кој на своето конто запиша дури 20 одбрани. Војислав Брајовиќ со 6 гола беше прв стрелец во составот на Металург. Најголемиот бисер на македонскиот ракомет, Талески постигна 4 гола колку што имаше и Пешевски.

Ова беше трет пораз сезонава во ЛШ за „Сините“ од Автокоманда кој имаат и две победи.

Од утре следува пауза во Лигата на шампионите поради мечевите од квалификациите за ЕП 2018. Во 6. коло на 10 ноември Металург го пречекува Монпелје.

ТАБЕЛА

1. Ла Риоха     5   3   1   1   7

2. Монпелје     5   3   0   2   6

3. Елверум       5   2   1   2   5

4. Чеховски     5   1   2   2   4

5. Татран        5   2   0   3   4

6. Металург     5   2   0   3   4

Идно коло (10-12 ноември): Металург - Монпелје, Ла Риоха - Елверум, Чеховски - Татран.

23 октомври 2016 - 21:00