Ракометна Лига на шампиони

Вардарки рафално против Букурешт за европско финале!

Во четвртата година по ред на Фајнал Фор, ракометарките на Вардар првпат се пласираа во завршниот меч за титулата шампион на Европа, откако вечерва го прегазија актуелниот европски првак Букурешт 38-33 (21-13).

Вардарки фуриозно го почнаа полуфиналниот дуел со Букурешт во „Ласло Пап“ Арената кој во Будимпешта имаше поддршка од околу 1.000 свои навивачи (Вардар го бодреа стотина гласни симпатизери).

Девојките во црвено-црно немилосрдно тргнаа од стартот и со страшно водство од 7-1 во осмата минута како да сакаа му кажат на романскиот првак дека во Унгарија дошле по титулата. Суслина во првиот дел одбрани дури три седмери и ги фрустрираше противничките ракометарки кои пред своето поле не знаеа „од каде пука“. Пенезиќ, Лазовиќ и Лекиќ ја бушеа мрежата на ветеранката Унгуреану.

Во 21. минута од мечот македонскиот претставник имаше позитива од нереални 18-8!

Стекнатата предност од 7-8 гола, Вардар одлично ја чуваше и во одреден момент од првиот дел изгледаше како македонскиот шампион да е на тренинг. На полувремто се замина со 21-13, резултат кој му донесе мирно продолжение од мечот на Скопјанки.

Вториот дел Вардар го започна на нивото од првото полувреме. Ракометарките на Букурешт преку брз центар сакаа што поскоро да ја спуштат разликата, но Андреа Пенезиќ и Андреа Лекиќ ја одржуваа високата предност +8 во 37. минута.

Максимален придонес во овој период од мечот даде и пикерот Андреа Човиќ која од втор план ја збогати разновидноста во нападот. Тренерот на Букурешт, Пер Јохансон кој седна на клупата на романскиот шампион во март ги искористи сите права на тајм-аут, се обидуваше да ги разбуди своите ракометарки, но пред нив вечерва се исправи моќниот Вардар.

Избраничките на тандемот Ирина Дибирова-Ацо Станковски вечерва го одиграа можеби најдобриот меч во последните неколку сезони и конечно по три неуспешни обиди дојдоа во ситуација да се бори за највредната европска награда.

На крајот 38-33 и прво финале во Лигата на шампионите за Вардар. Воедно и слатка одмазда за тимот кој лани им го одзема сонот на Вардарки. Андреа Пенезиќ со седум гола беше прв стрелец кај Вардар, Лекиќ и Јованка Радичевиќ дадоа по шест а одлична партија одигра и Лакрабер со пет погодоци.

Претходно домаќинот Ѓер го совлада Будуќност со 26-20 и импресивно се пласираше во шестото финале во клупската историја. Неверојатната Анита Горбиц беше најефикасна со девет гола, Нике Грот даде пет, а Едуарда Аморим Талеска четири гола. Кај Црногорките Кристина Неагу запиша седум а Катарина Булатовиќ шест гола.

Финалето се игра во недела од 17:45 кога Вардар ќе игра против најголемиот ривал во Европа и против 12.000 негови навивачи. Претходно, во дуел за третото место од 15:15 ќе играат Будуќност и Букурешт.

6 мај 2017 - 19:18