Ракометна Лига на шампиони

Вардарки по четврти пат на Фајнал Фор ќе јуришаат кон круната

На реваншот против данскиот Мидтјиланд ракометарките на Вардар славеа 26-24 и обезбедија пласман на турнирот Ф4 каде ќе атакуваат на титулата европски првак.

Нималку лесна задача немаше женскиот ракометен првак на Македонија попладнево иако резултатот кој го донесоа од Данска не најавуваше такво нешто. Уште од почетокот Амандин Лејно бранеше добро, но нејзините колешки направија неколку технички грешки како резултат веројатно на тоа што го потценија данскиот шампион.

Вардар имаше водство од 3-1 на стартот, но до полувремето не отиде на повеќе од 1 разлика што ги загрижи околу 800 гледачи во салата. Во ситуација кога на семафорот стоеше 11-10 Јованка Радичевиќ имаше зицер но го промаши на две минути пред крајот на првиот дел а Мидтјиланд го искористи тоа и со два брзи гола го затвори првото полувреме со 11-12.

Данките немаа што да изгубат и очекувано фуриозно тргнаа и во второто полувреме па после 8 минути игра имаа 12-15 за палење на алармот кај Вардарки.

Погодокот на Масвар од контра како да го означи враќањето на девојките во црвено-црно кои во понатамошниот дел од натпреварот поведоа и со 25-21. Најзаслужна за таквиот развој беше Ина Суслина која во второ полувреме ја замени Лејно и одбрани неколку чисти удари.

Ниту тоа не го поколеба Мидтјиланд на пет минути до крајот од мечот да се врати на 25-23, а по исклучувањето на Пенезиќ и на гол негатива. Решавачки беше голот на Андреа Лекиќ која го однесе Вардар на сигурни 26-24, конечен резултат на мечот.

Најефикасни кај домаќинките беа Човиќ и Пенезиќ со по шест погодоци, а Лекиќ постигна четири. Јоргенсен кај Данките даде шест. Фајнл Форот во Будимпешта ќе се игра на 6. и 7. мај а нашите шампионки ќе го дознаат ривалот за влез во финалето во текот на следната недела.