Ракометна Лига на шампиони

Вардар потклекна во финишот против Рајн Некар

Ракометарите на Вардар загубија на гостувањето во Германија против лидерот на Бундеслигата Рајн-Некар со 28:27 и првпат после четири меча против овој противник со спуштени глави го напуштија паркетот.

Микел Апелгрен, голманот на Рајн Некар го одбрани последниот удар на Матјаж Брумен со кој Вардар можеше да избори и тоа како заслужен бод од гостувањето во Германија.

Вардар одигра одлично прво полувреме во Франкфурт. После 9 минути, Црвено-црните го превземаа водството и во свој стил ја одржуваа предноста од 2-3 гола. Алекс Душебаев и Лука Циндриќ ја решетаа противничката мрежа, а тренерот на Вардар се одлучи за одбрана 5-1 која беше нерешлива за домаќините.

Резултатот на семафорот се менуваше од минута во минута, за во последните неколку секунди Рајн-Некар да намали на 14-15, резултат со кој се замина на паузата.

Налетот од првиот дел, Германците го продолжија и во второто полувреме кога поведоа првпат после речиси 30 минути. Битката во второто полувреме ја одбележија најдобрите македонски голмани, Борко Ристовски на едната страна и Петар Ангелов на другата. Вардар во еден момент поведе со два гола предност, 16:18, но Рајн-Некар брзо се враќаше.

На пет минути пред беше 26-26, и од тој момент до крајот Швеѓанецот на голот на Бундеслигашот, Апелгрен се разбуди и му овозможи на својот тим да дојде до победа од 28-27.

Кај Скопјани најефикасни на мечот беа Душебаев и Тимур Дибиров со по 5 гола, но вардаровата одбрана немаше решение за Анди Шмит, играчот на мечот кој запиша дури 10 голови. Штербик реализираше седум одбрани, Ангелов четири, а на спротивната страна Борко Ристовски пет.

Со вечерашниот триумф Германците стигнаа до 15 бода колку што имаат и Кјелце и Барселона. Вардар сега има 12 бодови и е на петтото место до следниот меч на 20. февруари против Кристијанштед.

11 февруари 2016 - 21:39