Вардар игра фантастично - нова победа во Лига на шампиони

Ракометарите на Вардар вечерва го совладаа Целје 35:30 во 12. коло од групната фаза на елитната лига и на две кола пред крај има големи шанси директно да се пласира во четвртфиналето.

Со сигурна одбрана и рутинска офанзива, македонскиот шампион цели 60 минути ја оправдуваше фаворитската улога во дуелот против словенечкиот првак.

Најрасположени од стартот беа Иван Чупиќ и Тимур Дибиров кои на Вардар му донесоа водство од 4:0 после само девет минути игра. По трите гола на Русинот за почетното водство, „му одговори“ Алекс Душебаев со исто толку погодоци за одржување на позитивата од 7:3.

На голот вообичаено одличен Арпад Штербик кој само дополнително ги инспирираше соиграчите да не го спуштаат ритамот. Целје се врати во резултатска рамнотежа во моментите кога Вардар заигра со играч помалку (Стоилов исклучен) и со два гола на младиот Блаж Јанц намали на 10:8.

Реагираше Шпанецот Раул Гонзалес кој свика тајм-аут и прописно бурно го држеше по што ’Црвено-црните’ го вратија нивото од првите 10 минути. Со нови три гола по ред на Душебаев и два на новајлијата Рожеиро Фереира домаќинот после 24. минути игра поведе 16:10, а на паузата се замина со 20:15.

Во вториот дел иста песна, Вардар играше, Целје бркаше резултат и на семафорот стоеше 31:24 на 10 минути до крајот. Вардарци ја сочуваа предноста и штиклираа уште една победа која дополнително ги зацврсти на првата позиција која што овозможува избегнување на осминафиналето и директен пласман во четвртфинале.

Со осум гола Душебаев беше играч на мечот, Шишкарјев и Тимур Дибиров дадоа по шест а Игор Карачиќ ја потврди одличната форма со пет погодоци. Кај Словенците Жига Млакар даде осум гола, Блаж Јанц даде четири колку што запиша и Кристијан Бечири.

До крајот на групната фаза од ЛШ, Вардар ќе игра уште два меча. На 4. март ќе гостува кај стариот познаник Мешков Брест, а осум дена подоцна во Скопје доаѓа норвешкиот Кристијанштад кога треба да се удри печатот на билетот за четвртфинале.