Вардар го истури бесот на Крим

По серијата слаби резултати, ракометарките на Вардар конечно го покажаа својот квалитет, овој пат против Крим на гостински терен 29-47. Покрај освоените бодови, Вардарки го срушија и рекордот на постигнати голови на еден европски натпревар во својата клупска историја.

Со трите бода освоени вечерва во Словенија, Вардар сега е трет на табелата со девет бодови. Скопскиот тим сезонава втор пат победи на гостински терен во ЛШ, откако претходно славеше против Подравка во Хрватска.

Црвено-црните уште во првиот дел ставија до знаење дека се дојдени по бодовите и ја оправдаа фаворитската улога. На полувремето водеа со 12 голови предност, 24-12 а останатиот дел од мечот рутински го одиграа.

Осум минути Крим се држеше во игра, но кога Вардар се одлепи на 11-6, Словенките немаа решение за рафалите на Андреа Пенезиќ која го трасираше патот до триумфот. Хрватската репрезентативка даде 7 голови во првиот дел, а Дембеле постигна 5.

Второто полувреме делуваше како тренинг за Вардар, кој само ја „товареше" предноста. По шест минути игра во вториот дел, Вардар замина на +15 голови предност (14-29).

Во последното коло, Вардар ќе има далеку посериозен противник, затоа што во Скопје доаѓа рускиот Динамо Волгоград. Доколку слават на тој дуел, ракометарките на Вардар ќе бидат најмалку трети на табелата и ќе ги чекаат останатите резултати од групата за да стигнат до второто место.