Триколорите не’ отрезнија пред Светското во Катар

Фаворитот број еден за светското злато, репрезентацијата на Франција убедливо ја победи нашата селекција на турнирот во Нант 30:20 . Аргентина претходно го освои третото место, откако го совлада Алжир 21:20.

По одличното издание вчера против Алжир, нашите најдобри ракометари вечерва против Франција не поминаа најдобро пред да заминат за Катар, каде на 16. јануари во петок играат отвораат против Тунис. „Галските петли“ демонстрираа сила и ја оправдаа улогата фаворит на дводневниот турнир Интернасионал во Нант.

Вечерашниот дуел започна со едноминутно молчење во чест на трагично загинатите новинари, по терористичкиот напад во Париз.

Македонија прв и последен пат поведе во втората минута од натпреварот, кога по головите на Кире Лазаров имавме 2:1. Од тој момент, до крајот на првиот дел, домаќините стекнаа предност и не ја испуштија до крајот. Браќата Лука и Никола Карабатиќ со серија од неколку погодоци ја одлепија Франција на 7:2 и по речиси десет минути без гол, нашие го скршија мразот преку Стоилов. Триколорите на полувремето отидоа со највисока предност од 10 голови, 18:8.

Најефикасен во првите 30 минути кај Французите беше Жоли со четири голови, колку што имаше и нашиот капитен Кире Лазаров.

Вториот дел го започнавме со играч помалку, откако Дејан Манасков беше исклучен на самиот крај од првото полувреме. Домаќините тоа го искористија и во еден момент поведоа со 12 голови предност. На крајот конечни 30:20, по што нашата репрезентација го освои второто место на Интернасионал купот во Нант. Лазаров со осум погодоци беше најефикасен играч на дуелот.

И покрај убедливиот пораз, селекторот Ивица Обрван ги проба сите замисли, ги ротираше играчите, кои сигурно имаа што да научат од вечерашниот натпревар.

Македонија на 16. јануари, го отвора СП против Тунис (15:00). Во нашата група се уште и Хрватска, Босна, Австрија и Иран. Мундијалот го отвораат домаќинот Катар и Бразил.