Тоне Металург, нов пораз во Лигата на шампионите

Македонскиот ракометен шампион ја продолжува кризата, која се темели на финансиски проблеми и лоши резултати. По поразите од ПСЖ и Мешков Брест, скалпот им го зеде и Прво Планинаско друштво од Загреб.

За прв пат по подолго време Металург на голот го немаше Дарко Станиќ кој си замина од Автокоманда, а неговото значење во тимот најдобро го покажува податокот кој вели дека неговите замени немаа ниту една одбрана во првите 17 минути од мечот.

Се играше многу цврст, агресивен и неефикасен ракомет во кој Загрепчани постојано беа во минимална предност по првиот дел. Металурзите притискаа за да стигнат до израмнување, но тешко одеа акциите во нападот.

Се чувствуваше отсуството и на стандардните Вугринец и Манасков, а најупорен во нападот беше Атман кој сам се обидуваше да го пробие бедемот на домаќините. На полувреме Забреб имаше 10:8.

Упорноста на македонскиот шампион се исплатеше во 40 минута од мечот, кога конечно се случи израмнувањето преку голот на Ојлевски. Следуваа грешка во нападот на домаќините и одбрана на Митревски во вистински момент. Тоа го наградија Џукиќ и Циндриќ кои го однесоа својот тим на +2.

Отпимизмот на македонскиот шампион се врати, но работите на паркетот за кратко време тргнаа во лош правец за нив, откако по две исклучувања, се најдоа во ситуација со четворица ракометари да ја бранат предноста.

Тимот на Вујовиќ тоа го искористи и се врати во предност со серија од 3:0, а последната голема неизвесност и жестока борба се случи на 5 минути до крајот кога Металург стигна до израмнување 17:17.

Во финишот на средбата беспрекорниот Златко Хорват кој ги погоди сите 7 седмерци на мечот, со два пенали го реши натпреварот за конечни 19:17.

Најпрецизен во нашиот табор беше Лука Циндриќ со 4 голови, а Никола Митревски го заврши мечот со 7 интервенции.

Во следното коло Металург во „Борис Трајковски“ го пречекува тимот на Кил од кој минатата сезона беше елиминиран во четвртфиналето.

11 октомври 2014 - 19:58