Спомените кои нè врзуваат со Вараждин

Фајнл фор турнирот во СЕХА лигата на кој викендов Вардар игра во Вараждин, не врати на едни многу слатки ракометни спомени. Седум години претходно: Втората ракометна сила во светот на колена, Кире 92 гола, Мојсо пее на бина со Наум, Борко стрела од гол на гол.

Десет години по деби настапот во Египет, Македонија во 2009-та го играше вториот ракометен Мундијал кој многу наши навивачи го доживеа во живо, а нашите играа како дома. Тоа беше првиот блесок на генерацијата предводена од Кире, Мојсо, Миркуловски, Борко, Диви и останатите херои предводени од селекторот Илија Темелковски.

Развојот во првата групна фаза одеше вака: Пораз од Тунис 24:25, победа против Алжир 32:19, сензација против Полска 30:29, пораз од Германија 23:33, сензација против Русија 30:26 и со скор од 3 победи и 2 порази пласман во втора фаза.

Полска во Хрватска отпатува како финалист од Мундијалот во 2007-ма, но не знаеше со кого си има работа во третото коло. Капитенот Лазаров блесна до 13 голови, а Диви фати 11 топки.
ТВ репортажа на А1 со изјава на Кире и селекторот Темелковски.

Во најважниот последен меч од групната фаза Македонија ја прегази Русија со што за прв пат во историјата обезбеди пласман меѓу најдобрите 12 селекции во светот. Во 51 минута Борко му фати чиста топка на Дибиров, а Стефче Алушевски погоди со лоб за +7 и делириум во салата Вараждин преполна со македонските навивачи. 9 гола за Кире Лазаров.
(Одбраната на Борко е на 8:43 на видеото)

Македонското знаме на цела трибина

Журка со македонските навивачи пред да го напуштат Вараждин и да се префрлат во Задар каде ги игравме натпреварите од втората групна фаза. Таму ги загубивме сите три натпревари од Норвешка, Данска и Србија и завршивме 11-ти во свет.

Како Борко ги изнасмеа коментаторите на мечот против Србија

Бонус: Кире, Мојсо и Наум Петрески во Вараждин ја пејат „Лихнида кајче веслаше“ качени на бина.

Нека се распејат и Вардарците таму кои инаку бркаат трета титула во региналното ракометно натпреварување.