Шпанија се закити со златен медал

Селекцијата на Шпанија е новиот шампион на 23 Светско ракометно првенство. Со постојано водство и доминација на теренот организаторите на Мундијалот ја декласираа Данска со 35:19.

Иако можеби некои го сметаше за фаворит во финалето, составот на Данска кој е актуелен Европски првак и кој е единствениот тим кој не загуби ниту еден меч на светското во Шпанија, целосно го загуби компасот во палатата Сан Жорди и што поскоро ќе сака да го заборави финалето против домаќинот Шпанија.

Шпанските ракометари мечот го стартуваа фуриозно и по 4 минути игра има водство од 3:0. Данска беше немоќен противник и постојано имаше негатива од 2-3 гола разлика. На 7 минути до крајот на првиот дел домаќините направија предност од +5, а на пауза заминаа со убедливо водство од 18:10.

„Црвената фурија" беше немилосрдна и на стартот на второто полувреме и за 8 минути игра направи недостижна предност од 13 гола разлика. Резултат што ја фрли во вода неизвеснота на големото финале против европскиот шампион.

Настаните на теренот се одвиваа во корист на Шпанија како на филмска лента. Од никаква корист беше тајмаутот на данскиот селектор Улрик Вилбек, затоа што Шпанците потоа имаа водство од +15. Натпреварот не наликуваше на финале, затоа што Данците никако не успеваа барем да ја намалат предноста која постојано беше помеѓу 15 и 17 гола разлика.

Најдобар стрелец на мечот беше Жоан Канела со 7 погодоци, а Валеро Ривера постигна 6. Брилијантна партија имаше голманот кај домаќините Арпад Штербик со 14 одбрани. Предводникот на Данската селекција Микел Хансен имаше очен меч со само 2 погодока.

За Шпанија ова е второ освоено злато, по она во 2005 година, додека на минатиот Мундијал пред 2 години ја освои бронзата.

27 јануари 2013 - 18:45