Ракометна Македонија оди на Европско во Полска

Македонската ракометна репрезентација ќе го продолжи континуитетот на учества на големите натпреварувања, откако вечерва во Скопје ја победи Чешка 32:28 и обезбеди пласман на ЕВРО 2016-та.

Поради големата важност на мечот, нашите ракометари прилично стегнато го започнаа решавачкиот дуел за пласман на Евро 2016 во Полска. Покрај претходно отсутните Ренато Вугринец и Наумче Мојсовски, Македонија вечерва мораше и без Филип Миркуловски, кој во петокот се повреди на тренинг.

Чесите го искористија тоа и од стартот стекнаа водство од еден гол, предност која што ја одржуваа до 17. минута од мечот (6-7).

Тогаш на асистенција на Лазаров, Ѓеорѓиевски израмни на 7-7, но Чешка веднаш ја врати позитивата од два гола (7-9). Се обиде селекторот Обрван со неколку измени да ги разбуди своите избраници, но гостите и натаму не ја испуштаа предноста.

Искуството на нашите ракометари исплива на површина пред финишот на првото полувреме. По одличната одбрана на Борко Ристовски на 5 минути пред крајот на првиот дел, контра истрча Дејан Манасков кој со шестиот гол, а втор по ред направи пресврт 12-11. Веќе тогаш беше јасно дека натпреварот е ефикасен и дека не смее да калкулираме со реми.

Капитенот Лазаров за прв пат ја донесе Македонија на плус 2 во 28. минута од првиот дел, а одбраната на Борко Ристовски еуфорично ја прославија 6.000 навивачи во СЦ. Борис Трајковски. Следуваа два гола на Лазаров и на полувремето Македонија замина со пристојни 15:12.

Второто полувреме, како и првото почна со брзи реализации на двете страни, а Македонија поведе со највисоки 20-16 во 33. минута од мечот. Свесни дека мора да одат на сè или ништо, гостите се одлучија за целосно отворен ракомет, а тоа им донесе намалување на резултатот на 25-23.

Во 53. минута од мечот, преку Здрахала Чесите намалија на 26-25, по што реагираше нашата клупа и повика тајм аут. На пет минути пред крајот, кога најмногу требаше проработе и Филип Лазаров кој со ефектен гол од повеќе од 9 метри зголеми на 29-27.

Кога победникот веќе беше одлучен а Македонија обезбеди пласман на Европското првенство следниот јануари, нашите ракометари во финишот приредија и неколку атрактивни потези за тотална ерупција во салата Борис Трајковски.

Најефикасен играч на мечот беше Кире Лазаров кој иако играше недоволно заздравен, повторно покажа зошто е еден од најдобрите светски ракометари. Лазаров го заврши натпреварот со дури 12 голови, Дејан Манасков постигна 7 голови, од кои дури 6 во првиот дел. На голот блескаше Борко Ристовски со 12 одбрани.