Пораз за ЖРК Вардар во Подгорица

Македонскиот женски ракометен шампион не успеа да извлече позитивен резултат во првото коло од женската ракометна лига на шампиони. Европскиот вицешампион заслужено славеше со 23:17.

Андреа Лекиќ со гол ја отвори новата сезона на ЖРК Вардар во Лигата на шампионите, но доказ дека ова е најтешкото гостување во групата против минатогодишниот финалист, покажаа домаќинките кои направија серија од 5:0.

Нашите ракометарки загубија две топки, Зедиќ одбрани два удари, а Будуќност тоа го искористи со 4 гола од 4 обиди. Кастратовиќ свика тајм аут за да го смири темпото на мечот, но веднаш потоа на семафорот стоеше 5:1.

Вардарки беа 7 минути без постигнат гол, но потоа технички грешки почнаа да прават и домаќинките, а промашија и два пенали. Македонскиот шампион тоа го искористи и намали на 6:4.

ЖРК Вардар пропушти шанса да израмни откако прокоцна два напади по ред и наместо реми, Будуќност стигна до предност од +5. Првата одбрана Суслина ја забележа дури во 20 минута, а Вардар во тие моменти преку Лекиќ стигна до -3, резултат со кој се замина на паузата.

Второто полувреме почна лошо за нашиот тим кој по 10 минути игра губеше со високи 7 голови разлика. Неагу и и Павиќевиќ постигнаа на почеток по два гола, а одлична на голот беше Ждериќ. Недостасуваа повеќе идеи во нападот, а загубените наши топки Црногорките ги претвораа во гол.

Избраничките на Кастратовиќ не искористија многу повеќе шанси во нападот од второто полувреме и не успеаа да ги наградат поголемиот број на одбрани на Суслина која во првиот дел имаше само 2, а во вториот 8 одбрани.

Црногорскиот првак само рутински ја одржуваше високата предност од 6-7 голови разлика која ја имаше во поголемиот дел од второто полувреме, а една од најзаслужните за победата беше Ждериќ кој блесна со 15 одбрани.

Најпрецизна на паркетот беше Павиќевиќ со 7 подогоци, а во нашиот тим Лекиќ се издвои со 4 гола. Во второто коло ЖРК Вардар на 25 октомври ја пречекува екипата на Турингер.

19 октомври 2014 - 20:38