Отвораме против Словенците, со светскиот првак на крај

Со внимание ја следевме синоќешната ждрепка за Европското првенство кое следната година ќе се игра во Хрватска. Се знае и распоредот кога ќе ги бодриме нашите ракометари.

Различни се коментарите по ждрепката во Загреб. Никој категорично не може да тврди дали сме поминале лесно или тешко, но едно е сигурно: со нетрпение очекуваме Европското да почне за да навиваме од лице место во сала или крај тв екраните.

Куглата со името на Германија во нашата група Ц ја извлече словенечкиот претставник Гашпер Маргуч кој беше еден од задолжените за ждрепката (заедно со Норвежанецот Кристијан Саверас, Унгарецот Гергели Харсањи и Хрватот Игор Вори).

Во тој момент дознавме дека за противник ќе го имаме актуелниот светски шампион. Но што е тука е.

„Не сакам било кој да нè става во улога на фаворит или да нè праќа во следната фаза. Ждрепката ни донесе тоа што најмалку сакавме, а тоа е да се бориме со две екипи од некогашна Југославија. Но од друга страна сум задоволен што ни паднаа Македонија и Црна Гора отколку да ни паднеа Шведска и Данска. Во групата е и Германија која ни е стар должник“, ја коментираше ждрепката стариот лисец Веселин Вујовиќ, омилениот лик во македонскиот ракомет.

Македонија отвора на 13. јануари токму против Словенија. Два дена подоцна, на 15. јануари играме против Црна Гора, а за карј на 17-ти со Германија. Во втората фаза во Вараждин ќе одат првите три селекции кои ќе врзат со групата Д каде се Шпанија, Унгарија, Чешка и Данска.

Покрај Загреб, првенството ќе се игра уште и во Сплит, Пореч и Вараждин.