Немоќен, непрепознатлив и потиштен Металург

Македонскиот ракометен шампион продолжува да тоне сезонава во ракометната Лига на шампиони. Бундеслигашот Кил беше немилосрден во „Борис Трајковски“ и му го нанесе еден од најтешките порази на тимот од Автокоманда со 15 голови разлика.

Четири меча, четири порази за ракометарите на Металург кои полека ги губат надежите за нов пласман во нокаут фазата од највалитетното клупско европско ракометно натпреварување.

Со кам бекот на Вугринец Металург беше комплетен, а во составот ги имаше и првотимците Мојсоски, Миркуловски и Манасков кои пред два дена се жалеа на вирус. Но тоа не му помогна на Лино Червар кој го забележа најтешиот пораз откако е на кормилото на овој тим, (27:42).

Германците уште во првите 30 минути практично го решија мечот откако направија висока предност од 22:15. Играа брзо и многу ефикасно без ниту една грешка во нападот, а најсилното оружје на Червар, одбрана, никаде ја немаше.

Отсуството на Станиќ повторно се покажа како огромен проблем за Металурзите, бидејќи голманите Митревски и Коциќ имаа само по една интервенција во првото полувреме.

Маките за Металург во вториот дел се зголемуваа од минута во минута. Одбраната не профункционира, а со брзата транзиција ракометарите на Кил функционираа како машина, постојано нижеа голови и го зголемуваа водството. 

За само 7 минути игра во второто полувреме гостите имаа недостижни +12, предност која со вечерашната игра Металурите ниту во еден момент не успеаа да ја намалат барем на едноцифрен број. Ракометарите на Металург имаа 21 загубена топка, а потиштените лица во „Борис Трајковски“ барем за момент успеа да ги расположи Ванчо Димовски кој набрзина успеа да постигне 6 погодоци и да изнуди аплаузи.

Кил и покрај високата предност продолжи да го дотолчува немоќниот Металург, а најрасположени за игра беа Дувњак со 8 и Вуин и Канелас со по 7 погодоци. Во нашиот тим Коциќ го заврши мечот со 7 одбрани, Митревски со 2, а по Димовски најпрецизни беа Вугринец со 5 и Атман со 4 голови.

Следното коло Металург на гостински терен игра против Ла Риоха на 16 ноември.

18 октомври 2014 - 22:43