На победа против Чешка за пласман и поволна ждрепка на Европско

Во последното шесто коло од квалификациите за ЕП 2018, Македонија во недела од 20:45 ќе го брка четвртиот пласман на Европските првенства.

Ракометот е спорт број еден во земјава. Доказ за тоа се учествата на дури седум големи натпреварувања. За четвртото Европско нашите момци во недела вечер ќе треба да ја совладаат Чешка пред преполната сала „Борис Трајковски“.

Македонија има вкупно пет бода, Чешка е лидер со шест, а од нашата група уште и Исланд ќе се сретне со Украина. Каква е математиката пред последната рунда?

- Во случај Украина да го победи Исланд на гости, Македонија со победа над Чешка оди со Украина на Европското.

- Во случај Исланд да ја победи Украина, тогаш нам ни одговара и реми за да одиме на ЕП заедно со Чесите.

- Во случај Исланд и Украина да ремизираат, исто ни одговара бод за како втори да одиме на Европското заедно со лидерот Чешка. Отворена опција е и да се оди на Европско како најдобар третопласиран. На селекцијата која што ќе ја има таа привилегија ќе и се бројат резултатите со првите две репрезенации во групата.

Освен пласманот на ЕП, победа би и донела на Македонија и поволен ждреп за собирот во Хрватска следната година. Ждрепката ќе се одржи на 23. јуни во концертната сала „Ватрослав Лисински“ во Загреб, а Европското ќе се игра од 12 до 28 јануари во повеќе хрватски градови.